У.бр.6/2010

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 февруари 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлуката за одредување на надоместок на советниците со бр.07-962/2 од 13.11.2007 година („Службен гласник на општина Македонска Каменица“ бр.17/2007).

2. Даниела Митревска од Македонска Каменица, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение. Имено, повредата на Законот се состоела во тоа што со Одлуката се утврдувал месечен надоместок на советниците за присуство на седница на Советот на општината во висина од 70% од просечната нето плата во Република Македонија, исплатена за претходната година, наместо 30% од просечната нето плата на Република Македонија исплатена во последните три месеци, па поради тоа оспорената Одлука била во спротивност со членовите 45 и 100 од Законот за локалната самоуправа.

Подносителот на иницијативата бара да се поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката, од причина што таа била спротивна на одредбите од Законот за локалната самоуправа, но не наведува аргументи за оценка на уставноста и поконкретно со кои членови од Уставот таа била во спротивност.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Македонска Каменица на седницата одржана на 13 ноември 2007 година донел одлука за одредување на надоместок на советниците, бр.07-962/2.

Според член 1 од ова одлука, на членовите на советот на ЕЛС Македонска Каменица им припаѓа месечен надоместок за присуство на седница во висина од 70% од просечна месечна нето плата во Републиката исплатена за претходната година.

Според член 2 од Одлуката, на претседателот на Советот на ЕЛС Македонска Каменица за организирањето и раководењето со работата на Советот надоместокот од членот 1 се зголемува за 30%.

Според член 3 од Одлуката, месечниот надоместок за присуство на седници на советници се исплатува за присуство на сите седници на советот. Според став 2 од овој член, месечниот надоместок за присуство на седници на советот се намалува за 30% за секое остуство од седница на советот. Според став 3 од овој член, месечниот надоместок за присуство на седници на советот не се исплатува доколку членот на советот не присуствувал на ниту една седница во тековниот месец. Според став 4 од овој член, месечниот надоместок за присуство на седниците не се исплатува доколку советот во тековниот месец не одржал седница.

Со член 4 од Одлуката се утврдува дека оваа одлука стапува во сила осмиот ден од денот на донесувањето а ќе се објави во Службен гласник на општина М.Каменица.

4. Според член 45 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) членовите на Советот имаат право на надоместок за присуство на седница и надоместоци на патни и дневни трошоци во рамки утврдeни со закон.
Согласно членот 100 кој е поместен во Глава XV „Преодни и завршни одредби“ до донесувањето на законот од членот 45 на овој закон членовите на советот ќе примаат надоместок за присуство на седница на советот без оглед на нејзиното времетраење, најмногу до 30% од просечната месечна нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, а надоместоците за патните и дневните трошоци ќе им се исплатуваат според прописите кои се однесуваат на државните службеници.
Според член 1 од Законот за дополнување на Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката („Службен весник на Република Македонија“ бр. 121/2007) во Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката („Службен весник на СРМ“ број 36/90 и „Службен весник на Република Македонија“ број 38/91, 23/97, 37/2005 и 84/2005), по Дел “V. Надоместок на определени материјални трошоци и други примања“ се додава дел V-a со пет нови членови 29-а, 29-б, 29-в, 29-г и 29-д.
Во Делот V-a, се предвидени надоместоците на членовите на советите на општините и на членовите на Советот на градот Скопје.
Според член 29-а, од наведениот закон на членовите на советите на општините и на членовите на Советот на градот Скопје им припаѓа месечен надоместок за присуство на седниците на советот и надоместок на патните и дневните трошоци. Според ставот 2 на истиот член, средствата за исплата на надоместоците од ставот 1 на овој член се обезбедуваат во буџетот на општината и во Буџетот на градот Скопје.
Според член 29-б од наведениот закон месечниот надоместок за присуство на седници на советот се утврдува во процентуален износ од просечната месечна нето плата во Републиката исплатена за претходната година, но не повеќе од 70%, а со измените и дополнувањата на овој закон во („Службен весник на Република Македонија“ бр.161/2008), овој процент е зголемен и изнесува 84%. Според став 2 од истиот член, висината на месечниот надоместок за присуство на седниците се утврдува со одлуката за извршување на буџетот на општината и Буџетот на градот Скопје.
Според член 29-в од истиот закон, на претседателите на советите на општините и на претседателот на Советот на градот Скопје, за раководењето и организирањето на работата на советот, надоместокот од членот 29-б се зголемува за 30%.
Според член 29-г од Законот, месечниот надоместок за присуство на седниците на советот се исплатува за присуство на сите седници на советот во тековниот месец. Според став 2 од истиот член, месечниот надоместок за присуство на седниците на советот се намалува за 30% за секое отсуство од седница на советот. Според став 3, месечниот надоместок за присуство на седниците на советот не се исплатува, доколку членот на советот не присуствувал на ниту една седница на месецот во тековниот месец. Според став 4, месечниот надоместок за присуство на седниците не се исплатува, доколку советот во тековниот месец не одржал седница.
Според член 29-д од Законот, на членовите на советите на општините и на членовите на Советот на градот Скопје им се исплатуваат надоместоци за патни и дневни трошоци за службени патувања во земјата и странство според прописите кои се однесуваат на државните службеници вработени во општинската администрација и во администрацијата на градот Скопје.
Имајќи ја предвид одредбата од членот 45 од Законот за локалната самоуправа и делот V-a од Законот за дополнување на Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, произлегува дека законодавецот го утврдил правото на надоместок за присуство на седница и правото на надоместок на патни и дневни трошоци за членовите на советот.
Со оглед на тоа што со оспорената Одлука правото на надоместок на членовите на Советот на општина Македонска Каменица за нивниот ангажман во општината, е утврденo во согласност со цитираните одредби од Законот за дополнување на Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нивната согласност со закон, како и дека наводите во иницијативата се неосновани.
Тргнувајќи од наведеното, Судот утврди дека не може да се поставува прашањето на согласноста на оспорената одлука со Законот за локалната самоуправа и Законот за дополнување на Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер–Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.6/2010
24 февруари 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски