У.бр.58/2004

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 30 јуни 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 17-а од Законот за набавување, поседување и носење на оружје (“Службен весник на СРМ” бр.25/1972, 30/1972, 18/1976, 25/1976, 15/1983, 51/1988 и “Службен весник на Република Македонија” бр.26/1993 и 49/2003).

2. Дејан Крстески од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 17-а од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорената одредба од Законот имала повратно дејство, затоа што со неа тој бил попречен легално да го користи и носи оружјето кое го купил согласно законските услови кои важеле во времето кога му била издадена дозволата за носење и поседување на оружје, кои биле поповолни во однос на сегашните.

Од тие причини бара Судот да го поништи оспорениот член од Законот бидејќи продуцирал неотстранливи последици.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 17-а став 1 од Законот забрането е носење на оружје на јавно место.

Во ставот 2 на овој член од Законот е утврдено дека под јавно место, во смисла на овој закон, се смета место на кое слободен пристап имаат неопределен број на лица без какви и да било услови (улица, плоштади, патишта, излетнички места, пристаништа, аеродроми, железнички станици, автобуски станици, чекални, угостителски и трговски објекти и занаетчиски дуќани и слично) или под одредени услови (спортски стадиони, игралишта, средства за јавен превоз, кино сали, театарски и концертни сали, изложбени простории, градини и слично), како и други места кои во определено време служат за вакви намени (земјишта или простории во кои се одржуваат јавни собири, приредби, натпревари и слично).

Во ставот 3 од овој член од Законот е утврдено дека под јавно мето, во смисла на овој закон нема да се смета место кое е достапно на поглед од јавно место (балкон, тераса, дворна површина, столбиште), како и превозни средства во сопственост на граѓани, стрелишта, терени за вежбање и ловишта во ловна сезона.

4. Во членот 52 став 3 од Уставот е утврдено дека законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок, што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето. Во ставот 4 на истиот член од Уставот е утврдено дека законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Набавувањето, поседувањето и носењето на оружје и муниција се врши според одредбите на Законот за набавување, поседување и носење на оружје.

Со членот 17 став 1 од овој закон се пропишува должност на сопственикот на оружјето да се грижи оружјето да биде во исправна состојба, да го чува оружјето и муницијата и внимателно да ракува со оружјето, да не го употребува на јавни места или на места на кои со употребата може да ја загрози безбедноста на луѓето, а особено да внимава оружјето и муницијата да не се достапни на малолетници.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за набавување, поседување и носење на оружје (“Службен весник на Република Македонија” бр.49/2003) по членот 17 се додава нов член 17-а кој што се оспорува со оваа иницијатива.

Од наведеното произлегува дека заради поголема безбедност на граѓаните покрај дотогашната одредба со која се забранува употреба на оружје на јавно место, со оспорената одредба како новина се предвидува и забрана на носење на оружје на јавно место, а истовремено се врши и прецизирање на поимот јавно место во смисла на овој закон.

Имајќи ја предвид содржината на оспорената законска одредба, како и тоа дека Законот за изменување и дополнување на Законот за набавување, поседување и носење на оружје (“Службен весник на Република Македонија” бр.49/2003) влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”, Судот утврди дека решението на оспорената законска одредба со кое се забранува носење на оружје на јавно место важи и има дејство во иднина, односно по влегувањето во сила на овој закон, што значи не се однесува на односи и ситуации настанати пред влегувањето во сила на овој закон.

Поради тоа, Судот оцени дека оспорената одредба нема повратно дејство во смисла на значењето на уставната забрана за таквото дејство на законите и другите прописи, па затоа и не може да се постави прашањето за нејзината согласност со членот 52 став 4 од Уставот.

Во врска со наводите во иницијативата според кои со оспорената одредба од Законот на подносителот му се попречувало легално користење и носење на оружје кое го купил согласно законските услови кои важеле во времето кога му е издадена дозволата за носење и поседување на оружје, Судот утврди дека се неосновани, затоа што со оваа одредба не се ограничува веќе стекнатото право на граѓаните да поседуваат и носат оружје, туку само се определува нов режим за носење на оружјето, со утврдување конкретно на кои места е забрането, а индирекно на кои не, сопственикот да го носи оружјето, што е, пак, право на законодавецот.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.58/2004
30 јуни 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова