6/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 3 јуни 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 3 јуни 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 7 став 1 точки 10 и 11 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување (“Службен весник на РМ” број 142/08 и 64/09).

2. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 13 став 1 точка 2 и член 14 став 1 точка 4 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување (“Службен весник на РМ” број 142/08).

3. Стамен Филипов од Скопје и Адвокатската заедница од Неготино, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесоа иницијативи за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точките 1 и 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата од подносителот Стамен Филипов со оспорените делови од членот 7 став 1 точките 10 и 11 се повредувал член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51, член 68 став 1 алинеја 2, член 95 став 3 и член 96 од Уставот на Република Македонија, бидејќи самостоен уметник и врвен спортист не можеле да се здобијат со таков статус според критериуми во соодветна постапка и соодветен акт на министерот за култура, односно Агенцијата за млади и спорт, туку само со закон или во рамките на законите. Во поткрепа на неговите наводи се повикува на членот 61 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” број 58/2000, 44/02 и 82/08), според кој со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи (став 1) и со актите кои ги донесува директорот кој раководи со самостојниот орган на државната управа односно со управната организација не може на граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи (став 2).

Како причини за оспорување на членот 14 став 1 точка 4 од Законот, подносителот Стамен Филипов наведува дека со оваа законска одредба субјектите од точката 4 став 1 на овој член, биле дискриминирани во однос на другите субјекти од истата законска одредба, со што се повредувал членот 8 став 1 алинеја 3, членот 9, членот 47 ставовите 3, 4 и 5 и членот 51 од Уставот на Република Македонија.

Тој предложи Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на наведените одредби од Законот, истите да ги поништи, како и да се донесе решение за времена мерка за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорените законски одредби, бидејќи со нивното извршување би можело да настанат тешко отстранливи последици.

Според наводите во иницијативата на подносителот Адвокатска заедница-Неготино, членот 13 став 1 точка 2 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување се косел и бил спротивен на членот 4 точка 2 од истиот закон, односно според членот 13 став 2, Фондот на пензиското и инвалидското осигурување и Фондот за здравствено осигурување биле обврзници за пресметка на придонесите за самовработено лице, индивидуален земјоделец и др., а обврзници за уплата на придонесите се самите лица, а според членот 4 точка 2 во кој член се дефинираат поимите кои се употребуваат во овој закон, “обврзник за пресметка и уплата на придонеси” е работодавач, самовработено лице, индивидуален земјоделец, верско службено лице, државна институција, орган или организатор кој има обврска на товар и за сметка на обврзникот за плаќање на придонеси да ги пресмета, задржи и уплати придонесите.

Понатаму, подносителот на иницијативата, одредбата ја оспорува затоа што смета дека самовработените лица треба сами да ги пресметуваат придонесите, а не фондовите кои не се нивни работодавачи, ниту пак, обезбедиле работа за самовработеното лице, па од тие причини и неможеле да вршат пресметка на придонесите кои произлегуваат од плата.

Во иницијативата исто така, се наведува дека во Законот не било определено кои извршители се самовработни лица кои вршеле професионална и интелектуална дејност. Без дефинирање на тие лица во Законот, во таа група Министерството за финансии односно Управата за јавни приходи ги ставила и адвокатите, нотарите и извршителите, а тоа директно се косело со одредбата од член 53 од Уставот каде адвокатурата била дефинирана како самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.
По однос на оспорениот член 14 став 1 точка 4, Адвокатска заедница-Неготино наведува дека оваа одредба била спротивна на уставното начело на еднаквост на граѓаните на Република Македонија пред Уставот и законите, бидејќи ги ставала во нееднаква положба субјектите од членот 14 на Законот. Наведува и дека оспорената одредба била спротивна и на членовите 32 од Уставот каде се гарантира правото на работа и слободен избор на вработување под еднакви услови за сите и членот 55 од Уставот со кој се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото и според кој Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.

Поради напред наведеното, подносителот предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на член 13 став 1 точка 2 и член 14 став 1 точка 4 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување и истите да ги поништи.

4. Судот на седницата утврди дека Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување ги уредува: видовите на придонеси за задолжително социјално осигурување, обврзниците за плаќање на придонесите, обврзниците за пресметка и уплата на придонесите, основиците на кои се плаќаат придонесите, стапките на придонеси, потоа начинот на пресметката, роковите на плаќањето на придонесите, контролата на пресметувањето и уплатата на придонесите и други прашања значајни за утврдување и плаќање на придонесите.

Законот е објавен во Службен весник на Република Македонија број 142/08 на 10 ноември 2008 година кога и влезе во сила, а се применува од 1 јануари 2009 година за јануарската плата или дел од плата, надоместок на плата, пензија, односно друг паричен надоместок, додека членот 31 ќе се применува од 1 јануари 2010 година, а членот 25 од 1 јануари 2011 година.

Со оспорениот член 7 од Законот, пропишано е кои субјекти се должни односно се во обврска за плаќање на придонес за задолжително пензиско и инвалидско осигурување, во кои спаѓаат и самостојниот уметник кој со таков статус се здобил според критериумите, во соодветна постапка и со соодветен акт на министерот за култура и врвен спортист кој со таков статус се здобил според критериумите, во соодветна постапка и со соодветен акт на Агенцијата за млади и спорт.

Согласно Законот за културата (“Службен весник на Република Македонија” број 31/98, 49/03, 82/05, 24/07 и 15/08), културата ја остваруваат уметници, самостојни уметници, установи, други правни и физички лица.

Согласно член 13 од овој закон, уметник е секое физичко лице што создава авторско дело од областа на уметничкото творештво или изведува авторско дело, односно дело од народното творештво, независно од образованието, правниот статус, регистрацијата, државјанството, друг вид припадност и т.н.

Согласно член 14 од Законот, ако уметникот творештвото го остварува професионално, како единствено занимање и доколку со овој закон и со прописите за трговските друштва се регистрира за вршење на уметничка дејност, стекнува статус на самостоен уметник и права од работен однос, согласно со овој закон и со прописите за трговските друштва, од каде произлегува дека статусот на самостоен уметник е утврден со Законот за културата.

Според одредбите од член 16 од Законот за културата, со цел да се обезбедат поповолни услови за творење на самостојниот уметник, по пат на годишен конкурс, може да му се доделат месечни надоместоци од средствата од Буџетот на Република Македонија за придонесите за здравствено, пензиско и инвалидско осигурување како и за персоналниот данок на доход, за што одлучува министерот за култура, почитувајќи го принципот на соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници. Условите, во зависност од видот, обемот и квалитетот на творештвото, критериумите и постапката за доделување на месечниот надоместок поблиску ги утврдува со општ акт министерот за култура.

Во одредбите од член 35 од Законот за спортот (“Службен весник на Република Македонија” број 29/02, 66/04 и 81/08), е определено дека спортистите сениори, државјани на Република Македонија, врз основа на постигнати резултати во одреден временски период, се стекнуваат со следниве спортски категории: спортист од светска категорија, спортист од меѓународна категорија и спортист од државна категорија. Еднаш стекнатата спортска категорија има траен карактер и доживотно му припаѓа на спортистот како титула. Согласно членот 38 од истиот закон, спортистите кои се стекнале со спортска категорија од членот 35 на Законот, имаат право на материјален надоместок и други видови награди, од каде произлегува дека статусот на врвен спортист е утврден со Законот за спортот.

Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, претставуваат темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 34 од Уставот на Република Македонија “граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор”.

Со членот 47 ставовите 3 и 5 од Уставот, Републиката го поттикнува, помага и штити развојот на науката, уметноста и културата и Републиката ги поттикнува и помага техничката култура и спортот.

Согласно член 51 од Уставот на Република Македонија, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Членот 7 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, определува кои субјекти се обврзници за плаќање на придонеси за задолжително пензиско и инвалидско осигурување. Конкретно со точките 10 и 11 од став 1 од истиот член, определено е дека и самостоен уметник кој со таков статус се здобил според критериумите, во соодветна постапка и со соодветен акт на министерот на култура и врвен спортист кој со таков статус се здобил според критериумите, во соодветна постапка и со соодветен акт на Агенцијата за млади и спорт, се обврзници за плаќање на придонеси од задожително пензиско и инвалидско осигурување и за истите обврзник за пресметка и уплата на придонеси согласно член 13 точка 8 од истиот закон е надлежен орган на државната управа. Со овие законски одредби, востановена е обврската за субјектите по основ на придонеси од задолжително пензиско и инвалидско осигурување, чиј статус е веќе утврден со други закони.

Наспроти тоа, подносителот со иницијативата, настанувањето на предметниот статус на самостоен уметник и врвен спортист, го оспорува во одредбите од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, што не е негов предмет на уредување и каде предмет се придонесите, а не уредување на критериумите за стекнување на статусот.

Законодавецот со Законот за културата и Законот за спортот, пропишал како се стекнува со статус на самостоен уметник и врвен спортист и во кои случаеви придонесите за задолжително пензиско и инвалидско осигурување ќе се плаќаат од Буџетот на Република Македонија. Стекнувајќи се со таков статус, уметниците и врвните спортисти, се стекнуваат со правото во согласност со закон да им се доделат месечни надоместоци од средствата од Буџетот на Републиката, за придонесите за задолжително пензиско и инвалидско осигурување.

Врз основа на гореизнесеното, Судот смета дека подносителот на иницијативата Стамен Филипов, неосновано наведува дека со оспорените делови од членот 7 став 1 точките 10 и 11 се повредувал членот 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51, член 68 став 1 алинеја 2, член 95 став 3 и член 96 од Уставот на Република Македонија, бидејќи самостоен уметник и врвен спортист не можеле да се стекнат со таков статус според критериуми во соодветна постапка и соодветен акт на министерот за култура, односно Агенцијата за млади и спорт, туку само со закон или во рамките на законите. Неосновани се наводите бидејќи “правото” овие субјекти да се стекнат со статус самостоен уметник или врвен спортист, не произлегува од актот што го донесува министерот за културата или директорот на Агенцијата за млади и спорт, туку од Законот за културата и Законот за спортот.

Подносителот на иницијативата оттука неосновано се повикува и на членот 61 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” број 58/2000, 44/02 и 82/08), кој пропишува дека со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи (став 1) и со актите кои ги донесува директорот кој раководи со самостојниот орган на државната управа односно со управната организација не може на граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи (став 2). Наведеното од причини што актите на министерот за култура и директорот на Агенцијата за млади и спорт, претставуваат конкретни (поединечни) акти, со кои непосредно се извршуваат законите и другите прописи и со истите на оригинерен и изворен начин не се утврдуваат правата и обврските за оваа категорија субјекти, ниту се пропишува надлежност на други органи, туку само декларативно се потврдува за правата и обврските на субјектите утврдени со закон, односно во конкретниот случај кои самостојни уметници или врвни спортисти се стекнале со правото од Буџетот на Република Македонија да им се плаќаат придонесите за задолжително пензиско и инвалидско осигурување.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека во конкретниот случај не може основано да се постави прашањето на уставноста на оспорените делови од членот 7 став 1 точки 10 и 11 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување.

5. Членот 13 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување (“Службен весник на РМ” број 142/08), ги определува обврзниците за пресметка и уплата на придонесите. Во став 1 точка 2 од истиот член, определено е дека Фондот на пензиското и инвалидското осигурување и Фондот за здравственото осигурување, се обврзници за пресметка на придонесите за самовработено лице, индивидуален земјоделец, и др…, додека уплатата на придонесите пресметани од страна на фондовите, ќе ја вршат самите лица.

Во Поимникот – член 4 точка 2 на истиот закон, наведено е значењето на поимот “обврзник за пресметка и уплата на придонеси” односно дека обврзник за пресметка и уплата на придонеси е работодавач, самовработено лице, индивидуален земјоделец и т.н.

Членот 14 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, ги уредува основиците на кои се плаќаат придонесите од задолжителното социјално осигурување.

Во членот 14 став 1 точка 4 од истиот закон, пропишано е дека за самовработено лице кое врши професионална и друга интелектуална услуга и останатите лица од член 7 став 1 точки 10 и 11, основицата за пресметка и плаќање на придонеси за задолжително социјално осигурување, претставува износ од две просечни плати во Републиката објавена во тековниот месец и истиот се оспорува од иницијаторите бидејќи придонесите за овие самовработени лица се плаќале на повисока основица од онаа за самовработените лица вршители на економска дејност (занаетчија и сл.) и останатите лица наброени во став 1 точка 3 од истиот член, каде основицата за пресметка и плаќање на придонеси за задолжително социјално осигурување претставува просечната плата во Републиката, објавена во тековниот месец.

Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

По поднесувањето на иницијативите (08.01.2009 година и 19.02.2009 година), на 19 мај 2009 година, Собранието на Република Македонија го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување (“Службен весник на Република Македонија” број 64/09), со кој сега оспорените членови 13 став 1 точка 2 и член 14 став 1 точка 4 се изменети и дополнети.

Иницијативата од подносителот Адвокатска заедница-Неготино, содржи аргументи за оспорување на делот “самовработено лице” од членот 13 став 1 точка 2 од Законот, а за останатиот дел од оваа одредба, не содржи никакви аргументи за оспорување, меѓутоа, со иницијативата се нумерира како оспорена содржината на целата одредба. Тоа значи дека со оспорувањето на делот “самовработено лице”, кој дел со последните измени на Законот, е избришан од одредбата, а за останатиот дел со иницијативата не се даваат аргументи за оспорување на целината на одредбата, произлегува дека се настапени процесни пречки согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, за мериторно одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа дека со влегување во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување (“Службен весник на Република Македонија” број 64/09), се изменети оспорените одредби од член 13 ста 1 точка 2 и член 14 став 1 точка 4 од Законот и со тоа престанале да постојат во правниот поредок на Република Македонија, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативите односно дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на истите.

6. Врз основа на напред изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 6/2009
3 јуни 2009 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски