60/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 декември 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлуката за донесување Детален урбанистички план за градска четврт „Буњаковец II“ – Скопје, бр.07-1622/1, донесена од Советот на општина Центар – Скопје на 9 декември 2002 година („Службен гласник на град Скопје“ бр.13/2002).

2. Тимка Блажеска, Миле Блажески и Борислав Попов – сите од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата: „… оспорената одлука не е во согласност со член 11 од Законот за просторно и урбанистичко планирање затоа што со усвојувањето на Деталниот урбанистички план „Буњаковец II“ се прави измена на градбата на нашата индивидуална станбена зграда на КП.бр.7138 во површина 261 м2. Повредата на постапката на донесување на Деталниот урбанистички план се состои во тоа што површината на објектот не е вцртана според реална димензија односно според неговата постојна состојба. Поконкретно целиот објект е со димензии 9 м. на 12 м., а со новиот Детален урбанистички план се прикажува со димензии 7 м. на 8 м. така што сега се предвидува лепење на зградата на КП.бр.11205 на нашата зграда, а легално изградените прозори ни се затвораат и не се остава простор меѓу нашата зграда и зградата која започнува да се гради, па не е почитувана законската одредба на член 11 од Законот за просторно и урбанистичко планирање која предвидува постојната состојба да е основа на планот. Кога беше изложен на увид Деталниот урбанистички план од 2002 (јавна анкета) ние бевме на увид и доставивме писмени забелешки за направениот превид, па дури и директно лично и беше укажано на тогашната началничка на Секторот за урбанизам на општина Центар од страна на жалителот Попов Борислав. Ние не бевме известени за причините поради кои не се прифаќаат нашите забелешки за да можеме да се обратиме до повисок орган, ниту пак извештајот од јавната анкета ни бил презентиран. Деталниот урбанистички план од 2002 година „Буњаковец II“ морал да ги инкорпорира сите градби кои дотогаш биле направени врз основа на документација легално издадена од надлежен орган како во случајот на нашата градба и на основа Деталниот урбанистички план кој тогаш важел (1986), а не да предвидува поинакви услови за градба. Ние жалителите имаме изградено објект за домување во 1987 година врз основа на Решение за локација … Записник за регулациона градежна и нивелациона линија … Решение за признавање на предимствено право на користење градежно неизградено земјиште … Решение со кое се дава урбанистичка согласност на главен проект за изградба на станбена зграда … Одобрение за градење …“.

3. Судот на седницата утврди дека во август и септември 2001 година е извршена стручна ревизија на Нацрт-планот; во октомври 2001 година и јануари 2002 година е дадено стручно мислење по Нацрт-Планот од Министерството за транспорт и врски и од главниот архитект на градот Скопје; на 11 февруари 2002 година е утврден нацртот на Деталниот урбанистички план за градска четврт „Буњаковец II“ – Скопје, од страна на Одделението за урбанизам на општина Центар; на 13 февруари 2002 година е донесена одлука за организирање на јавна анкета од страна на градоначалникот на Општината; на 18 февруари 2002 година во весниците „Утрински весник“ и „Дневник“ е објавено соопштение до граѓаните и правните лица за јавна анкета по Нацрт-Планот, кој бил изложен во просториите на Месната заедница „Васил Антевски Дрен“ во период од 10 дена односно од 18-28 февруари 2002 година; на јавната анкета се изнесени 156 забелешки на Нацрт-Планот од страна на граѓаните и правните лица, меѓу нив се евидентирани забелешки од Миле и Тимка Блажески и Борислав Попов – (1) бараат да се изврши корекција на графичкиот приказ на Нацрт-планот според фактичката состојба, (2) не се согласуваат со висината на објектите од спротивната страна на улицата, (3) бараат да се обезбеди паркирање во дворните места, (4) бараат да се обезбеди инфраструктура соодветна на изграденоста и опременоста; на 30 мај 2002 година е изработен извештај по забелешките од јавната анкета, составен од Стручна комисија формирана од градоначалникот на општина Центар; во наведениот извештај е содржан одговор, покрај на другите, и на забелешките од подносителите на иницијативата – првото барање е прифатено, а по останатите три барања се констатира дека се однесуваат на поширок простор, дека за објектот од спротивната страна се прифаќа забелешката и се определува висина дозволена со законската регулатива и дека по другите забелешки планирањето е согласно стандардите и нормативите; во јуни 2002 година е изготвен Предлог-план од страна на АД „ЗУАС“ од Скопје; на 11 јуни 2002 година е дадена согласност на Предлог – планот за градската четврт „Буњаковец II“ – Скопје, од страна на Министерството за транспорт и врски – Сектор за уредување на просторот.

4. а) Во член 80 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“бр.51/2005, 137/2007 и 151/2007) се определува дека: „Постапката за донесување на урбанистичките планови започната пред денот на примената на овој закон (1 јули 2005 година, н.з.) ќе продолжи според одредбите на законот кој бил во сила на денот на нивното отпочнување, доколку урбанистичкиот план ја поминал фазата на стручна расправа или фазата на јавна анкета и јавна презентација“.

Со оглед дека постапката на донесувањето на оспорената одлука на 1 јули 2005 година ја поминала фазата на стручна расправа, јавна анкета и јавна презентација, дури и беше донесена Одлуката (таа е од 9 декември 2002 година), Судот утврди дека Одлуката е донесена по Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002) и нејзината законитост ја оценуваше во однос на тој закон.

б) Според член 17 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002) плановите се изработуваат како нацрт и предлог на план. Според ставовите 3 и 5 на овој член од Законот, по нацртот на деталниот урбанистички план се спроведува јавна анкета, која ја организира општината. Одлуката за спроведување на јавната анкета согласно ставот 7 на овој член ја донесува градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на општинската администрација.

Според членот 18 став 1 од Законот, јавната анкета се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 10 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од подрачјето опфатено со планот, доставуваат писмени забелешки на анкетни листови, до организаторот на анкетата. Според ставот 2 на овој член, за времето и местото каде ќе биде изложен планот, задолжително се објавува соопштение во јавните гласила. По завршувањето на јавната анкета, согласно ставот 4 на овој член општината изработува извештај за јавната анкета со образложение за неприфатените забелешки.

Согласно член 19 од Законот, пред организирањето на јавната анкета, на нацртот на деталниот урбанистички план се врши стручна ревизија од страна на правно лице што има добиено овластување од членот 16 став 1 на овој закон, што го определува градоначалникот. Изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по стручната ревизија.

Според членот 22 став 6 од Законот, општината деталниот урбанистички план го донесува по издавањето согласност на предлогот на планот од страна на министерството надлежно за работите на уредувањето на просторот.

Имајќи ги предвид изнесените законски одредби, како и фактот дека во конкретниот случај по нацртот на изменувањата и дополнувањата на Деталниот урбанистички план е организирана јавна анкета во траење од 10 дена, дека е изготвен извештај за спроведената јавна анкета со образложение за неприфатените забелешки, дека има извештај за извршена стручна ревизија и дека надлежното министерство дало согласност на Предлогот за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план, Судот оцени дека оспорената одлука е донесена согласно постапката утврдена во Законот за просторно и урбанистичко планирање.

5. Имајќи предвид што во членот 18, а ниту во кој било друг член од Законот за просторно и урбанистичко планирање, не е предвидена обврска граѓаните и правните лица кои учествувале во јавната анкета да бидат поединачно известувани за нивните неприфатени забелешки, Судот оцени дека наводите во иницијативата според кои постапката за донесување на оспорената одлука е повредена затоа што подносителите не биле посебно известени за неприфаќање на нивните забелешки, ниту им бил презентиран извештајот од јавната анкета, се ирелевантни, односно не можат да претставуваат основ за изразување на сомневање за согласноста на оспорената одлука со членот 18 од Законот, во однос на кој посебно се оспорува нејзината законитост.

6. Во однос на наводот во иницијативата дека не била земена за основа реалната состојба на објектот на подносителите на иницијативата при донесувањето на оспорената одлука и дека тоа не било во согласност со член 11 од Законот, Судот оцени дека тоа прашање е поврзано со примена на законската одредба во конкретен случај, а тоа не е делокруг на Уставниот суд.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.60/2008
24 декември 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски