62/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 3 јули 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 70, во делот “и посебните услови што ќе ги утврди Претседателството на комората со посебна одлука, а по завземените ставови на Собранието на Комората”, од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија од 27.03.1993 година.

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 70, во делот “и посебните услови што ќе ги утврди Претседателството на Комората со посебна одлука, а по завземените ставови на Собранието на Комората”, од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија од 27.03.1993 година, затоа што не била во согласност со Уставот и со Законот за адвокатурата.

3. Судот на седницата утврди дека согласно одредбите од членот 27 и членот 28 од Законот за адвокатурата (“Службен весник на РМ” бр.80/92), Адвокатската комора на Република Македонија е организирана од адвокатите, таа има својство на правно лице, донесува Статут и во својата работа е самостојна и независна.

Адвокатската комора на Република Македонија има донесено Статут во кој согласно членот 29 од наведениот закон, ги уредил прашањата од својот делокруг, организација и органите на Комората како и други прашања во врска со правата и должностите на адвокатите, адвокатските приправници и адвокатските стручни соработници утврдени со законот.

Според членот 77 од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија, тој стапува во сила на ден 16.01.1998 година, а според членот 78, со неговото стапување во сила престанува мандатот на сите органи и тела на Комората и Претседателството на Адвокатската комора на Република Македонија во рок од 60 дена ќе закаже Собрание на Адвокатската комора на Република Македонија, согласно со одредбите од овој статут.

Со членот 79 од Статутот е предвидено со неговите одредби да се усогласат и сите акти на Комората во рок од 6 месеци од изборот на новите органи, а одредбите од постојните акти на Комората кои се во спротивност, со овој Статут, престануваат да важат со денот на неговото донесување и од тој момент дирекно се применуваат одредбите на овој Статут.

Од погоре изнесеното произлегува дека со поднесената иницијатива се оспорува одредба од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија од 27.03.1993 година кој не е во сила, ниту одредбата која се оспорува во иницијативата е содржана во важечкиот Статут на Адвокатската комора, од 16.01.1998 година.

4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што со иницијативата се оспорува одредба од Статут на Адвокатската комора на Република Македонија од 27.03.1993 година кој не е во сила, постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата и согласно наведените одредби од Уставот и Деловникот на Уставниот суд, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.62/2002
3 јули 2002 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов