У.бр.62/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 16 декември 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за формата и содржината на патниот налог (“Службен весник на Република Македонија” број 40/2015 и 94/2015), донесен од министерот за транспорт и врски.

2. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата, доносителот на оспорениот акт, го уредил Правилникот за формата и содржината на патниот налог, на начин што во истиот пропишал посебно патен налог за превоз на патници и посебен патен налог за превоз на стоки, иако со Законот за превоз во патниот сообраќај немал овластување за пропишување на таква содржина во Правилникот.

Наведеното од причини што со членот 3 точка 39 од Законот, било пропишано значењето на патниот налог кој содржел податоци за видот на превозот, фирмата, односно името и седиштето на превозникот, името и презимето на возачот, главните податоци за правецот на возење, регистарски број на возилото, состојба на броилото на почетокот и на крајот на возењето и потпис на овластеното лице кое го дало налогот.

Оспорениот правилник спротивно на законската одредба оперирал со термините патен налог за превоз на патници и патен налог за превоз на стоки, што не претставувало разработување на одделни одредби на Законот, туку на оригинерно нормирање, односно креирање поинакви институции-термини, што било спротивно со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51, член 68 став 1 алинеја 2 и член 96 од Уставот, како и спротивно на член 3 точка 39, член 6 став 1 алинеја 4 и член 79 став 1 од Законот за превоз во патниот сообраќај и член 56 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

3. Судот на седницата утврди дека министерот за транспорт и врски, врз основа на член 6 став 6 од Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ број 68/2004, 127/2006, 114/2009, 83/2010, 140/2010, 17/2011, 53/2011, 6/2012, 23/2013, 120/2013, 163/2013, 187/2013, 42/2014, 112/2014 и 166/2014), донел Правилник за формата и содржината на патниот налог (“Службен весник на Република Македонија” број 40/2015 и 94/2015).

4. Според член 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со член 51 од Уставот е определено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Со Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ број 68/2004, 127/2006, 114/2009, 83/2010, 140/2010, 17/2011, 53/2011, 6/2012, 23/2013, 120/2013, 163/2013, 187/2013, 42/2014, 112/2014, 166/2014, 44/2015, 97/2015, 124/2015 и 129/2015), се уредуваат условите и начинот за вршење превоз на патници и стоки во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај.

Со член 3 (значење на одделни изрази употребени во овој закон) точка 39 од Законот е определено значењето на поимот “патен налог”, односно дека тоа е документ кој содржи податоци за видот на превозот, фирмата, односно името и седиштето на превозникот, името и презимето на возачот, главните податоци за правецот на возење, регистарски број на возилото, состојба на броилото на почетокот и на крајот на возењето и потпис на овластеното лице кое го издало налогот.

Според член 6 став 1 алинеја 4 од Законот, при вршењето на превозот на патници и стока во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај превозникот е должен во возилото да има и уредно пополнет патен налог.

Со членот 6 став 6 од Законот е уредено дека формата и содржината на патниот налог ја пропишува министерот за транспорт и врски.
Министерот за транспорт и врски, во функција на операционализација на членот 3 точка 39 од Законот, а врз основа на овластувањето од членот 6 став 6 од Законот, донел Правилник за формата и содржината на патниот налог (“Службен весник на Република Македонија” број 40/2015 и 94/2015).

Со овој правилник се пропишува формата и содржината на патниот налог за превоз на патници и стока (член 1 од оспорениот правилник).

Со членот 2 на оспорениот правилник, се пропишува формата и содржината на патниот налог кој се однесува за превоз на патници, а со членот 3 од истиот правилник се пропишува формата и содржината на патниот налог кој се однесува за превоз на стоки.

Членот 2 од оспорениот правилник е со следната содржина:

(1) Патниот налог за превоз на патници се издава на образец кој е дводелен и се печати на хартија во бела боја со правоаголна форма.

(2) Кога ќе се развие неговите димензии изнесуваат (297×210мм.), а кога ќе се превитка е со димензии (148×210мм.).

(3) Првата надворешна страна на патниот налог за превоз на патници содржи: “ПАТЕН НАЛОГ ЗА ПРЕВОЗ НА ПАТНИЦИ Бр.”,назив на превозникот, седиште на превозникот, датум на издавање и место, име и презиме на возачот, име и презиме на другите членови на екипажот, вид на превозот (линиски, слободен, за сопствени потреби), основни податоци за правецот на движење-релација, податоци за возилото: марка, тип, регистарски број, број на седишта, место за печат и потпис на овластено лице.

(4) Внатрешната страна на патниот налог претставува една целина и содржи: датум на отпочнување на превозот, состојба на километражата, време на отпочнување на превозот (час и минута), место за потпис и печат од автобуската станица согласно возниот ред, вкупно превезени патници, вкупно поминати километри.

(5) Втората надворешна страна на патниот налог за превоз на патници содржи: реден број, автобуска станица и попатни станици согласно возен ред, приходи на основ на опис, приходи од попатни станици, потпис на лицето што врши контрола.

(6) Формата и содржината на патниот налог за превоз на патници се дадени во Прилог 1 кој е составен дел на овој правилник.

Членот 3 од оспорениот правилник е со следната содржина:

(1) Патниот налог за превоз на стоки се издава на образец кој е дводелен и се печати на хартија во бела боја со правоаголна форма.

(2) Кога ќе се развие неговите димензии изнесуваат (297×210мм.), а кога ќе се превитка е со димензии (148×210мм.).

(3) Првата надворешна страна на патниот налог за превоз на стоки содржи: “ПАТЕН НАЛОГ ЗА ПРЕВОЗ НА СТОКИ Бр.”,назив на превозникот, седиште на превозникот, датум на издавање, место, вид на превоз (јавен, за сопствени потреби), име и презиме на возачот, име и презиме на другите членови на екипажот, основни податоци за првиот превоз-правец на движење-релација, податоци за возилото: вид, марка, регистарски број, носивост (тони), место за печат и потпис на овластено лице.

(4) Внатрешната страна на патниот налог за превоз на стока претставува една целина и содржи: датум на отпочнување (А) и завршување (Б) на превоз, време на отпочнување и завршување на превоз (час и минута), почетна и крајна дестинација (место и држава), вкупно превезена стока (кг, м2, л), вкупно поминати километри, вкупно работно време по дестинации (ден, час, минути) и забелешки.

(5) Втората надворешна страна на патниот налог за превоз на стока содржи: рекапитулар за раздолжување на патен налог, вкупно поминати километри, вкупно набавено гориво во литри + претходна залиха, проценета залиха на гориво во резервоар по завршување на превоз, просечна потрошувачка на гориво на 100 километри, остварени превози со стока, вкупен трошок за гориво искажан во денари, други трошоци платени во готово-збир, пресметани дневници во вкупен износ, остварени превози, друг вид превоз за целите на дејноста, одговорно лице и место за печат.

(6) Формата и содржината на патниот налог за превоз на стока се дадени во Прилог 2 кој е составен дел на овој правилник.

Со членот 55 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” број 58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010 и 51/2011), се пропишува дека министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон.

Согласно член 56 став 1 од Законот, со правилник се утврдуваат и се разработуваат одделни одредби на законите и други прописи заради нивно извршување.

Според член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Од Правилникот кој се оспорува со иницијативата, не произлегува содржина со која се пропишуваат права и обврски за граѓаните и правните лица, туку се пропишува формата на патниот налог, димензиите, својствата на хартијата, изгледот и податоците кои треба да бидат содржани на првата, внатрешната и надворешната страна на патниот налог и други податоци кај превозот на патници и превозот на стока во патниот сообраќај.

Од погоре цитираните уставни и законски одредби, произлегува дека министерот има право да донесува подзаконски акти заради разработување одделни одредби на законите и други прописи заради нивно извршување, кога за тоа е овластен со закон.

Во конкретниот случај, тоа право на министерот произлегува од општото овластување уредено со Законот за организација и работа на органите на државната управа (членови 55 и 56), како lex generalis, но и од посебното овластување за донесување на конкретен подзаконски акт уредено во Законот за превоз во патниот сообраќај (член 6 став 6), како lex specialis.

Од погоре цитираниот член 6 став 1 алинеја 4 од Законот, неспорно произлегува дека при вршењето на превозот на патници и стока во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај, превозникот е должен во возилото да има и уредно пополнет патен налог. Тоа значи дека доколку превозникот превезува патници, должен е во возилото да има уредно пополнет патен налог за превоз на патници, а доколку превезува стока, патен налог за превоз на стока.

Според тоа, патниот налог кој го пропишува министерот, како составен дел од транспортната документација кој треба да го поседуваат превозниците кои превезуваат патници или стока во патниот сообраќај, се однесува како за превоз на патници, така и за превоз на стока.

Имајќи го предвид погоре наведеното, Судот оцени дека неосновано е тврдењето во иницијативата дека министерот при пропишувањето на оспорениот акт излегол надвор од своите овластувања на начин што во оспорениот правилник оригинерно креирал институции-термини кои ги немало во Законот како што се патен налог за превоз на патници и патен налог за превоз на стоки. Законот оперира со општиот термин “патен налог”, но, од останатите одредби содржани во Законот за превоз во патниот сообраќај, јасно произлегува дека овој општ термин добива дополнителна, односно посебна формулација во зависност од видот на превозот кој се врши во патниот сообраќај, па соодветно на видот на превозот, превозникот е должен да поседува во возилото или патен налог за превоз на патници или патен налог за превоз на стока.

Тоа се согледува и од одредбите на член 20 став 1, член 25 став 6, член 26 став 5 и член 49 ставови 1 и 2, содржани во глава IV. ПРЕВОЗ НА ПАТНИЦИ од Законот за превоз во патниот сообраќај, со кои се задолжува превозникот при превозот на патници, во возилото да поседува патен налог во оригинал, а имајќи го предвид видот на превозот, јасно е дека патниот налог се однесува на патен налог за превоз на патници.

Со одредбите од член 62 став 4 и член 66 став 2, содржани во глава V. ПРЕВОЗ НА СТОКИ од Законот, е определено дека превозникот кој превезува стока, е должен во возилото да поседува и патен налог, од каде јасно е дека патниот налог се однесува на патен налог за превоз на стока.

Во глава V од Законот за превоз во патниот сообраќај, се содржани одредбите на член 78 став 2 од Законот, кој се однесува за превоз на патници за сопствени потреби, при што согласно ставот 2 на наведениот член од Законот, во возилото помеѓу другото, мора да се наоѓа и патен налог, што значи патен налог за превоз на патници, а согласно член 79 став 1 алинеја 2 од Законот, кој се однесува на превозот на стоки за сопствени потреби, во возилото помеѓу другото, мора да се наоѓа и патен налог, што значи патен налог за превоз на стоки.

Оттука од содржината на Законот во целина неспорно произлегува дека патниот налог, чија форма и содржина министерот е овластен да ја пропише, се однесува за превоз на патници и за превоз на стока.

5. Имајќи го предвид погоре изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на Правилникот за формата и содржината на патниот налог (“Службен весник на Република Македонија” број 40/2015 и 94/2015), донесен од министерот за транспорт и врски, со одредбите на Уставот и одредбите на законите на кои се повикува подносителот со иницијативата.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.62/2015
16 декември 2015 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева