59/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 21 април 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување постапка за оценување на уставноста на член 122 од Законот за сопственост и други стварни права (“Службен весник на Република Македонија” бр.18/2001).

2. Михајло Илчевски од Прилеп и Маргарита Шијакова од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точка 1 од ова решение.

Во иницијативата поднесена од Михајло Илчевски се наведува дека оспорената законска одредба не била во согласност со Уставот на Република Македонија, од аспект на членовите 8, 30, 51 и 59. Имено, според подносителот Законот за сопственост на делови од згради, определил дека е трајно правото на користење на заедничките делови од повеќе станбени згради на сопствениците на посебните делови од зградата. Од друга страна, пак, Законот за домување го уредил наменското користење на заедничките делови, уреди и инсталации во станбените згради по основ на правото на сопственост.

Доградбата и надградбата претставувале економска категорија во која се вложувал капитал, а подносителот на иницијативата смета дека Уставот ја гарантира слободата и еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот.

Според мислењето на подносителот на иницијативата за уставноста на ставот 1 од оспорениот член битен момент претставувало времето кога биле донесени планот и проектот, пред или по изградбата на зградата и дали во нив била предвидена или не доградба или надградба на зградата. Во врска со ставот 2, подносителот на иницијативата смета дека истиот бил во спротивност со член 55 од Уставот, бидејќи правото на доградба, односно надградба било дадено само на “сопственици на постојна зграда”, што значи само на одделни сопственици, а не и на сите сопственици на постојна зграда. Исто така и ставовите 3 и 4 од оспорената законска одредба не биле во согласност со членовите 8 став 1 алинеја 7, 30 став 1 и 3, 51 и 59 од Уставот, од причина што правото да одлучува за доградба, односно надградба му било дадено на мнозинството сопственици на посебните делови од зградата кои претставувале повеќе од половината од вредноста на зградата, без да биде определено местото, улогата и правото на секој поединец и заедно на сите сопственици на посебните делови од зградата, а посебно ако правата на сопствениците не се пренесени на тоа мнозинство. Понатаму, подносителот на иницијативата наведува дека со решението во став 3 не било водено сметка и за фактот дека сопствениците на посебните услови од зградата не биле акционери кои при вложувањето на својот капитал за вршење на одредена дејност се договарале кој ќе управува, туку истите биле само станари кои сакале во заедничката зграда да живеат и делуваат во условите со кои се стекнале со купувањето на становите или другите делови од зградата.

Во иницијативата поднесена од Маргарита Шијакова, која по втор пат поднесува иницијатива за оценување на уставноста на член 122 од Законот за сопственост и други стварни права, се оспорува согласноста на став 3 и 4 од наведениот член со член 8 став 1, 3, 6, член 30 став 3 и член 54 од Уставот на Република Македонија.

Во иницијативата, исто така, се наведува дека со Уставот на Република Македонија (член 30 став 3) се штитела сопственоста во две форми: а) забрана на одземање на сопственоста и б) забрана на ограничување на сопственоста. Уставот на Република Македонија прави отстапка, односно дозволува одземање и ограничување на сопственоста единствено врз основа на јавен интерес кој треба да биде утврден со закон. Меѓутоа, со решенијата дадени во оспорениот член, според подносителката на иницијативата, одземањето на дел од имотот претставува ограничување на правото на имотот. Ваквото одземање, односно ограничување на правото на сопственост може да настапи, согласно Уставот само при постоење на јавен интерес, а според Првиот протокол кон Конвенцијата за заштита на човековите права и слободи само ако се дефинирани условите односно, причините поради кои може да биде ограничено тоа право. Во оспорениот член, според наводите на подносителката на иницијативата овие услови не биле дефинирани, ниту, пак, бил дефиниран јавниот интерес.

Од содржината на иницијативата произлегува дека интенцијата на истата е дека со оспорениот член се повредени човековите права опфатени во член 1 од Првиот протокол кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи.

Поради изнесеното подносителката на иницијативата предлага поведување постапка за оценување на уставноста на став 3 и 4 од оспорената законска одредба.

3. Судот на седницата утврди дека во член 122 од Законот за сопственост и други стварни права (“Службен весник на Република Македонија” бр.18/2001) е предвидено:

став 1: Доградба и надградба на зграда се врши врз основа на детален урбанистички план и урбанистички проект.

став 2: Доградба, односно надградба има право да бара сопственик, односно сопственици на постојна зграда. Со доградбата, односно надградбата сопственикот, односно сопствениците стекнуваат право на сопственост и врз доградбата, односно надградбата.

став 3: Право на доградба, односно надградба на зграда во етажна сопственост (зграда со два или повеќе станови што им припаѓаат на две или повеќе лица) имаат сопствениците на посебните делови од зградата. За доградбата, односно надградбата, одлучува мнозинството сопственици на посебните делови од зградата кои претставуваат повеќе од половината на вредноста на зградата. Ако за доградбата, односно надградбата има повеќе интересенти отколку што е предвидено да се изградат нови делови од зградата и ако за тоа не се постигне согласност меѓу нив, по барање на секој од заинтересираните одлучува судот, водејќи сметка за принципот на правичност.

став 4: Ако за доградбата, односно надградбата не се заинтересирани сопствениците на посебните делови од зградата, правото на градење можат да им го отстапат на трети лица со мнозинство гласови на посебните делови од зградата кои вредносно претставуваат повеќе од половина од вредноста на зградата, со тоа што градителот, односно градителите се должни да платат соодветен надоместок за правото на градење врз туѓо земјиште, како и за штетите што можат да бидат предизвикани како резултат на градењето.

4. Во член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија е определено дека Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Оспорената одредба од Законот за сопственост и други стварни права, била предмет на оценување од страна на Уставниот суд на Република Македонија по однос на нејзината согласност со одредбите на Уставот. Притоа, Судот донесе решение У.бр.203/2002 од 12 март 2003 година за неповедување постапка за оценување на уставноста на одредбата, а со решение У.бр.99/2003 од 1 октомври 2003 година по однос на истата одредба, иницијативата е отфрлена. Во споменатите постапки, оспорената одредба била оценувана од аспект на членовите 8, 9, 26, 30, 33, 43, 51, 54, 55 и 58 од Уставот на Република Македонија и Судот утврди дека правото на сопственост и другите стварни права се остваруваат врз основа на слободна диспозција со нужни ограничувања предвидени со Уставот и законите. Оттука, третите лица на кои им е пренесено правото на доградба, односно надградба, се стекнуваат со право на сопственост врз изградената доградба, односно надградба, со што тие имаат исти права како и останатите сопственици на посебните делови на зградата во етажна сопственост. Според мислењето на Судот, член 122 од Законот за сопственост и други стварни права не овозможува ограничување на сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, поради што не го постави прашањето за неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 6 и член 30 од Уставот.

5. Во иницијативите, предмет на оваа постапка, повторно се оспорува согласноста на член 122 од Законот по однос на член 8, 30 став 1 и 3, 51, 54, 55, како и на член 59 од Уставот.

Судот оцени дека наводите и од овие иницијативи, суштински се совпаѓаат со аспектите од кои Судот се раководеше при донесувањето на Решението У.бр.203/2002 од 12 март 2003 година за неповедување постапка за оценување на уставноста на оспорениот член од Законот и тие не може да се прифатат како основи за поинакво одлучување.

Оспорената законска одредба, исто така, не може да се оценува и од аспект на нејзината согласност со член 59 од Уставот, најнапред тргнувајќи од фактот што подносителот на иницијативата Михајло Илчевски не ги наведува причините поради кои смета дека оспорената одредба не е во согласност со оваа уставна одредба. Од друга страна од содржината на оспорената законска одредба произлегува дека во неа не се конкретизира дали како инвеститор ќе се јави странско или домашно правно или физичко лице, па оттука оспорената законска одредба не би можела да се согледува и од аспект на нејзината согласност со член 59 од Уставот, кој ги регулира правата на странските вложувачи и гарантирање на нивните права.

По однос на наводот во иницијативата на Маргарита Шијакова, на кој посебно се става акцент, дека со прашањата кои ги регулира оспорената законска одредба се повредува основното човеково право предвидено во член 1 од Првиот протокол кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи во кој е предвидено дека секое физичко или правно лице има право на мирно уживање на својот имот и дека никој не може да биде лишен од својот имот, освен во јавен интерес и под услови предвидени со закон и со општите принципи на меѓународното право, Судот утврди дека иако Европската конвенција е составен дел на домашниот правен поредок, сепак нејзиниот ранг е под Уставот и таа не може да претставува непосреден правен основ на кој Судот би засновал своја одлука за оценување на уставноста на закон. Имено, одредбите на Конвенцијата, како и праксата на Европскиот суд за човекови права може да претставуваат само дополнителен аргумент во интерпретација на уставните норми што Судот го користи при оценување на уставноста на законски одредби за што тој е надлежен да одлучува согласно член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.39/2004
У.бр.59/2004
21 април 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова