58/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 23 септември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 17 став 1 точка 7 од од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во приватна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/2005, 13/2007 и 165/2008).

2. Јане Ристевски, Стојна Ристевска, Тасе Делиновски и Боне Јадровски сите од Битола и Блага Митревска од Прилеп на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точка 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот член од Законот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 30 и член 55 од Уставот на Република Македонија, од причина што корисници на градежно земјиште се физички лица и правни лица кои правото на користење на градежно земјиште во државна сопственост го стекнале со правна основа. Оттука, според оспорениот член, физичките лица сегашни корисници на градежно земјиште во државна сопственост кои правото на користење на градежно земјиште го стекнале врз основа на стекнато право на сопственост на објектот не морале да платат надомест за приватизација на земјиштето за разлика од правните лица кои морале да платат надоместок за приватизација на земјиштето, со што се повредувал член 8 и член 9 од Уставот, како и член 55 со кој се обезбедува еднаква правна пложба на сите субјекти на пазарот.

Според наводите во иницијативата во оспорениот член требало да се вклучат сите физички и правни лица, сегашни корисници на градежно изградено земјиште во државна сопственост кои правото на користење на државното земјиште го стекнале врз основа на стекнатото право на сопственост на објектот со правна основа за кој би се докажало дека порано сопственици биле „поранешни“ сопственици на градежно земјиште без разлика дали објектот бил купен дирекно од нив или од било кој друг на кого тие му го продале. Имено, според иницијаторите државата никогаш не била сопственик на тоа градежно земјиште.

3. Судот на седницата утврди дека според член 17 став 1 точка 7 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост градежното земјиште, на кое постои право на користење на физички лица стекнато со надомест, се приватизира
од државна сопственост во сопственост на корисниците на градежното земјиште, при што, за приватизацијата на градежното земјиште не се плаќа надомест, ако е стекнато со надомест со: физички лица, сегашни корисници на градежно изградено земјиште во државна сопственост кои правото на користење на градежното земјиште го стекнале врз основа на стекнато право на сопственост на објект со правна основа од поранешен сопственик на земјиштето.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, како темелна вредност на уставниот поредок е утврден принципот на владеењето на правото.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полотт, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 30 ставовите 1, 2 и 3 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Од наведеното произлегува дека Уставот го гарантира правото на сопственост, при што, не допушта да бидат одземени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Според член 55 став 2 од Уставот, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Членот 1 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, утврдува дека со овој закон се уредува приватизацијата, долготрајниот закуп, времениот закуп, одземањето и престанувањето на правото на користење на градежното земјиште во државна сопственост, на кое право на користење имаат физички лица и правни лица.

Во членот 2 од овој закон е определено значењето на одделни изрази употребени во Законот. Имено, според член 2 точка 7 алинеја 4 од Законот, поранешни сопственици на градежно земјиште се физички лица, сегашни корисници на градежно земјиште во државна сопственост кои правото на користење на земјиштето го стекнале врз основа на договор за дар, договор за доживотна издршка и договор за располагање со имот за време на живот склучен помеѓу поранешниот сопственик и неговите законски наследници, според прописите за наследување.

Градежно земјиште во државна сопственост е земјиште на кое право на сопственост има Република Македонија (точка 2 од член 2). Во точката 3 на членот 2 од овој закон се наведува дека под приватизација на градежно земјиште во државна сопственост е стекнување на право на приватна сопственост на градежното земјиште во државвна сопственост на кое право на користење имаат физички и правни лица. Точката 4 на членот 2 од овој закон предвидува дека корисници на градежно земјиште се физички и правни лица кои правото на користење на градежно земјиште во државна сопственост го стекнале со правна основа.

Оспорениот член 17 став 1 точка 7 од Законот е содржан во Глава II од Законот со наслов: „Приватизација на градежно земјиште во државна сопственост“, во точка 2а) со наслов: „Услови за приватизација на градежно земјиште на физички лица кои немаат обврска за плаќање надомест“.

Од анализата на наведените одредби, според Судот, неспорно произлегува дека со овој закон се уредува меѓу другото приватизацијата на градежното земјиште во државна сопственост и дека не постои уставно ограничување на Република Македонија како сопственик, титулар на градежното земјиште, да го уреди начинот, условите и постапката на приватизација на тоа земјиште.

Со иницијативата се оспорува законското решение со кое физичките лица, сегашни корисници на градежното земјиште во државна сопственост кои правото на користење на градежното земјиште го стекнале врз основа на стекнато право на сопственост на објект со правна основа од поранешен сопственик на земјиштето нема обврска за плаќање надомест за приватизација на градежно земјиште, за разлика од правните лица кои по истиот основ го приватизираат градежното земјиште за кое треба да се плати надоместок.

Според Судот со оспорениот член всушност законодавецот врши проширување на категоријата на физички лица – корисници на градежно земјиште, (а што е право на државата, како сопственник на градежното земјиште), кои не плаќаат надомест за приватизација на градежното земјиште. Имено, тоа се физичките лица сегашни корисници на градежно земјиште во државна сопственост кои со правен основ стекнале во сопственост објект од поранешен сопственик на земјиштето. Оттука, подведувањето на оваа категорија на лица во кругот на лицата кои за приватизација на градежното земјиште не плаќаат надомест, всушност се врши од причина што лицата од кои го стекнале во сопственост објектот немале обврски да плаќаат надомест за градежно земјиште (поранешни сопственици).

Од наведеното, според Судот во конкретниов случај, станува збор за две различни категории на корисници на градежно земјиште, поради што неосновани се тврдењата во иницијативата дека со оспорената одредба од Законот се повредувале член 8 став 1 алинеја 3, член 9 и член 30 од Уставот на Република Македонија. Имено, од анализата на оспорената одредба јасно произлегува дека физичките лица и правото на користење на градежното земјиште го стекнале врз основа на стекнато право на сопственост на објект со правна основа од поранешен сопственик на земјиштето.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.58/2009
23 септември 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски