58/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 јуни 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на

– член 15 ставовите 3 и 4 од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2006) и

– член 376 став 1 во делот „покрај износот на глоба зголемен двојно од предвидениот“ од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 54/2007).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од законите означени во точка 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, глоби за прекршок можеле да се предвидат само со Уставот или закон што се донесува со двотретинско мнозинство на гласови од вкупниот број на пратеници, а такви одредби не можеле да се предвидуваат со други закони, како што упатуваат оспорените ставови 3 и 4 на членот 15 од Законот за прекршоците. Освен тоа, предвидените глоби од двојниот износ од веќе предвидената санкција па дури до дваесеткратен износ биле претерано високи за времето во кое живееме, со оглед дека граѓаните биле сиромашни, невработени и социјално необезбедени, а истото се однесувало и на правните лица. Поради тоа, со оспоренот член 15 ставовите 3 и 4 од Законот за прекршоците се повредувале темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото од член 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 14, член 51 и член 54 од Уставот.

Подносителот на иницијативата претпоставува дека врз основа на претходно наведените одредби од Законот за прекршоците, законодавецот го донел и оспорениот законски дел во членот 376 став 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, со кој се утврдува изрекување на глоба во двоен износ од предвидениот за конкретниот прекршок, со што, исто така, се повредувале наведените уставни одредби. Притоа, посочува пример дека во примената на овој закон, судовите го користеле оспорениот член и изрекувале двојно зголемени глоби и во случаи, за кои според подносителот на иницијативата, тоа не било потребно, што не било во ред од уставно правен аспект.

Воедно, се предлага, до донесување на конечна одлука, Уставниот суд на Република Македонија да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на оспорените одредби, бидејќи со нивното извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 15 став 3 од Законот за прекршоците, со законот со кој се пропишува прекршокот, може да се пропише и повисока глоба од определената во ставовите 1 и 2 на овој член.

Според став 4 на истиот член, за прекршоци сторени од користољубие или за прекршоци со кои се предизвикува поголема имотна штета може да се пропише глоба до двојниот износ од санкцијата од ставовите 1 и 2 на овој член или во сразмер со висината на причинетата штета или прибавената корист, но најмногу до дваесеткратен износ на глобата од ставовите 1 и 2 на овој член.

Судот, исто така, утврди дека според член 376 став 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, на возачот кој согласно со одредбите на овој закон сторил прекршок во сообраќајот на патиштата со кој е предизвикана непосредна опасност за друг учесник во сообраќајот, односно е предизвикана сообраќајна незгода, покрај износот на глоба зголемен двојно од предвидениот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана на управување со моторно возило:
– во период од три месеца до една година – за прекршоците за кои е предвидена глоба во износ од 300, 400 или 480 евра во денарска противвредност,
– во период од три до девет месеца – за прекршоците за кои е предвидена глоба во износ од 200 или 250 евра во денарска противвредност,
– во период од три до седум месеца – за прекршоците за кои е предвидена глоба во износ од 45 евра во денарска противвредност,
– во период од три до пет месеца – за прекршоците за кои е предвидена глоба во износ од 25 евра во денарска противвредност и
– во период од еден до три месеца – за прекршоците за кои е предвидена глоба во износ од 20 евра во денарска противвредност.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите.

Согласно Амандман XXV став 4, со кој се заменува член 98 од Уставот, видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство на гласови од вкупниот број пратеници.

Од наведените уставни одредби произлегува дека начелото на законитост во Република Македонија, подигнато на ранг на уставно начело, во казненото право се искажува преку принципот за законска определеност на казнивите дела и на казните и служи како гарант за правата и слободите на граѓаните, од една страна и како гарант за остварувањето на казнената политика на земјата, од друга страна.

Казнивите дела и казните се предвидуваат со закон или друг пропис, а во тие рамки како казниви дела можат да се предвидат и прекршоци што можат да ги сторат субјектите кои вршат определена дејност. Притоа, видовите на казни и нивната висина со Уставот не се определени, туку е препуштено тие да се определат со закон, водејќи притоа сметка за член 54 став 4 од Уставот според кој ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правната одреденост на казнивите дела и казните. Во однос на законите со кои се уредува казнената сфера, Уставот единствено пропишува обврска дека постапките пред судовите (кривична, процесна, прекршочна, управна), се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство на гласови од вкупниот број пратеници.

Во оваа смисла, со Законот за прекршоците се определуваат општите услови за пропишување на прекршоците и прекршочните санкции, општите услови за утврдување на прекршочната одговорност, за изрекувањето и извршувањето на прекршочните санкции и се пропишува прекршочната постапка што ја водат судовите, односно врз основа на овој и друг закон органите на државната управа или организациите и другите органи што вршат јавни овластувања надлежни за изрекување на прекршочни санкции (член 1).

Согласно член 3 на овој закон, никому не може да му биде изречена прекршочна санкција за дело кое, пред да е сторено, не било со закон определено како прекршок и за кое со закон не била пропишана санкција.

Според член 5 од Законот, прекршокот е противправно дело кое со закон е определено како прекршок, чии облежја се определени со закон и за кое е предвидена прекршочна санкција.

Според член 13 од Законот, за прекршоците на полнолетните сторители може да им се изрече глоба, опомена, престанок на важење на возачка дозвола, забрана на управување со моторно возило, забрана на вршење професија, дејност или должност, протерување на странец од земјата и задолжително лекување на алкохоличари и наркомани (лица со болести од зависности). Со член 14 од Законот, се пропишуваат условите за изрекување на прекршочните санкции.

Според член 15 од Законот, глобата се состои во плаќање на определен паричен износ, при што со ставот 1 и 2 на овој член се утврдува најнискиот и највисокиот износ на глоба што може да биде изречена на физичко лице или на одговорно лице во правно лице или службено лице или трговец поединец, при што во ставот 3 од истиот член е предвидено дека со законот со кој се пропишува прекршокот може да се пропише и повисока глоба од определената во ставовите 1 и 2 на наведениот член, а во ставот 4 на овој член се пропишува дека за прекршоци сторени од користољубие или за прекршоци со кои се предизвикува поголема имотна штета може да се пропише глоба до двојниот износ од санкцијата од ставовите 1 и 2 на овој член или во сразмер со висината на причинетата штета или прибавената корист, но најмногу до дваесеткратен износ на глобата од ставовите 1 и 2 на овој член.

Од наведените законски одредби произлегува дека Законот уредува материја која се однесува на општите услови за пропишување на прекршоците и прекршочните снакции и општите услови за утврдување на прекршочната одговорност, при што, согласно со начелото на законитост, пропишува дека прекршокот е противправно дело кое со закон е определено како прекршок, чии облежја се определени со закон и за кое е предвидена прекршочна санкција.

Во оваа смисла, со членот 15 ставовите 1 и 2 од Законот се определува најнискиот и највисокиот износ на глобата, како еден од видовите прекршочни санкции за полнолетни сторители на прекршоци, но со оспорените ставови 3 и 4 на истиот член, се остава можност, со законот со кој се пропишува прекршокот, да се пропише и повисока глоба од определената со ставот 1 и 2 на овој закон, што значи се дава простор со материјалниот закон, зависно од областа која се уредува, да може согласно специфичноста на противправните дејствија да се пропишат повисоки глоби, додека за прекршоците кои се сторени од користољубие или со кои се предизвикува поголема имотна штета, да може да се пропише глоба во висина на двојниот износ од санкцијата утврдена во ставовите 1 и 2 на овој член или во сразмер со висината на причинетата штета и прибавената корист. Тоа значи дека противправните дејствија се санкционираат зависно од видот, тежината и настанатата штета од преземањето на таквото дејствие, односно зависно од сторениот прекршок, поради што, при утврдувањето на прекршочни санкции за сторен прекршок, право е на законодавецот, во законот со кој ќе го утврди прекршокот, да ја определи висината на прекршочната санкција во зависност од општествената опасност на казнивите дела и видот на сторителот. Токму во оваа насока, со оспорениот член 376 став 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, законодавецот пропишал дека на возачот кој согласно со одредбите на овој закон сторил прекршок во сообраќајот на патиштата со кој е предизвикана непосредна опасност за друг учесник во сообраќајот, односно е предизвикана сообраќајна незгода, покрај износот на глоба зголемен двојно од предвидениот, ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана на управување со моторно возило.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека оспорените решенија во Законот за прекршоците и Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата ја одразуваат уставната определба за законска определеност на казнивите дела и на казните, како израз на начелото на законитост, поради што не можат да се доведат под сомнение во однос на согласноста со член 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 14 став 1 и член 51 од Уставот.

Имајќи предвид дека не постои уставна обврска за тоа висината на глобата да се пропишува со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство на гласови на пратениците, туку казнената политика е оставена во надлежност на законодавецот, Судот оцени дека оспорените законски решенија не можат да се доведат под сомнение ниту за нивната согласност со член 98 став 4 од Амандманот XXV на Уставот.

Во однос, пак, на наводите во иницијативата дека пропишаните казни биле претерано високи за времето во кое живееме, со оглед на невработеноста, сиромаштијата и социјалната необезбеденост, Судот оцени дека пропишувањето на висината на казните е прашање на законодавната и казнената политика на државата, поради што тоа не прашање за кое е надлежен Уставниот суд.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.58/2008
11 јуни 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски