63/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 7 јули 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Спогодба за регулирање на меѓусебните права и обврски помеѓу Општина Вевчани и Месната самоуправа Октиси за водоснабдување на населеното место Октиси, склучена помеѓу Општина Вевчани и Месната заедница Октиси.

2. Занатската задруга “Печалбар” Вевчани, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на Спогодбата означена во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата водата како природно богатство била добро од општ интерес и уживала посебна заштита поради што користењето како и управувањето со водостопанските објекти можеле да се отстапат само со закон.

Оспорената спогодба не била во согласност со Уставот и со Законот за локалната самоуправа затоа што советите на Општина Струга и Општина Вевчани немале акт со кој се уредуваат меѓусебните односи во врска со водоснабдувањето на двете општини од заедничкиот регионален систем Вевчани-Октиси, како и дека спогодбата ја потпишале само градоначалникот на Општина Вевчани и претседателот на месната самоуправа Октиси.

Во иницијативата се укажува и на тоа дека непостоел делбен биланс помеѓу старите и новите општини па според тоа не можело со сигурност да се тврди дека водоводниот систем Вевчани-Октиси припаѓа на Општина Струга или Општина Вевчани. Не била постигната ниту спогодба согласно членот 9 од Законот за регулирање на односите помеѓу новите и единиците на локалната самоуправа од кои произлегувале, ниту имале постигнато и склучено спогодба согласно членот 16 од Законот за комунални дејности, поради што двете страни не можеле да преземаат било какви дејствија во оваа смисла, односно да ги уредуваат правата и обврските за водоснабдување на регионален карактер.

Имајќи предвид дека регионалниот систем за водоснабдување, со договор, бил отстапен на трајно управување и стопанисување на З.З. “Печалбар” – Вевчани, а овој договор не бил поништен или укинат, ниту оспорен пред надлежен суд не било допуштено склучување на оспорената спогодба поради што и од овој аспект Спогодбата не била во соглансост со Уставот и закон.

3. На седницата Судот утврди дека со Спогодбата се уредуваат правата и обврските на Општина Вевчани и Месната самоуправа Октиси во врска со водоснабдување со вода за пиење на населеното место Октиси. Според членот 2 од Спогодбата двете страни се спогодиле Општина Вевчани редовно да испорачува вода за пиење во населеното место Октиси преку постојниот водовод 160 ММ од каптажата во Вевчани до катастарската граница помеѓу Вевчани и Октиси.

Во членот 3 од Спогодбата е предвидено дека евидентирањето и контрола на испорачаната вода за пиење ќе се врши преку мерниот инструмент, кој е инсталиран од страна на Општина Вевчани во близина на Здравствениот дом. Мерниот инструмент ќе го одржува ЈП “Еремија”-Вевчани. Мерниот инструмент ќе се чита еднаш месечно во присуство на двете страни, потписници на Спогодбата, а според член 4, Општина Вевчани се обврзува водоснабдувањето на населеното место Октиси да го извршува од постојните количини на вода, сразмерно на бројот на потрошувачите.

Во членот 5 е определена цената на испорачаната вода на излезот од мерниот инструмент (3 денари по м3), начинот на усогласувањето на цената на водата, во зависност од трошоците за одржување на објектот, трошоци за подобрување на квалитетот на водата и инвестиционите вложувања во објектот за подобрување на квалитетот на водата (филтри, озонатори и друго), како и на заштитните зони околу каптажата на резервоарот. Во членот 6 од Спогодбата е уредено прашањето за промена на цената на водата, а според членот 7, обврската за плаќање на сметката за потрошената вода за пиење ја презема МЗ Октиси, дека плаќањето ќе се врши на сметка на Фондот за комунални дејности на Општина Вевчани, во рок од 15 дена по доставување на фактурата, а за неплаќање на водата ќе се постапи согласно позитивните законски прописи.

Во членот 8 од Спогодбата е предвидено дека МЗ Октиси, со посебна одлука ќе овласти претпријатие или физичко лице кое ќе стопанисува со водоводниот систем во село Октиси.

Според членот 9 од Спогодбата како момент на почеток на оперативното спроведување на Спогодбата се определува 15 февруари 1999 година, на кој ден заедничка комисија треба да излезе на лице мсто да го проверат мерниот инструмент и утврдат состојбата на истиот.

И на крајот, според членот 10 од Спогодбата, во случај на спор по било кое прашање од Спогодбата ќе биде формирана арбитражна комисија за разрешување на спорот.

Спогодбата е потпишана од градоначалникот на Општина Вевчани и претседателот на Месната заедница Октиси.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија, помеѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот, за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Согласно член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето или ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Од содржината на оспорената спогодба Судот утврди дека не претставува пропис, туку акт со кој се уредува испораката на вода за пиење меѓу два субјекта, поради што, имајќи ја предвид означената уставна одредба утврди дека не е надлежен да ја оценува нејзината уставност и законитост.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.63/99
7 јули 1999 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков