6/2001-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 7 март 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на

– Член 22 став 6 и 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на РМ” бр.4/96, 8/96, 28/97 и 18/99);

– Член 18 став 1 точка 1 и 2 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на РМ” бр.52/95).

2. Снежана Богдановска од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на член 22 став 6 и 7 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање и член 18 став 1 точка 1 и 2 од Законот за локалната самоуправа. Според наводите во иницијативата оспорените членови не се во согласност со Уставот. Имено и покрај гаранциите утврдени со Уставот за самостојност на општината во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот, законодавецот ја ограничува таа самостојност во областа на урбанистичкото планирање предвидувајќи надлежност на државен орган.

3. Судот на седницата утврди дека во член 22 од Законот за просторно и урбанистичко планирање е утврдено кој ги донесува урбанистичките планови, така:

– Собранието на РМ донесува просторен план на Републиката,

– Општината донесува урбанистички планови од член 7 точка 2 алинеја 1, 2 и 3 на овој закон (генерален урбанистички план, детален урбанистички план и урбанистичка документација за населено место во општина);

– Градот Скопје донесува генерален урбанистички план на град Скопје,

– Општината од подрачјето на град Скопје донесува детален урбанистички план и урбанистичка документација за населено место за подрачје на општината.

Во оспорениот став 6 на овој член е предвидено дека “урбанистичките планови од ставовите 3, 4 и 5 на овој член можат да се спроведуваат по издавање на согласност од Министерството надлежно за работи на урбанизамот”.

Во оспорениот став 7 на овој член е предвидено дека плановите за кои не е издадена согласност од став 6 на овој член се сметаат дека не се донесени”.

4. Исто така Судот утврди дека во член 18 став 1 точка 1 и 2 од Законот за локалната самоуправа, единиците на локалната самоуправа во согласност со надлежните органи на државната управа ги вршат следните работи.

– донесуваат генерален урбанистички план на кој органот на државната управа надлежен за работите на урбанизмот дава согласност;

– донесуваат детален урбанистички план и урбанистичка документација за населените места на единицата на локалната самоуправа на кои органот на државната управа надлежен за работите на урбанизмот дава согласност по претходно прибавено мислење од други органи и организации утврдени со закон;

5. Според член 8 од Уставот на Република Македонија покрај другите темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија е локалната самоуправа и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштита и унапредувањето на животната средина и на природата.

Според член 115 од Уставот во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашањата од локално значење а особено в областите на урбанизмот, комуналните дејности, културни, спортски ……. и други области утврдени со закон.

Општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и законот, а надзорот над законитоста на нејзината работа го врши Републиката.

6. Имајќи го предвид уставниот принцип на уредување и хуманизација на просторот, основните оргинерни права на единиците на локалната самоуправа и на граѓаните во одлучувањето за прашања од областа на урбанистичкото планирање како и јавниот интерес утврден за изработување и донесување на просторните и урбанистичките планови, законодавецот уважувајќи ја уставната норма од член 115 од Уставот го заштитува и државниот интерес (член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот) преку пропишување обврска за давање согласност на урбанистички план што го донесува општината односно градот Скопје, како и преку пропишување на сложена постапка за донесување на урбанистички планови.

Од анализата на прашањето за урбанизација на просторот уредено со законот во кој децидно е уредено прашањето на постапката за донесување на плановите произлегува дека граѓаните непосредно учествуваат со давање на свои мислења и забелешки, учество на стручни лица и вршење на стручна ревизија од страна на стручни институции или комисии, што покажува дека оваа надлежност е класично изврона општинска надлежност.

Според тоа, давањето на согласноста од страна на надлежен државен орган треба да се свати како интегрален дел на урбанистичкото планирање и учество на државниот орган во создавање на актот за кој се дава согласност, односно инструмент со кој органот потврдува дека плановите како подзаконски акти се донесувааат во законска постапка и дури по дадената согласност актот односно планот станува полноважен.

Имајќи ја предвид положбата на локалната самоуправа утврдена со уставот, како и фактот што Законот за просторното и урбанистичко планирање прецизно го дефинирал овластувањето на Министерството за урбанизам при давањето на согласност за урбанистички планови со условување во постапката за доенсување на плановите да се применуваат законите, Судот смета дека не се нарушува самостојноста на единицата на локалната самоуправа која самостојност согласно Уставот законски е детерминирана, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените членови со Уставот.

7. Со оглед на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.6/2001
7 март 2001 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов