60/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 април 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на Решението У.П.бр.16-0015/12828 од 13 март 1997 година, донесено од Министерството за финансии – Управа за јавни приходии – Дирекција – Одделение Скопје.

2. Љубомир Павловски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата со свој допис го известува Судот за примената на Законот за даноците на имот од страна на Управата за јавни приходи – Дирекција – Одделение Скопје и бара Уставниот суд да ја оцени постапката на Управата за јавни приходи по однос на донесувањето на оспореното решение.

Во претходната постапка со писмо Р.бр.30/2005 од 21 март 2005 година од подносителот на иницијативата е побарано да ја дополни иницијативата согласно членот 15 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

Подносителот на иницијативата поднесе дополнување на иницијативата од 25 март 2005 година во кое наведува дека не се согласува и го оспорува решението на Управата за јавни приходи Уп.бр.16-0015/1282 од 13 март 1997 година, прилог број 7 на претходниот поднесок и решенијата заклучно со 2004 година.

Причините за неговото оспорување се следните:

а) Данокот на стан за 1996 година во износ од 712,80 денари и надоместокот во износ 356,40 денари се собрани и прикажани како данок во износ од 1.069,20 денари.

Уставниот суд на Република Македонија со своја одлука објавена во “Службен весник на Република Македонија” бр.5/1997 година, го укинал членот 37 од Законот за просторно и урбанистичко планирање и надоместокот кој се плаќаше во 1996 година.

б) Вредноста на станот во износ од 1.425.600,00 денари која Управата за јавни приходи ја определил во 1994 година, по три години ја зголемил на 2.138.400,00 денари, за да одговора на износот од 1.069,20 денари, данок кој се пресметувал според даночните стапки наведени во членот 5 од Законот за даноците на имот.

Според наведениот закон, вредноста на имотот (станот) била определена во годината на настанување на даночната обврска, како даночна основа и е определен данок во износ од 713,00 денари.

Во иницијативата понатаму се наведува дека е апсурдно по три години да се зголеми вредноста на станот и даночната основа, за да се зголеми износот на данокот.

в) Во другите општини, конкретно Струга, одлуката на Уставниот суд на Република Македонија со која се укинува членот 37 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, се почитувала и надоместокот не се пресметувал.

Решенијата на општина Струга, донесени за плаќање на данокот на имот за 1995, 1996 и 1997 година подносителот на иницијативата ги приложува кон овој поднесок.

Со решението на Управата за јавни приходи Уп.бр.16-0015/12828 од 13 март 1997 година, во кое данокот и надоместокот се собрани и прикажани како данок, не се почитувала одлуката на Уставниот суд на Република Македонија, а со двојно зголемената вредност на станот по три години, се повредувал Законот за даноците на имот во кој е пропишано дека “пазарната вредност на недвижниот имот е вредност на имотот која може да се постигне во слободниот промет во моментот на настанување на даночната обврска, а тоа било 1994 година.

Врз основа на изнесеното од Уставниот суд се бара да ја оцени постапката на Управата за јавни приходи Скопје, затоа што не ја почитувала одлуката на Уставниот суд на Република Македонија, за укинување на членот 37 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, а други општини ја почитувале и затоа што не се почитувал Законот за даноците на имот при определување на пазарната вредност на станот и даночната основа.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 28 од Законот за даноците на имот (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993, 3/1994, 71/1996, 54/2000 и 24/2003) Министерството за финансии – Управа за јавни приходи – Дирекција – Одделение во Скопје, донело решение со кое на даночниот обврзник Љубомир Павловски со ЕМБГ 1409939450156 од Скопје на Ул. “Народен Фронт” бр.21/4/11 се задолжува со данок на имот за 1997 година во износ од 1069,00 денари, кој се уплатува на жиро сметка 40100-846-033-133. Данокот на имот се плаќа во рок од 15 дена од доставувањето на решението или во еднакви тримесечни рати кои стасуваат за наплата во средината на секое тримесечие. На износот на данокот што нема да се плати во овој рок се пресметува камата од 0,3% дневно. Жалбата не ја одлага наплатата на утврдениот данок.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со оглед на тоа што оспореното решение не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, туку конкретен управен акт со кој на подносителот на иницијативата му била определена даночна обврска, Судот утврди дека иницијативата треба да се отфрли поради ненадлежност на Судот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.60/2005
20 април 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова