60/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 и член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 март 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за мерките и начинот за заштеда на потрошувачката на топлинска енергија за затоплување на објектите, донесена од Собранието на Град Скопје на седницата одржана на 10 февруари 1987 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија Костадин Аневски, Иван Јовановиќ и други граѓани од Скопје му поднесоа иницијатива за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со неможноста за примената на Одлуката и нејзиното усогласување со стварната техничка спремност на објектот корисниците на топлотна енергија кои во своите станови имале вградено мерни уреди за мерење на потрошената топлотна енергија (калориметри) во индивидуалните објекти како и колективни објекти со мал број станови плаќале многу повисока цена од корисниците на топлотна енергија без мерни уреди, со што било повредено уставното начело на еднаквост и член 15 од Законот за облигациони односи.

3. На седницата Судот утврди дека со оспорената одлука е предвидено заштедата на потрошувачката на топлинска енергија да се регулира со воведување на мернорегулациона опрема во сите објекти во кои постои топлификационен систем, роковите за вградување на тие уреди, трошоците за вградување и баждарење и начинот на наплата за користење на топлотна енергија кој ќе се врши според состојбата на мерниот уред, а во согласност со ценовникот – тарифа на услугите што ги врши организацијата за испорака на топлинска енергија на подрачјето на град Скопје.

4. Понтаму, Судот утврди дека за истоветна одлука донесена во 1982 година со Решение У.бр.259/85 од 17 декември 1985 година, не повел постапка. Исто така Судот утврди дека и за сега оспорената одлука со Решение У.бр.88/87 од 9 декември 1987 година не повел постапка за оценување на нејзината уставност и законитост.

Со оглед на тоа што истата работа Судот веќе одлучувал, а сега не наоѓа причини за поинакво одлучување одлучи како во точката 1 од ова решение.

1. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.60/96)