63/2014-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 2 јули 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план за УЗ 12, УБ 12.1, општина Охрид, плански период 2010-2015, број 07-5280/44 од 23 септември 2013 година, донесена од Советот на општина Охрид, објавена во „Службен гласник на општина Охрид“ бр. 13 од 25 септември 2013 година.

2. Богоја Ангелкоски, застапуван од Оливер Наумоски од Охрид ,до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, со оспорената одлука се повредувале темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија предвиден во член 8 став 1 алинеи 3 и 6 од Уставот, како и правото на сопственост загарантирано во член 30 од Уставот, Законот за просторно и урбанистичко планирање и Законот за градење.

Подносителот на иницијативата наведува дека бил сопственик на недвижен имот на КП.бр.5382/1 на ул.” Сирма Војвода” на основа договор за купопродажба на недвижен имот – Нотарски акт ОДУ бр.506/10 од 23.09.2010 година и тоа на земјиште под зграда 67 мкв и дворно место 143 мкв врз која парцела била изградена индивидуална станбена зграда и тоа: сутерен 55 мкв, приземје 63 помошна просторија балкон лоѓија на приземје 9 мкв кат 1 површина од 11 мкв, запишани во имотен лист бр.90158 за КО Охрид 4.Новата градежна парцела според планот била нумерирана со број 12.1.67.

Недвижниот имот – индивидуална станбена зграда била изградена во 1975 година на основа Одобрение за градба бр.03-2810 од 20.06.1975 година кое било добиено на основа технички проект со број 73/75 со спратна висина СУ+ПР+КАТ и истата била последна во низот од индивидуални станбени згради на северозападната страна.

Со донесениот урбанистички план на делот на парцелата на подносителот на северозападниот дел од дворното место на подносителот била предвидена улица која била проектирана непосредно до северозападниот ѕид од сутеренот на објектот на подносителот, а под западниот еркер на објектот.

Ваквото урбанистичко решение, според наводите во иницијативата било спротивно на Законот за градба и Законот за просторно и урбанистичко планирање и со донесената одлука за урбанистичкиот план за овој дел се загрозувал општиот и јавниот интерес за хуманизација на просторот.

Исто така, со оваа одлука било нарушено стекнатото право на граѓаните и истото било донесено спротивно на член 3 и член 3-а од Правилникот застандарди и нормативи на просторот („Службен весник на РМ“ бр.2/2002 и 50/2003).

При повикот за јавно излагање на нацрт планот во просториите на општината на подносителот не му била дадена можност да учествува во излагањето од причини што истиот живеел во САД и не бил воопшто известен за јавната расправа и јавното излагање на планот кое се објавува само во локалните медиуми.

Со ова не му била дадена ни можност да овласти некого да учествува во излагањето и да стави забелешка, за ново проектираната улица која му поминува под неговите еркери и балкони низ дворното место на запад прилепена за северозападниот ѕид од сутеренот.

Со вака донесениот урбанистички план на подносителот му се ускратувала можноста за изградба на поткровје.

Во самиот извод од Урбанистичкиот план стоело дека на Градежната парцела нумерирана како 12.1.67 од северозападната страна да не се отворале регуларни отвори.

Делот од деталниот план за градежната парцела 12.1.67 бил нелогичен и незаконит и истиот бил спротивен со фактичката состојба на лице место.

Прозорите на подносителот биле токму на оваа северозападна страна, а заради проектирање на нова улица стекнатите права на подносителот според претходниот детален урбанистички план му биле ускратени.

Поради наведените причини, Одлуката за донесување на урбанистички план бр.08-5280/44 за УЗ 12, урбан блок 12.1 општина Охрид плански период 2010-2015 била спротивна на Законот за просторно и урбанистичко планирање и спротивна на Законот за градење, бидејќи новопроектираната улица била прилепена на северозападниот ѕид од сутеренот на подносителот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 1 од оспорената одлука се донесува Детален урбанистички план за УЗ 12, урбан блок 12.1,општина Охрид, плански период 2010-2015.

Во член 2 од истата одлука се предвидува дека со овој урбанистички план се опфаќа простор со површина од 7.02 ха.. Просторот на планскиот опфат по Деталниот урбанистички план за УЗ 12, урбанблок 12.1, општина Охрид, плански период 2010-2015 е опфат на границите: Ул. „Јане Сандански“, Ул. „Сирма Војвода“ и Ул. „Карпош Војвода“.

Согласно член 3 од Одлуката Деталниот урбанистички план за УЗ 12, урбанблок 12.1, општина Охрид, плански период 2010-2015, изработен од „Пологпроект“ ДОО Гостивар со техничкиброј 14/10 од јуни 2013 година содржи:
– планиран развој – текстуален дел и графички прилог,
– документациона основа со текстуален дел и графички
прилози.

Според член 4 од оспорената одлука Деталниот урбанистички план за УЗ 12, урбанблок 12.1, општина Охрид, плански период 2010-2015 се заверува со потпис и печат на претседателот на Советот на општина Охрид.

Член 5 од Одлуката предвидува дека Детален урбанистички план за УЗ 12, урбанблок 12.1, општина Охрид, плански период 2010-2015, се чува, следи и реализира во Секторот за урбанизам, заштита на животна средина и комунален развој.

Со член 6 од Одлуката се предвидува дека оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во„Службен гласник на општина Охрид“.

4. Во фаза на претходна постапка од извршениот увид во списите кои беа доставени од доносителот на оспорениот акт, Судот ја утврди следната фактичка состојба:

– Планска програма за Деталниот урбанистички план за УЗ 12, брлок 12.1 – Охрид, изготвена од ДПУП „Полог проект – про“ ДОО Гостивар, јули 2010 година.

– Стручна ревизија за Деталниот урбанистички план за УЗ 12, блок 12.1 Охрид, нацрт-планот 2009-2014, техн. бр.2271/10, изготвена од АД за урбанизам, архитектура и инженеринг „ЗУАС“ – Скопје,

– Извештај за стручната ревизија,

– Одговор по стручна ревизија на Деталниот урбанистички план за УЗ 12, брлок 12.1 Охрид, Нацрт-планот 2010-2015 од ДПУП „Полог проект – про“ ДОО Гостивар, септември месец 2010 година,

– Решение заформирање на комисија бр.09-382/5 од 13 септември 2010 година, донесена од градоначалникот на општина Охрид,

– Мислење на Комисијата за нацрт – план плански период 2010-1015 – Детален урбанистички план за УЗ 12, блок 12.1,

– Одговор по мислење на Комисијата од ДПУП „Полог проект – про“ ДОО Гостивар, ноември месец 2010 година.

– Соопштение за организирање на јавна анкета и јавна презентација за нацрт ДУП за УЗ 12, блок 12.1 општина Охрид, 2010-2015, бр.09-382/8 од 8 декември 2010 година, донесено од Градоначалникот на општина Охрид, според кое јавната анкета и јавната презентација за нацрт-планот ќе трае од 10.12.2010 година заклучно 24.12.2010 година и јавната презентација ќе се одржи во големата сала на општина Охрид на ден 16.12.2010 година со почеток во 12.00 часот.

– Наведеното соопштение било објавено во весникот „Нова Македонија“ на 10 декември 2010 година, како и на програмата на Радио Охрид.

– По повод поканата за стручна консултација за Нацрт-планот, свое мислење не доставиле ЕВН Македонија, МЈП „Проаква“ – Струга РЕ „Водовод“ Охрид, Дирекција за зашита и спасување, Министерство за животна средина и просторно планирање,

– Записник бр.09-382/11 од 16.12.2010 година од јавната презентација на Нацрт планот,

– Извештај од спроведената јавна анкета и јавна презентација по нацрт-планот се дадени и прифатени, делумно прифатени и неприфатени забелешки.

– Мислење на Министерството за култура – Управа за заштита на културното наследство, бр.17-251/6 од 27.07.2011 година.
– Согласност од Министерството за транспорт и врски, бр.14-7305/1од 24.07.2013 година.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3, 6 и 10 од Уставот на Репу-блика Македонија владеењето на правото, правната заштита на сопственоста како и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се темелни вредности на уставниот поредок на Републиката.

Со членот 30 став 1 од Уставот се гарантираат правото на сопственост и правото на наследување. Според ставот 2 на овој член, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за доброто на поединецот и заедницата, а според ставот 3 никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесувањето на плановите, како и другите прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” 51/2005, 137/2007, 151/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011 и 53/2011).

Во членот 3 од наведениот закон е утврдено дека изработувањето, донесувањето и спроведувањето на Просторниот план на Република Македонија и на урбанистичките планови се работи од јавен интерес.

Видовите и содржината на плановите, како и постапката за нивно изработување и донесување се уредени во посебен дел од Законот означен со II. И насловен како “Планирање на просторот”, кој ги опфаќа членовите од 7 до 48.

Согласно член 7 од Законот, во зависност од просторот кој е предмет на планирањето, се донесуваат следниве планови:

1) Просторен план на Република Македонија и
2) урбанистички планови:
– генерален урбанистички план,
– детален урбанистички план,
– урбанистички план за село и
– урбанистички план вон населено место.

Согласно член 11 ставовите 1 и 2 од Законот, детален урбанистички план, се донесува за плански опфат за кој е донесен генерален урбанистички план. Деталниот урбанистички план содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија на опфатот, како и нумерички дел со билансни показатели за планскиот опфат и за инфра-структурата.

Според одредбата од членот 21 став 1 од Законот, на нацртот на плановите од членот 7 на овој закон се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Согласно став 5 на истиот член, забелешките од стручната ревизија се вградуваат во нацртот на планот, а изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по забелешките на стручната ревизија, до органот надлежен за донесување на планот. Стручната ревизија и извештајот за постапувањето по забелешките од стручната ревизија се составен дел на планот.

Согласно член 22 став 1 од Законот, плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план.

Во член 24 од Законот, се утврдува дека по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета (став 1). Организирањето на јавната презентација и јавната анкета на плановите од став 1 на овој член го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредување на просторот (став 2). За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај (став 3). Јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови (став 4). Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината (став 5). Според став 6 на овој член, извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање. Според став 7 на овој член од Законот, извештајот е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот, а согласно ставот 8 на истиот член, врз основа на извештајот, комисијата е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози (став 9).

Во членот 24 став 10 од Законот утврдено е дека времето и местото каде ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со сопштение во јавните гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположба и површина на опфатот на планот.

Според член 25 став 1 од Законот, на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, изработени во форма на нацрт на план се дава мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, заради согледување на степенот на усогласеноста на плановите со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Во ставот 2 на овој член од Законот утврдено е дека на плановите изработени во форма на предлог на план се дава согласност од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека плановите се изработени согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Согласно член 31 став 1 од Законот, при изработување на плановите од членот 7 точка 2, архитектонско урбанистичкиот проект државна урбанистичка планска документација и локална урбанистичка планска документација, задолжително се применуваат стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, со кои се уредуваат основите за рационално планирање, уредување и користење на просторот, заради создавање на услови за хумано живеење и работа на граѓаните.
Тргнувајќи од наведените законски одредби, а имајќи ја предвид доставената документација за донесување на оспорената одлука и утврдената фактичка состојба, произлегува дека во текот на донесувањето на оспорениот детален урбанистички план биле испочитувани сите фази на постапката предвидени во Законот за просторно и урбанистичко планирање, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со одредбите на Уставот на Република Македонија и Законот за просторно и урбанистичко планирање, како што се наведува во иницијативата.

Наводот во иницијативата дека со донесениот урбанистички план на делот од парцелата на подносителот на иницијативата на северозападниот дел од дворното место била предвидена улица која била проектирана непосредно до северозападниот дел од сутеренот на објектот на подносителот и ваквото решение било спротивно на Законот за просторно и урбанистичко планирање и Законот за градење, според Судот е неоснован. Ова од причина што од увидот во доставената писмена документација од доносителот на актот, неспорно произлегува дека планираната сообраќајна мрежа е во согласност со предвидената во Генералниот урбанистички план, Охрид 2002-2012 според кои бидејќи од предметната улица не е дозволен влез во градежните парцели, биле предвидени, односно планирани улици.

По однос на наводот во иницијативата дека подносителот на иницијативата не бил во можност да присуствува на јавната презентација и јавната анкета бидејќи живеел во САД, Судот оцени дека е неоснован.

Имено, ова од причина што доносителот на актот во текот на претходната постапка постапувал во рамките на овластувањата предвидени во Законот за просторното и урбанистичко планирање. Од увидот во списите содржани во предметот неспорно произлегува дека при донесување на оспорената одлука, Советот на општина Охрид во целост ги испочитуал сите фази на донесување на Деталниот урбанистички план, а исто така постапил и во смисла на член 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, со оглед што соопштението за организирана јавна анкета и јавна презентација за конкретниот план било објавено во дневниот весник „Нова Македонија“ на ден 20 декември 2010 година и истовремено истото било објавено и на локалното радио „Радио Охрид“. На наведениот начин граѓаните имале можност да се информираат за тоа каде и кога можат да извршат увид и да добијат информација за планот, како и да достават предлози и забелешки на истиот. Оттука, неосновани се наводите на подносителот на иницијативата дека доносителот на актот – општина Охрид при донесувањето на оспорената одлука постапувала спротивно на член 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Наводот дека подносителот на иницијативата не живее во Република Македонија и истиот не бил во можност да се запознае со планот, не може да ја доведе под сомнение основаноста на оспорената одлука по однос на наведените одредби од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Според Судот, ирелевантни се наводите во иницијативата по однос на намената на објектите предвидена во оспорениот план, од причини што овие забелешки се однесуваат на содржината на Деталниот урбанистички план, кое што прашање е од технички карактер и не се однесува на правните аспекти на постапката за донесување на планот. Оценката на стручно-техничките прашања и аспекти на планот излегува од границите на надлежноста на Уставниот суд кој ја цени само постапката за донесување на урбанистичкиот план, а не и неговата содржина.

Параметрите за стандардите и нормативите за урбанистичко планирање се утврдени со Правилник, при што Уставниот суд не е надлежен да се впушта во оцена на Деталниот урбанистички план во однос на подзаконски акт од причина што за примената на подзаконските акти се грижи и ги спроведува изработувачот на планот како и органот надлежен за давање на согласност на планот.

Наводите на кои се укажува во иницијативата по однос на повредата на правото на сопственост на недвижен имот – земјиште и индивидуална станбена зграда, не може да биде предмет на оценување во оваа постапка. Ова од причина што со Законот за просторно и урбанистичко планирање ја уредува само постапката, односно фазите на донесување на Деталниот урбанистички план, а Уставниот суд единствено треба да го има во вид уредувањето и хуманизацијата на просторот и унапредувањето на животната средина и природата како темелни вредности определени со Уставот кое претставува посебен интерес за Републиката за негово непречено остварување.

Правото на сопственост, на што како спорен момент се укажува во предметната иницијатива, се стекнува според закон, врз основа на правна работа и со наследувње (член 112 од Законот засопственост и другистварни права).

Во одредбите на член 156 до 163 од Законот за сопственост и други стварни права се содржани правилата за заштита на правото на сопственост. Овие законски одредби за заштита на правото на сопственост (156 – 163) се однесуваат на т.н. стварна правна заштита на правото на сопственост која се постигнува само и исклучиво преку сопственичките тужби, преку кои се изведува контрадикторна доказна постапка и врз основа на која се утврдува фактичката состојба, со цел за правилна примена на материјалното право.

Од наведеното јасно произлегува дека во постапката за донесување на Деталниот урбанистички план не може да се утврдува правото на сопственост, туку истото се утврдува во редовна постапка, пред надлежен суд, иницирана со сопственичка тужба. Ова, дотолку повеќе што, околноста на која се укажува во иницијаивата не може да биде правна пречка за урбанистичкото планирање кое во својата суштина претставува план, а не реална реализација на терен и располагање со имот. Тоа поточно значи дека Уставниот суд не се впушта во оценка на уставноста од аспект на тоа дали е повредено правото на сопственост при планирањето бидејќи кога станува збор за урбанистички планови Уставниот суд ја цени само валидноста на постапката за нивно донесување.

Од изнесената правна и фактичка состојба произлегува дека оспорената одлука е донесена во целост во постапка како што е предвидена со одредбите на Законот за просторно и урбанистичко планирање, односно истата неможе да се доведе под сомнение по однос на нејзината согласност со Уставот и со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.63/2014
2 јули 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева