У.бр.60/2017

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 29 ноември 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 9 во делот „Законот за царински мерки за заштита на права од интелектуална сопственост“ од Законот за царинската управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.46/2004, 81/2005, 107/2007, 103/2008, 64/2009, 105/2009, 48/2010, 158/2010, 53/2011, 113/2012, 43/2014, 167/2014, 33/2015, 61/2015, 129/2015 и 23/2016).

2. Игорчо Точев од Кочани до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот дел од одредбата од членот 9 од Законот за царинската управа пропишувала дека, Царинската управа работите од својата надлежност ги врши согласно со овој закон, Царинскиот закон, Законот за царинската тарифа, Законот за акцизите, Закон за даночна постапка, Законот за царински мерки за заштита на правата од интелектуална сопственост и други закони со кои се уредува увозот, извозот и транзитот на стока, како и за извршување на други дејности кои што со други закони и се утврдени во надлежност.

Во иницијативата се цитира членот 9 од Законот за царинската управа кои се компарираат со одредбите на член 44 став 1 и член 45 од Законот за царински мерки за спроведување на заштита на правата од интелектуална сопственост, од аспект на тоа што Законот за царински мерки за спроведување на заштита на правата од интелектуална сопственост престанал да важи сметано од 05.06.2015 година, и оттука произлегувало дека оспорениот дел од одредбата од членот 9 од Законот за царинска управа упатувал на пропис кој повеќе не е дел од правниот поредок што било во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 став 1 од Уставот на Република Македонија и од тие причини се бара истите да бидат укинати.

3. Судот на седницата утврди дека, според член 9 од Законот за царинска управа, царинската управа работите од својата надлежност ги врши согласно со овој закон, Царинскиот закон, Законот за царинската тарифа, Законот за акцизите, Законот за даночна постапка, Законот за царински мерки за заштита на правата од интелектуална сопственост и други закони со кои се уредува увозот, извозот и транзитот на стока, како и за извршување на други дејности коишто со други закони и се утврдени во надлежност.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Во ставот 2 од овој член, секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во член 1 став 1 од Законот за Царинската управа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 46/2004, 81/2005 107/2007,103/2008, 64/2009, 105/2009, 48/2010, 158/2010, 53/2011, 113/2012, 43/2014, 167/2014, 33/2015, 61/2015, 129/2015 и 23/2016) се уредува организацијата, делокругот на работа, начинот на вршење на работата и управувањето со Царинската управа, царинските надлежности, класификацијата на работните места, како и овластувањата и одговорностите при собирањето, евидентирањето, обработката и заштитата на податоци во врска со работите на Царинската управа. Со овој закон се уредуваат специфичностите во правата, обврските и одговорностите на царинските службеници од работен однос, кодексот на однесување, наградите и признанијата, како и финансирањето на Царинската управа (став 2).

Согласно член 9, од овој закон, Царинската управа работите од својата надлежност ги врши согласно со овој закон, Царинскиот закон, Законот за царинската тарифа, Законот за акцизите, Законот за даночна постапка, Законот за царински мерки за заштита на правата од интелектуална сопственост и други закони со кои се уредува увозот, извозот и транзитот на стока, како и за извршување на други дејности коишто со други закони и се утврдени во надлежност.

Законот за царински мерки за заштита на правата од интелектуална сопственост престанал да важи согласно член 44 став 1 од Законот за царински мерки за спроведување на заштита на правата од интелектуална сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр.88/2015).

Оспорената одредба од Законот е поместена во делот: Организација и делокруг на работа каде што, меѓу другото, се утврдени и основните надлежности, дел од кои се наведени и во членот 9.

Поради наведеното, Судот оцени дека со ваквата форму­лација постојат уставни противречности и не се работи само за одделниот поим употребен во овој закон, туку има и нејаснотија и конфузност која следи од нејасната одредба.

Од цитираната содржина на членот 9 произлегува дека тој се повикува на Закон кој веќе не е во правниот поредок, на што се укажува и во поднесената иницијатива. Со оглед на тоа што оспорениот член 9 содржи повикување на Законот за царински мерки за заштита на права од интелектуална сопственост, кој веќе не е во правниот поредок, Судот утврди дека постојат основи за доведување под сомневање на согласноста на оспорената одредба од членот 9, со принципот на владеењето на правото утврден во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Ова од причини што владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија утврдена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот подразбира во правниот поредок да егзистираат само јасни, прецизни и недвосмислени норми. Во случај кога тие во себе содржат некакво повикување, упатување на друга норма, таа неминовно мора да е дел од правниот поредок за да таквото уредување претставува една логична, правно-функционална целина, што не е случај со означениот дел на членот 9 од Законот.

Со оглед на тоа што во текстот на изменетиот член 9 од Законот за царинската управа воопшто не е направена корекција на поранешниот Закон за царински мерки за заштита на права од интелектуална сопственост со другиот Закон за царински мерки за спроведување на заштита на правата од интелектуална сопственост („Службен весник на Република Македонија“ број 88/2015), кој е веќе во сила, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето на уставноста бидејќи уредува примена на непостоечко право во Законот, со што се повредува уставниот принцип на владеење на правото утврден во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека оспорената одредба од Законот не е во согласност со наведените уставни одредби поради што основано се тврди во иницијативата дека оспорената одредба била во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот со што се повредувало начелото на владеењето на правото, кое се обезбедува преку членот 51 од Уставот, според кој, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите. Ова од причина што создадената норма не треба да биде лесно разбирлива само за оној што ја креирал, туку и за оние што ја применуваат и оние на кои се однесува, а во овој случај тоа се царинските прекршоци предвидени во Законот за царинската управа.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претсе­дателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

 

У.бр.60/2017
29 ноември 2017 година
С к о п ј е

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски