59/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 октомври 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за дел од Урбаната единица „Благој Стефковски Гојчо“ Урбан блок 44, плански опфат помеѓу улиците „Миле Кипра“, „Љупчо Арсов“, „Иго Тричковиќ“ и „Кирил и Методиј“ – општина Куманово, број 07-11242/17 од 7 ноември 2008 година („Службен гласник на општина Куманово“ број 17/2008), донесена од Советот на општина Куманово.

2. Група граѓани од Куманово застапувани од Ѓорѓи Андов, адвокат од Куманово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената Одлука за донесување на предметниот детален урбанистички план не била донесена во согласност со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање бидејќи постапката не била спроведена во согласност со наведениот закон. Ова поради тоа што граѓаните не биле известени преку средствата за јавно информирање за јавната анкета и за јавната презентација на нацртот и предлогот на Планот во постапката на неговото донесување, а на 5 септември 2008 година кога граѓаните и градоначалникот на општината одржале состанок во просториите на советот на општината, дел од граѓаните се спротивтавиле на планираните содржини, поточно на планираната колективна станбена зграда во тој локалитет каде имало куќи со зеленило и дворни места и претставувал мирен и убав дел од градот, но со колективната станбена зграда тоа ќе се нарушело. На овој состанок, на граѓаните им било ветено дека немало да се планираат колективни станбени згради во предметната урбана единица, меѓутоа тоа не се случило за двете локации (број 13 и број 15) на улица „Кирил и Методиј“ каде висината на новопредвидените објекти била планирана од 10,20 м., а за другите 8,50 м.Од овие причини се предлага Судот да поведе постапка за оценување на законитоста на оспорената одлука, како несогласна со членовите 17, 18, 21, 22, 24, 25, 26, 27, 28 и 31 од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Со иницијативата, исто така се предлага Судот да донесе времена мерка за запирање на извршување на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорената одлука.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на општината Куманово на седница од 7 ноември 2008 година ја донел оспорената одлука во која со членот 1 било определено дека се донесува предметниот план, во членот 2 било утврдено дека составен дел на Планот е и техничката документација изработена од „Урбан Гис“ ДОО – Куманово, со текстуалниот дел со билансни показатели и основни параметри за уредување на просторот и синтензниот графички приказ на планските решенија, во членот 3 се уредени прашања во врска со заверката, потписот, печатот и архивирањето на документацијата и Одлуката за донесување на планот, а според членот 4, оваа одлука влегувала во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Куманово“.

4. Судот, исто така утврди дека условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапакта за донесувањето на плановите, како и другите прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.51/2005, 137/2007 и 151/2007-исправка), во чие време на важење е донесена оспорената одлука.

Во членот 3 од наведениот закон е утврдено дека изработувањето, донесувањето и спроведувањето на Просторниот план на Република Македонија и на урбанистичките планови се работи од јавен интерес.

Видовите и содржината на плановите, како и постапката за нивно изработување и донесување се уредени во посебен дел од Законот означен и насловен со “II. Планирање на просторот”, кој ги опфаќа членовите од 7 до 48.

Според членот 7 од овој закон, во зависност од просторот кој е предмет на планирањето се донесуваат следните планови: Просторен план на Република Македонија и урбанистички планови во кои спаѓаат генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место.

Согласно член 11 ставовите 1 и 2 од Законот, детален урбанистички план, за каков што се работи во конкретниот случај, се донесува за плански опфат за кој е донесен генерален урбанистички план. Деталниот урбанистички план содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија на опфатот, како и нумерички дел со билансни показатели за планскиот опфат и за инфраструктурата. Според ставот 3 од овој член од Законот, графичките прикази на планот содржат: „граница на планскиот опфат, регулациони линии, парцелација на градежното земјиште, површини за градење на градби определени со градежни линии, максимална висина на градбата изразена во метри до венец, намена на земјиштето и градбите, планско решение на секундарната сообраќајна мрежа со нивелманско решение и плански решенија на сите секундарни комунални и телекомуникациски инфраструктури“. Според ставот 4 од овој член од Законот, текстуалниот дел од планот содржи: општи услови за изградба, развој и користење на земјиштето и градбите, посебни услови за изградба на поединечни градежни парцели, податоци за сообраќајните, комуналните и телекомуникациските инфраструктури и други параметри.

Согласно член 18 од Законот, изработување на урбанистички планови вршат правни лица кои поседуваат лиценца, што ја издава органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот под услови утврдени во овој член од Законот.

Според одредбите од членовите 21 и 22 од Законот плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план. На нацртот на плановите се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон, прописите донесени врз основа на овој закон и друг закон. Стручна ревизија на плановите од член 7 точка 2 на овој закон финансирани од буџетот на општината и буџетот на градот Скопје врши овластено правно лице од член 18 став 1 на овој закон, определено од градоначалникот на општината или на градот Скопје. Согласно став 5 на овој член, забелешките од стручната ревизија се вградуваат во нацртот на планот, а изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по забелешките на стручната ревизија до органот надлежен за донесување на планот. Стручната ревизија и извештајот за постапување по забелешките од стручната ревизија се составен дел на планот.

Во член 24 од Законот, се утврдува дека по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета (став 1). Организирањето на јавната презентација и јавната анкета на плановите од став 1 на овој член го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредување на просторот (став 2). За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај (став 3). Јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови (став 4). Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината (став 5).

Според член 24 став 6 од Законот, извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање. Според став 7 на овој член од Законот, извештајот е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот, а согласно ставот 8, врз основа на извештајот, комисијата е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози. Во членот 24 став 10 од Законот утврдено е дека времето и местото каде ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со сопштение во јавните гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположба и површина на опфатот на планот.

Според член 25 став 1 од Законот, на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, изработени во форма на нацрт на план се дава мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, заради согледување на степенот на усогласеноста на плановите со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Во ставот 2 на овој член од Законот утврдено е дека на плановите изработени во форма на предлог на план се дава согласност од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека плановите се изработени согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Согласно ставот 3 на член 25 од Законот мислењето од ставот 1 и согласноста од ставот 2 на овој член се дава во рок од 15 работни дена од денот на поднесувањето на барањето од страна на доносителот на планот. Доколку надлежниот орган за издавање на мислењето и согласноста не одговори во наведениот рок ќе се смета дека мислењето и согласноста се издадени. Според ставот 5 на истиот член по добивањето на согласноста од ставот 2 на овој член, планот се доставува до надлежниот орган за донесување.

Од изнесените законски одредби Судот оцени дека законодавецот, во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.
Според Судот, тргнувајќи од наведената законска регулатива, како и од увидот и анализата на документацијата од постапката за донесување на оспорената одлука, произлегува:
– Нацрт-Деталниот урбанистички план за дел од УЕ „Благој Стефковски – Гојчо“ УБ 44, општина Куманово бил изработен од „Урбан Гис“ Куманово со тех.бр.28/07 од август 2007 година.
– На Нацрт-планот била изработена Стручна ревизија од „Стан-Арт“ – Куманово од август 2007 година и бил даден одоговор на стручната ревизија од изготвувачот на планот,
– Министерството за транспорт и врски дало Стручно мислење број 16-11766/1 од 6 ноември 2007 година на Нацрт-планот со забелешки, а изготвувачот, потоа со Одлука бр.07-2167/18 од 27 февруари 2008 година го утврдил Нацрт – планот;
– Јавната презентација и јавната анкета по Нацрт-планот биле објавени во весникот „Утрински весник“ на 22 – 23 март 2008 година, преку соопштение кое ги известувало граѓаните дека во периодот од 20 март до 9 април 2008 година се организирала јавна анкета по предметниот план кој бил истакнат во општинските витрини и за сите информации на граѓаните ќе се пружале услуги во Секторот за урбанизам, комунални дејности и заштита на животната средина во општината Куманово, а предлози и забелешки ќе се примале на анкетни листови во архивата на општината Куманово. Јавната презентација била закажана на 2 април 2008 година во 11 часот во салата за состаноци во општина Куманово. Соопштението за јавната анкета и јавната презентација било испратено за огласување и до телевизиите „Хана“ и „Крт“. Стручна комисија изготвила Извештај од спроведената јавна анкета и јавна презентација број 21-2950/8 од 23 април 2008 година, од кој произлегува дека приговор бил поднесен од едно лице и тој бил удоволен, а на јавната презентација биле присутни раководителот на Секторот за урбанизам, комунални дејности и заштита на животната средина на град Куманово и претставници на „Сан Арт“ ДООЕЛ – Куманово и изработувачот на планот „Урбан-Гис“ ДОО Куманово.
– Министерството за транспорт и врски дало Согласност број 16-5753 од 29 мај 2008 година на Предлог-планот за Деталниот урбанистички план, дел од Урбаната единица „Благој Стефковски-Гојчо“ урбан блок 44 – Куманово, и потоа Советот на општината Куманово ја донел Одлуката за донесување на предметниот план.
Тргнувајќи од правната и фактичката состојба Судот оцени дека оспорената одлука е донесена во постапка предвидена со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање и неосновани се наводите во иницијативата со кои Одлуката за донесување на планот се оспорува бидејќи неспорно е дека јавната анкета и јавната презентација на планот биле објавени во јавните гласила и биле спроведени согласно со Законот, а во однос на содржините кои биле предвидени со планот Уставниот суд не е надлежен да ја цени нивната целисходност и потреба од планирање при што само може во случајов да констатира дека од приложената урбанистичка документација на градежните парцели во локалитетот кој е предмет на Планот, произлегува дека станува збор за семејно домување во стамбени куќи.
Врз основа на изнесеното Судот оцени дека за оспорената Одлука не може да се постави прашањето за согласноста со Законот за просторното и урбанистичкото планирање, а соодветно на тоа и не постојат услови согласно членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија кои се преземени врз основа на Одлуката.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.59/2009
21 октомври 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски