63/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 декември 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕСЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на
а) членовите 236 до 245 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (“Службен весник на СРМ” бр.21/84, 31/84 и 32/84 и “Службен весник на Република Македонија” бр.55/91 и12/93), и
б) членовите 221 до 231 од Законот за основите на безбедноста на сообраќајот на патиштата (“Службен лист на СФРЈ” бр.50/88, 80/89, 29/90 и 11/91 и “Службен весник на Република Македонија” бр.12/93).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Манчо Манчев од Кавадарци му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од законите означени под а) и б) во точката 1 од ова решение, затоа што не било јасно каква плата е определена како парична казна и затоа што граѓаните кои се во работен однос и земаат плата биле во нерамноправна положба со граѓаните кои не се во работен однос, а остваруваат друга заработувачка, што не било во согласност со член 9 став 1 и член 32 став 3 од Уставот на Република Македонија. Исто така, оспорените законски одредби не биле во согласност со член 99 од Законот за основните права од работниот однос и член 57 од Општиот колективен договор.
3. Судот на седницата утврди дека со измените на член 236 од Законот за безбедноста на сообраќајот на патиштата е пропишана парична казна од 100 до 200 плати за стопански престап и седум до десет плати за стопански престапи на одговорното лице во претпријатието и во друго правно лице. Со измените на член 237 од овој закон е пропишана парична казна од 50 до 80 плати за прекршок на претпријатието или друго правно лице и од седум до дванаесет плати за одговорното лице во претпријатието или во друго правно лице. Соодветни измени се извршени и во членовите 238 до 245 од овој закон, како и во членовите 221 до 231 од Законот за основите на безбедноста на сообраќајот на патиштата, при што како парични казни се предвидуваат определен број плати.
4. Согласно член 9 став 2 од Уставот на Република Македонија, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.
Согласно член 32 став 3 од Уставот секој вработен има право на соодветна заработувачка.
Со член 31 став 1 од Законот за прекршоците (“Службен весник на СРМ” бр.43/84, 42/85, 50/87, 10/88, 36/89, 42/89, 70/90 и “Службен весник на Република Македонија” бр. 25/92 и 63/92) се уредува дека паричната казна може да се пропише во распон, во одреден износ или во сразмер, со ставот 2 дека паричната казна може да се пропише во износ од една половина до 100 плати од просечната плата во Републиката, исплатена во последниот месец, објавена од Републичкиот завод за статистика, а со ставцот 3 дека со закон, уредба или одлука може да се пропише парична казна во износ: за физичко лице од една половина до двеипол плати, а поединец во вршење на самостојна дејност или професија и на одговорно лице во правно лице од една до петнаесет плати и за правно лице од дваесет до сто плати. Понатаму, со ставот 4 се определува дека за даночни и други прекршоци сторени заради здобивање со материјална корист, како и за прекршоци што претставуваат потешка повреда на законот, со закон може да се пропише парична казна најмногу до двоен износ или во сразмер со висината на паричната штета, прибавенат корист или неизвршената обврска, но најмногу до нивниот дваесеткратен износ, а со ставот 5 дека паричната казна се изрекува во денари. Според ставот 6 на овој член кога паричната казнае пропишана во плати, казната се изрекува во денари, така што бројот на плати со кои се казнува сторителот на прекршокот се множи со висината на просечната плата во Републиката исплатена во последниот месец.
Од наведените законски одредби произлегува дека со Законот за прекршоците како системски закон е определен начинот на пропишувањето и пресметувањето на паричната казна за сторен прекршок, поради што Судот утврди дека предвидувањето “плата”, “плати” и “дел од плата”, како вид на казна за прекршоците пропишани со законите за безбедноста на сообраќајот на патиштата во контекст на посочените одредби од Законот за прекршоците се однесува на сите сторители, а не само на граѓаните кои се во работен однос и земаат плата и дека е определен начинот на изрекување на паришна казна во вид на просечна плата во Републиката, а не на плата на поединец.
Понатаму, Судот утврди дека со одредбите за одмерување на казната (членовите 38 до 43 од Законот за прекршоците), покрај другите општи правила за одмерување на казната, ублажување на казната, прекршочната опомена и друго, е предвидена обврска на судот за прекршоци, при одмерување на паричната казна, да ја земе предвид имотната состојба на стореителот, водејќи притоа сметка за висината на неговиот личен доход, другите приходи, имотот и семејните обврски, а при одмерувањето на паричната казна на правното лице, да ја земе предвид економската состојба на правното лице (член 38 став 2 и 4 од овој законд).
Со оглед на тоа што при одмерување на казната се зема предвид имотната состојба на сторителот, водејќи притоа сметка за имотната состојба на сторителот и неговите семејни обврски, Судот смета дека преку воведниот начин на пропишување на износот на паричните казни, нивниот сооднос и висината, не се нарушува принципот на еднаквост на граѓаните, ниту правото на заработувачка, поради што оцени дека оспорените законски одредби не се во несогласност со член 9 и член 32 од Уставот на Република Македонија.
5. Што се однесува до наводите во иницијативата за несогласноста на оспорените законски одредби со Општиот колективен договор (“Службен весник на Република Македонија” бр.29/92) и нивната терминолошка неусогласеност со Законот за основните права од работниот однос, Судот оцени дека, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, не е надлежен да одлучува.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.