У.бр.63/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“бр.70/1992), на седницата одржана на 10 февруари 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлуката за донесување на измена и дополнување на Детален урбанистички план за дел од „Центар“, дел од УБ 1, УМ 1 и 2, за урбанистичка парцела број 80-а во Oпштина Штип, бр.07-8702/1, донесена од Советот на Општина Штип на 10 декември 2012 година.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на согласноста на одлуката означена во точката 1 од ова решение со Правилникот за стандардите и нормативите за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“бр.142/2010 и 64/2011).

3. ЕЛМАР АД од Штип, преку адвокат Панче Докузов од Штип, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, како и за оценување на согласноста на оспорената одлука со правилникот означен во точката 2 од ова решение.

Во иницијативата најнапред се наведува дека „подносителот на иницијативата ЕЛМАР АД Штип, како еден од поголемите сопственици на објекти во Трговскиот центар-Штип, по извршеното излагање на Нацртот на ДУП за ТЦ-Штип спроведено на 27 април 2012 година, незадоволен од направените измени на Планот, согласно законските овластувања, во благовремен рок, до Општината Штип доставил анкетен лист со своите забелешки на Нацрт планот.“ Забелешките се однесувале на следното:1.висината на објектот не била усогласена со конфигурацијата на теренот и се ограничувала на максимум 16,00 м.; 2.на задниот дел од постојниот објект не се предвидувало зголемување на катноста, туку измените се однесувале само на предниот дел од објектот; 3.при планирањето не било земено предвид дека во централниот дел постои аула која технички не можела да се надгради и дека ќе останела затворена од сите четири страни како мртов простор со реални проблеми околу одводнувањето и одржувањето на покривот; 4.не биле земени предвид бесправно изградените објекти под и над земја кои објективно припаѓале на оваа урбанистичка парцела. Но, во извештајот од јавната анкета немало образложение зошто конструктивните забелешки на ЕЛМАР АД Штип не биле прифатени од сручната комисија формирана од градоначалникот на Општина Штип, ниту пак Комисијата писмено го известила ЕЛМАР за судбината на забелешките, што било нивна законска обврска, поради што оспорената одлука не била во согласност со член 22 и член 24 став 8 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Во иницијативата понатаму се наведува дека подносителот на иницијативата направил споредба и на Нацрт-планот, од една страна, со Изводот од план бр.424 кој бил издаден врз основа на оспорената одлука, од друга страна, при што смета дека постои разлика меѓу Нацрт-планот и донесената одлука во следните делови: 1.паркирањето и гаражирањето: Нацртот не го конкретизирал бројот на паркинг места, а Изводот на планот определувал дека потребниот број на паркинг-места ќе се утврдел со проектна документација, поради што оспорената одлука не била во согласност со членовите 59 и 61 од Правилникот за стандардите и нормативите за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.142/2010 и 64/2011); 2.нумеричкиот дел: Нацртот определувал дека површината на парцелата и просторот за градење изнесуваат 3.267,22 м2, а вкупно изградената површина на сите катови 9.801,65 м2, додека во Изводот на планот било определено дека површината на парцелата и на просторот за градење изнесуваат 3.094,65 м2, а вкупно изградената површина на сите катови 9.456,50 м2. Во врска со тоа, подносителот на иницијативата наведува дека „овие разлики во измените на ДУП-от не се внесени во планот врз основа на нечија забелешка нотирана во анкетен лист или барање, туку исклучиво „конспиративно“ по субјективна оценка на оние кои ја организирале јавната презентација и на оние кои донеле противзаконита одлука.“ Во иницијативата на крајот се наведува: „Со оглед на тоа што горепрезентираните дополнувања не биле предвидени во Нацрт-планот, а биле ставени во донесената одлука за измена и дополнување на планот, при што тоа не е направено по некоја забелешка, туку без неа, на граѓаните не им била дадена можност да стават забелешки на пост фестум направените урбанистички решенија и да го остварат правото на уредување на просторот, вклучително и на фирмата ЕЛМАР АД Штип.“

Подносителот на иницијативата предлага укинување на оспорената одлука а, претходно, донесување на решение за привремено запирање од извршување на акти поврзани со Одобрение за градење од Градоначалникот на Општина Штип бр.УП 1 бр.17/14-259 од 29 декември 2014 година, за да се спречи настанување на тешко отстранливи последици.

4. Судот на седницата ја утврди следната фактичка состојба:

а/во врска со наводите во иницијативата дека не било дадено образложение по забелешките на ЕЛМАР изнесени во анкетниот лист и дека ЕЛМАР не бил писмено известен за наводите во анкетниот лист:
– на 7 мај 2012 година во Општина Штип е примен Анкетен лист по Нацрт-ДУП за урбанистичкиот зафат УБ 1, УМ1 и 2, за УП 80-а, поднесен од ЕЛМАР АД Штип (арх.бр.0302-39 од 07.05.2012 година) и евидентиран во Општината под бр.17-2370/13; Во него се изнесени четирите забелешки на кои укажува ЕЛМАР во иницијативата до Уставниот суд;
– на 18 мај 2012 година Стручната комисија на Општина Штип изготвила Извештај од извршена јавна анкета и јавна презентација, бр.0701-2370/13; Во врска со забелешките на ЕЛМАР изнесени во Анкетниот лист, во Извештајот се наведува „Комисијата на ден 18.05.2012 година ги разгледа забелешките дадени од ДТП ЕЛМАР и заклучи: Забелешките не се прифаќаат: 1.Мах висина е дефинирана со претходниот ДУП во однос на пристапните улици; 2.со новиот предлог се зголемува висина на П+2 на страната према река Отиња и со тоа се постигнува висина од 16,00 м. од сите пристапни улици; 3.централниот дел исто така ја има висината од 16,00 метри, а техничкото решение ќе биде предмет на Основниот план; 4.бесправно изградените објекти се надвор од парцелата и не се предмет на планирање со овој план.“
– на 21 мај 2012 година Општината Штип доставила допис до ДТП ЕЛМАР Штип, бр.0701-2370/13, во кој се наведува дека „Во прилог на писмото Ви го доставуваме Извештајот од … Стручната комисија за разгледување на забелешките од јавна презентација и јавна анкета по Нацрт-Планот за измена и дополнување на ДУП за дел од „Центар“ дел од УБ 1, УМ1 и 2, за урбанистичка парцела број 80-а, општина Штип.“

б/во врска со наводите во иницијативата дека постоела разлика меѓу Нацрт-планот и Изводот од план бр.424 кој бил издаден врз основа на оспорената одлука:

– во Извештајот од извршената јавна анкета и јавна презентација, бр.0701-2370/13 од 18 мај 2012 година, се наведува дека „за времетраењето на јавната презентација и јавната анкета има пристигнато еден анкетен лист од ДТП ЕЛМАР “;
– на 9 октомври 2012 година во Општина Штип бил примен допис од Министерството за транспорт и врски бр.16-18533/2, евидентиран во Општината под бр.07-2370/23, насловен како неиздавање согласност и враќање документација, при што во дописот се наведува „По разгледувањето на Предлог-планот и документацијата приложена кон барањето за добивање на согласност, Министерството за транспорт и врски Ве известува дека не ја издава бараната Согласност и ја враќа документацијата за да се отстранат следните недостатоци и забелешки: … 5.Во графичките прилози од Планската документација да се прикаже постојниот пасаж од ул.„Ванчо Прке“; 6.Да се изземе планираната градба над планираната собирна улица „Ванчо Прке“ бидејќи е спротивно на член 15 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“бр.142/2010, 64/2011, 98/2011 и 169/2011);“ … „По усогласувањето на Предлог-планот со Законот и подзаконските акти, како и по постапувањето по забелешките од овој допис, Предлог-планот треба да се достави на согласност до Министерството за транспорт и врски со што ќе продолжи постапката за негово донесување“;
– на 23 ноември 2012 година, по повторното обраќање на Општината до Министерството заради добивање на согласност, во Општина Штип била примена Согласност од Министерството за транспорт и врски бр.16-21507/2, евидентирана во Општината под бр.07-2370/25, во која покрај другото се наведува дека постои Извештај од јавна анкета и јавна презентација по планот бр.0701-2370/13 од 18 мај 2012 година.

Според член 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011 и 53/2011), кој важеше во време на донесувањето на оспорената одлука, „по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село, и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета“ (став 1); „За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај“ (став 3); „Извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање“ (став 7); „Извештајот од ставот 7 на овој член е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот“ (став 8); „Врз основа на извештајот, комисијата од ставот 7 на овој член е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози“ (став 9).

Од изнесените законски одредби произлегува дека општината спроведува јавна презентација и јавна анкета по нацрт детален урбанистички план, дека за тие фази на постапката се изработува извештај од стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, дека во извештајот од јавната анкета се изнесува образложение за прифатените и неприфатените забелешки и дека таквиот извештај е составен дел од одлуката за донесување на предлогот на планот, а потоа стручната комисија доставува писмено известување до секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози.

Во конкретниот случај, подносителот на иницијативата ЕЛМАР АД Штип дал забелешки на Нацрт-планот, на тие забелешки сручната комисија на Општината дала одговор така што тие забелешки не ги прифатила и за тоа изработила Извештај бр.0701-2370/13 од 18 мај 2012 година, кој потоа на 21 мај 2012 година бил доставен до ЕЛМАР АД Штип. Оттука, Судот оцени дека, во врска со тие аспекти на постапката на донесувањето на Одлуката, таа е донесена во согласност со наведените законски одредби, поради што Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на Одлуката со Законот.

5. Во однос на другите наводи во иницијативата, за постоење разлика во површината на просторот за градење и вкупната површина на сите спратови на објектот определена во Нацрт-планот и онаа површина определена во оспорената одлука, имајќи ги предвид наводите во дописот на доносителот на оспорената одлука и приложените документи дека разликата е поради пасажот кој што во претходниот ДУП е земен како површина за градење а тоа според Министерството за транспорт и врски не требало да се мери и дека поради тоа еднаш не била дадена согласност, како и дека во Извештајот од извршената јавна презентација и јавна анкета се наведува дека бил поднесен само еден анкетен лист, оној од ЕЛМАР АД Штип, произлегува дека спорната разлика не е последица на забелешка од јавна анкета, ниту пак на субјективна оценка на доносителот на Одлуката, како што смета подносителот на иницијативата, туку на укажување на Министерството за правилна примена на Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, поради што Судот утврди дека ни од тие аспекти не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со Законот.

6. Во врска со наводите во иницијативата дека оспорената одлука не била во согласност со одредбите од Правилникот за стандардите и нормативите за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“бр.142/2010 и 64/2011), Уставниот суд, според член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, не е надлежен да ја оценува согласноста на општите акти на единиците на локалната самоуправа со подзаконските прописи донесени од органите на државната управа. Поради тоа, Судот утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата во тој дел.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.63/2015
10 февруари 2016 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева