58/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 април 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 94-г став 4 точка 7 од Законот за семејството (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1992, 9/1996 и 38/2004).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорената законска одредба се повредувал членот 53 од Уставот на Република Македонија, затоа што согласно овој член од Уставот само адвокатурата, како специјална, професионална, самостојна и независна јавна служба можела да обезбедува правна помош, а не и други органи и организации, а во конкретниот случај ниту центарот за социјална работа кој што со оспорената одредба во определени случаи е овластен за давање правна помош и за застапување.

Со оглед на тоа што со оспорената законска одредба на центарот за социјална работа му се давала улога како на адвокатурата, подносителот на иницијативата смета дека со неа, освен членот 53 од Уставот, се повредувал и член 8 став 1 алинеја 3, како и членот 51 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорената законска одредба давањето секаков вид на правна помош и застапување е една од мерките на заштита што ги презема центарот за социјална работа секогаш кога има сознанија дека во семејството постои семејно насилство.

Судот на седницата, исто така, утврди дека со Решение У.бр.133/2004 од 9 февруари 2005 година не повел постапка за оценување на уставноста на повеќе одредби од Законот за семејството, меѓу кои и на членот 94-г став 4 точка 7, која одредба се оспорува и со оваа иницијатива. Во постапката по наведениот предмет оваа законска одредба заедно со другите одредби на член 94-г, како и на други членови од Законот, била оценувана од аспект на нејзината согласност со членовите 25, 35, 40 став 1, 50 став 1 и 98 став 1 и 2 од Уставот, во однос на кои членови била оспорувана и нејзината уставност.

Имено, според подносителите на тогаш поднесената иницијатива, со оваа и со другите одредби од Законот со кои центарот за социјална работа е овластен секогаш кога има сознанија дека во семејството се нарушени семејните односи или има семејно насилство сам или по барање на член на семејството да презема определени мерки за заштита на семејството и лицата кои се жртва на семејното насилство, било повредено правото на граѓанинот сам да се повикува на заштита на слободите и правата пред судовите во постапка заснована врз начелото на приоритет и итност, со оглед на тоа што со Законот било одредено граѓанинот ова право да го остварува исклучиво преку центарот за социјална работа.

Во однос на оспорената и другите одредби од Законот, во постапката по предметот У.бр.133/2004 Судот оценил дека мерките и активностите што со овие одредби од Законот се утврдени да ги презема центарот за социјална работа се во интерес на детето, како и во интерес на спречување на семејно насилство и тие мерки во никој случај не значат ограничување на правото на судска заштита утврдено во членот 50 од Уставот. Имено, според мислењето на Судот интенцијата на законодавецот со оспорените одредби не била да го ограничи првото на странката да поднесува предлози до судот во случај на семејно насилство, туку во насока центарот секогаш да биде запознаен со насилството во семејството и да презема соодветни превентивни и други мерки.

4. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија е надлежен да ја оценува уставноста на законите со Уставот.

Според членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа што во конкретникот предмет подносителот на иницијативата уставноста на оспорената законска одредба ја доведува под сомнение од аспект на членот 53 од Уставот, а поврзано со овој член и со членовите 8 став 1 алинеја 3 и 51 од Уставот, Судот во постапката по овој предмет ги имаше предвид означените уставни одредби.

Така, според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија утврдени во овој член од Уставот.

Членовите 51 и 53 од Уставот, во однос на кои, исто така, се оспорува уставноста на членот 94-г став 4 точка 7 од Законот, се поместени во делот на Уставот што се однесува на гаранциите на слободите и правата на човекот и граѓанинот.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите.

Согласно член 53 од Уставот, адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Имајќи предвид дека со Уставот адвокатурата е дефинирана како самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон произлегува дека законодавецот има право со закон да утврди под кои услови и во кои случаи адвокатурата обезбедува правна помош, а исто така со закон да утврди под кои услови и во кои случаи правна помош може да обезбедуваат и други лица, односно субјекти.

Согласно ваквото уставно овластување, во конкретниот случај законодавецот во оспорената одредба од Законот утврдил дека центарот за социјална работа, покрај другите мерки за заштита на жртвата од семејно насилство, кога извршител на ова насилство е некое од лицата утврдени во членот 94-в од Законот (брачен или вонбрачен другар, поранешен брачен или вонбрачен другар, лицето кое живее или живеело во заедница со лицето жртва на семејното насилство и др.), може да дава секаков вид на правна помош, вклучувајќи го и застапувањето на жртвите на семејното насилство во постапките пред органите, институциите и судовите.

Меѓутоа, давањето на правна помош и застапувањето на лицата жртви на семејното насилство од страна на центарот за социјална работа што според членот 94-г став 4 од Законот е само една од мерките кои центарот ги презема во функција на заштита на овие лица, не ја исклучува можноста некои од нив правна помош и застапување да побараат и од адвокат доколку за тоа сами се определат.

Оттука, со оглед на тоа што со Уставот не е утврдено исклучиво право на адвокатурата да обезбедува правна помош, туку законодавецот може со закон да утврди под определени услови и во определени случаи правна помош да обезбедуваат и други лица, односно субјекти, Судот оцени дека со оспорената законска одредба не се загрозува положбата на адвокатурата утврдена во членот 53 од Уставот, ниту се повредува членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, па затоа и не се постави прашањето за нејзината согласност со овие членови од Уставот.

5. Имајќи го предвид наведеното, како и фактот што оспорената законска одредба веќе била предмет на уставно судска оцена и Судот со Решение У.бр.133/2004 од 9 февурари 2005 година не повел постапка за оценување на нејзината согласност со Уставот, а не наоѓајќи основи за поинакво одлучување по оваа иницијатива, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.58/2005
27 април 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова