61/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членот 28 алинеја 1 и 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 20 април 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на записници на општинските изборни комисии кои се однесуваат на утврдување на резултатите од првиот изборен круг на локалните избори одржан на 13 март 2005 година за општините

2. Илјаз Ибиши од с. Шипковица – Тетово, како овластен претставник на коалиција на Демократската Партија на Албанците и Партијата за Демократски Просперитет, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата во повеќе избирачки места при гласањето на локалните избори на 13 март 2005 година е нарушена тајноста на гласањето, едно лице или повеќе лица гласале за други лица, а бројот на тие гласови влијаел на резултатите од гласовите на ниво на општина, потоа изборниот процес бил проследен и со сериозни неправилности како што се примена на сила и закани во неколку избирачки места, поткупување на гласачи, закани за отпуштање од работа итн., што придонело гласањето да се смета за неправилно и спротивно на одредбите од Уставот (член 8 став 1 алинеја 1 и 5 кои се однесуваат на основните слободи и права на човекот и граѓаникот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и на политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори; потоа член 9 кој се однесува на еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите; и член 22 според кој секој граѓанин со наполнети 18 години живот стекнува избирачко право), и спротивно на закон. Неправилноста на локалните избори во одредени избирачки места биле забележани и од меѓународните организации надлежни за набљудување на изборите.

Со оглед на тоа што општинските изборни комисии и Врховниот суд на Република Македонија не ги имале предвид забелешките – приговорите, односно жалбите кои биле изјавени за изборниот процес, подносителот на иницијативата бара Уставниот суд на Република Македонија да го поништи гласањето во наведените општини од 13 март 2005 година.

3. Судот на седницата утврди дека Законот за локалните избори (“Службен весник на Република Македонија” бр.46/1996, 12/2003, 35/2004, 45/2004-пречистен текст, 52/2004 и 60/2004), во членот 1 определил дека предмет на уредување на овој закон се постапката и условите за избор на членови на советите на единиците на локалната самоуправа (општини), Советот на градот Скопје и за избор на градоначалник на општините и градоначалник на градот Скопје.

Според одредбите од овој закон, органи за спроведување на изборите се: Државната изборна комисија, општинските изборни комисии и изборната комисија на град Скопје (изборни комисии) и избирачки одбори за секое избирачко место во општините.

Во текот на спроведувањето на изборите, Државната изборна комисија изборниот материјал го предава на изборните комисии најдоцна во рок од 72 часа пред денот определен за одржување на изборите и за тоа предавање се составува записник. Изборната комисија е должна еден ден пред денот определен за одржување на изборите да го предаде изборниот материјал на избирачките одбори, кои за својата работа согласно членот 52-б од Законот составувааат записник.

Во записникот на избирачкиот одбор се внесуваат податоците за резултатите на гласањето и се внесуваат евентуалните забелешки дадени од претседателот и членовите на избирачкиот одбор. Записникот го потпишува претседателот и членовите на избирачкиот одбор. Потоа, записниците и другиот изборен материјал согласно членот 52-г од Законот, избирачкиот одбор ги доставува до изборната комисија во рок од 5 часа по завршување на гласањето. За предавањето на материјалот се составува посебен записник.

Судот утврди дека според членот 53 од Законот, изборната комисија ги пресметува вкупните резултати од гласањето во општината. Изборната комисија резултатите од гласањето ги пресметува врз основа на записниците со сумираните резултати од избирачките одбори и целокупниот материјал.

Според членот 54 од Законот, изборната комисија за утврдување на резултатите од гласањето составува записник. Во записникот се внесуваат податоци за резултатите од гласањето како што е определено во наведената одредба.

Со одредбите од членот 60 од Законот е уредено дека изборната комисија со решение ќе го поништи гласањето на гласачкото место во случаи ако е нарушена тајноста на гласањето, гласањето било прекинато подолго од три часа, ако полицијата не одговорила на барањето за интервенција од страна на избирачкиот одбор, а за тоа имало потреба и влијаело врз спроведувањето на гласањето на избирачкото место, ако бројот на гласачките ливчиња во гласачката кутија е поголем од бројот на избирачите кои гласале, а тој број влијае на резултатите на гласањето на ниво на општина и градот Скопје, итн. Против решението на изборната комисија може во рок од 24 часа да се поднесе жалба до Врховниот суд на Република Македонија преку изборната комисија кој е должен да постапи по жалбата во рок од 48 часа по нејзиниот прием.

Според членот 68 од Законот секој подносител на листа на кандидати за членови на совет и листа на кандидат за градоначалник и секој избирач во постапката за гласање, сумирање и утврдување на резултатите од гласањето има право да поднесе приговор до изборната комисија, кој се поднесува во рок од 48 часа по констатирањето на неправилностите. Изборната комисија е должна во рок од 48 часа по приемот на приговорот да донесе решение. Против решението на изборната комисија може да се поднесе жалба до Врховниот суд на Република Македонија во рок од 48 часа од приемот на решението.

4. Поаѓајќи од барањето во иницијативата кое се однесува на поништување на одлуки на општински изборни комисии за утврдување на резултати од првиот изборен круг одржан на 13 март 2005 година, и имајќи ги предвид изнесените законски одредби, произлегува дека во спроведувањето на локалните избори, изборните комисии немаат законско овластување да одлучуваат со донесување на одлуки кои конкретно се посочуваат како оспорени во иницијативата, туку изборните комисии ги констатираат на записник резултатите од гласањето и не донесуваат одлуки.

Согласно членот 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што записниците што изборните комисии ги составуваат согласно членот 54 од Законот за локалните избори, не претставуваат пропис или општ акт и Уставниот суд на Република Македонија нема надлежност да одлучува за нивната уставност и законитост како и поради тоа што со иницијативата се бара поништување на одлуки кои изборните комисии неможат да ги донесуваат во спроведувањето на локалните избори, Судот утврди дека иницијативата согласно цитираната деловничка одредба треба да се отфрли.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.61/2005
20 април 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова