62/1999-2-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 23 јуни 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за измена и дополна на Деталниот урбанистички план на град Гостивар бр.08-1042 од 27 мај 1988 година и Одлуката за измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план на град Гостивар бр.08-237/1 од 14 јуни 1994 година, во делот што се однесува на КП.бр.2055/2 на Ул. “Мајор Чеде Филиповски” бр.160.

2. Росана и Горан Анѓелкоски од Гостивар, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение затоа што Деталниот урбанистички план на Гостивар од 1988 година не бил во согласност со член 11 став 2 и 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96) бидејќи бил донесен врз основа на неажурирани геодетски подлоги што довело до промена на КП.2055/2. Подносителот на иницијативата се сомнева дека имало јавна расправа по нацртот на овој план и доколку имало се сомнева во нејзината законитост.

Деталниот урбанистички план на Гостивар од 1994 година не бил во согласност со членовите 17,18,19, 21 и 22 од истиот закон, бидејќи изградениот објект на спорната локација бил избришан.

3. Судот на седницата утврди дека со измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план на град Гостивар од 1988 година извршена е измена на КП.2055/2 на Улица “Мајор Чеде Филиповски” бр.160 на која во време на донесувањето на планот била во тек изградба на семејна станбена зграда врз основа на комплетна техничка документација. По донесувањето на Деталниот урбанистички план подносителите на иницијативата реагирале до надлежните служби на што било одговорено дека е направен пропуст при изработката на Деталниот урбанистички план затоа што не се водело сметка дека на таа локација се гради објект со регуларен тек на градба и дека пропустот ќе се исправи со нова измена на Деталниот урбанистички план.

Меѓутоа, со измените на Деталниот урбанистички план од 1994 година не е постапено според барањето на подносителите на иницијативата бидејќи помеѓу спорната парцела и соседната парцела е границата на ревизијата на Деталниот урбанистички план од 1994 и на Деталниот урбанистички план од 1988 година, така што спорната парцела не е во рамките на измената на планот.

Решение за надминување на неусогласеностите се нашло во предлогот за парцијални измени на планот меѓутоа тие не биле прифатени од Министерството за урбанизам и градежништво.

Моментално, во тек е подготвување на измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план во чиј опфат е и спорната парцела.

4. Уставниот суд ја цени законитоста на урбанистичките планови во однос на постапката за нивното донесување и тоа според одредбите од законот што важел во време на донесувањето на урбанистичкиот план.

Според член 31 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/85 и 38/90) кој важел во времето на донесувањето на оспорените одлуки, просторните и урбанистичките планови задолжително се ставаат во фаза на нацрт на план на јавен увид и се одржува јавна расправа.

Нацртот на Деталниот урбанистички план на Гостивар од 1988 година, од 25 декември 1987 година до 25 јануари 1988 година бил изложен на јавен увид на повеќе јавни места во градот. Потоа е одржана јавна расправа во месните заедници Саат Маало, Ново Маало и Џамиџиди Маало како и во населбите “Мара Угринова”, Македонско Маало, Бег Маало, Дутлок и Леска и тоа од 3 до 10 февруари 1988 година.

Нацртот на Деталниот урбанистички план на Гостивар од 1994 година, бил изложен на јавен увид во периодот од 27 декември 1993 година до 12 јануари 1994 година, а јавната расправа се одржала на 28 февруари 1994 година во просториите на Собранието на Општина Гостивар.

Подносителите на иницијативата не учествувале на јавната расправа по Нацртот на планот од 1988 година.

Со свои забелешки се јавиле по усвојувњето на планот од страна на Собранието на Општината Гостивар.

Овие забелешки (иако биле оправдани бидејќи Деталниот урбанистички план од 1988 година се изготвувал врз основа на неажурирани геодетски подлоги) не нашле свое место во Деталниот урбанистички план од 1994 година од причина што оспорената катастарска парцела не спаѓа во опфатот на овој план.

Според член 34 став 2 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање, Собранието на општината ги донесува урбанистичките планови на подрачјето на општината.

Врз основа на приложената документација произлегува дека двете оспорени одлуки се донесени од Собранието на Општина Гостивар и дека нацртите на деталните урбанистички планови биле ставени на јавен увид и била одржана јавна расправа по нив, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нивната согласнот со цитираните законски одредби.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр. 62/99
23 јуни 1999 година
С к о п ј е
ли.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков