60/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 октомври 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 17 став 5 од од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1993, 4/1994, 14/1995, 71/19996, 32/1997, 24/2000, 96/2000, 50/2001, 85/2003, 50/2004, 4/2005, 84/2005, 101/2005, 70/2006, 153/2007, 152/2008, 161/2008 и 81/2009).

2. Часлав Ивановски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со бришењето на ставот 5 од членот 17 од Законот, а кое е извршено со членот 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2000), и со кое бил укинат работниот стаж како услов за остварување право на пензија, се повредувале членовите 9, 50 и 51 од Уставот на Република Македонија.

Со укинувањето на овој услов за остварување право на пензија, според иницијативата се повредувало правото на еднаквост од општествена положба, бидејќи подносителот на иницијативата немал можност да оди во пензија по овој основ. Оспорениот член не бил во согласност со Уставот – член 51 од причина што не се обезбедувало еднаквост пред Уставот и законите согласно член 9 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 17 став 5 од Законот осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 40 години (маж), односнно 35 години пензиски стаж (жена) без оглед на годините на живот.

4. Законот за пензиското и инвалидското осигурување Собранието на Република Македонија го донесе на седницата одржана на 27 декември 1993 година и истиот е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1993 од 30 декември 1993 година.

Со овој закон се уредува задолжителното пензиско и инвалидско осигурување на работниците во работен однос и на физичките лица кои вршат дејност, како и посебните услови под кои одделни категории на осигуреници ги остваруваат правата од пензиското и инвалидското осигурување (член 1).

Во делот III од овој закон, со наслов „Стекнување и утврдување на правата“ со поднаслов „Старосна пензија“ содржан е членот 17, според кој осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 63 години живот (маж), односно 60 години живот (жена) и најмалку 20 години пензиски стаж.

Во преодниот период од 1 јануари 1994 година до 31 декември 1998 година (маж), односно до 31 декември 2002 година (жена), старосната граница за стекнување право на старосна пензија постпено се зголемува, и тоа:

___________________________________________________________
Година маж жена
___________________________________________________________
01.01.1994 до 31.12.1994 60,5 55,5
01.01.1995 до 31.12.1995 61,0 56,0
01.01.1996 до 31.12.1996 61,5 56,5
01.01.1997 до 31.12.1997 62,0 57,0
01.01.1998 до 31.12.1998 62,5 57,5
01.01.1999 до 31.12.1999 63,0 58,0
01.01.2000 до 31.12.2000 58,5
01.01.2001 до 31.12.2001 59,0
01.01.2002 до 31.12.2002 59,5
01.01.2003 60,0

Осигуреникот кој не наполнил пензиски стаж од 20 години стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 65 годни живот (маж), односно 63 годни (жена) и најмалку 15 години стаж на осигурување.

Во преодниот период од 1 јануари 1994 година до 31 декември 1998 година старосната граница за жена постепено се зголемува, и тоа:

___________________________________________________________
Година жена
___________________________________________________________

01.01.1994 до 31.12.1994 60,5
01.01.1995 до 31.12.1995 61,0
01.01.1996 до 31.12.1996 61,5
01.01.1997 до 31.12.1997 62,0
01.01.1998 до 31.12.1998 62,5
01.01.1999 63,0

Осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 40 години (маж), односно 35 години пензиски стаж (жена) без оглед на годините на живот.

Законот за пензиското и инвалидското осигурување, по неговото донесување, претрпува повеќе измени, а една од нив е со донесување на Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување кое Собранието на Република Македонија го донесе на седницата одржана на 22 март 2000 година, и истиот е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2000 од 29 март 2000 година.

Со член 1 од овој закон, изменет е членот 1 од Законот, кој гласи:

„Со овој закон се уредува задолжителното пензиско и инвалидско осигурување на работниците во работен однос и на физичките лица кои вршат дејност, основите на капитално финансирано пензиско осигурување, како и посебните услови под кои одделни категории на осигуреници ги остваруваат правата од пензиското и инвалидското осигурување“.

Во членот 5 од овие измени од Законот (кој со иницијативата се оспорува) се наведува дека во членот 17 став 1 бројот „63“ се заменува со бројот „64“, бројот „60“ се заменува со бројот „62“, а бројот „20“ се заменува со бројот „15“.
Ставот 2 се менува и гласи:

„Во преодниот период од 1 септемри 2000 година до 31 декември 2001 година (маж), односно 31 декември 2007 година (жена), старосната граница за стекнување право на старосна пензија постепено се зголемува и тоа:

___________________________________________________________
Година маж жена
___________________________________________________________
01.09.2000 до 31.12.2000 63,5 58,5
01.01.2001 до 31.12.2001 64,0 59,0
01.01.2002 до 31.12.2002 59,5
01.01.2003 до 31.12.2003 60,0
01.01.2004 до 31.12.2004 60,5
01.01.2005 до 31.12.2005 61,0
01.01.2006 до 31.12.2006 61,5
01.01.2007 до 31.12.2007 62,0
___________________________________________________________

Од наведената фактичка состојба јасно произлегува дека подносителот на иницијативата оспорува дел од закон кој повеќе не е во правниот поредок, односно напаѓајќи ја формата на членот 5 став 3 во делот: „5“, бара враќање на содржина која повеќе не е дел од правниот систем и како таков неможе да биде предмет на уставно судска анализа и оценка.

Подносителот на иницијативата, всушност, според Судот, бара од Судот да ја врати содржината на членот 17 по однос на стекнување право на старосна пензија по основ на работен стаж, што е надлежност на Собранието на Република Македонија, како доносител на овој правен акт.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот, Уставниот суд на Република Македонија ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од напред наведената фактичка состојба, постојат процесни преч,ки за одлучување во смисла на цитираната деловничка одредба, Судот иницијативата ја отфрли.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.60/2009
21 октомври 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски