У.бр.57/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 07 јули 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 26 од Законот за изменување и дополнување на Законот за ревизија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 138/2014).

2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 на ова решение.

Во иницијативата се наведува дека со Одлука на Уставниот суд на Република Македонија, У.бр.209/2011 од 04.04.2012 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 50/2012), се укинува членот 27 став 1 точката 3 од Законот за ревизија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 158/2010 и 135/2011).

По донесувањето на Одлуката на Уставниот суд, Законот за ревизија имал неколку измени и дополнувања, но одредбата од членот 27 став 1 од Законот, не била дополнета со нова точка 3.

Со членот 26 од Законот за изменување и дополнување на Законот за ревизија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 138/2014), во членот 27 став (1) точката 3) се менува и гласи: „3) да не е осудуван со правосилна судска пресуда на безусловна казна затвор над шест месеци, се додека траат правните последици од пресудата во врска со работењето и тоа за кривичните дела против имотот, кривичните дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството, кривичните дела против службената должност, како и кривичните дела фалсификување исправа, посебни случаи на фалсификување исправи, компјутерски фалсификат, употреба на исправа со невистинита содржина и надриписарство од Кривичниот законик.“

По наведената измена и дополнување на Законот за ревизија, донесени се неколку измени и дополнувања на Законот (објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 145/2015, 192/2015 и 23/2016), но од содржината на истите произлегувало дека не била изменета новододадената точка 3 на членот 27 став 1 од Законот.

Во иницијативата се укажува дека за да дојде до измена и дополнување на одредена одредба или дел од одредба од закон, неминовно било таа одредба или дел од одредба да била дел од правниот промет.

Со оспорената одредба со оваа иницијатива, тоа не било случај, имајќи предвид дека сметано од 14.04.2012 година, одредбата на член 27 став 1 точка 3 од Законот за ревизија, била укината со Одлука на Уставниот суд на Република Македонија.

Поради наведеното, подносителот на иницијативата смета дека оспорената одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на оваа одредба и истата да ја укине како спротивна на Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека, според членот 26 од Законот за изменување и дополнување на Законот за ревизија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 138/2014), во членот 27 став (1) точката 3) се менува и гласи:

„3) да не е осудуван со правосилна судска пресуда на безусловна казна затвор над шест месеци, се додека траат правните последици од пресудата во врска со работењето и тоа за кривичните дела против имотот, кривичните дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството, кривичните дела против службената должност, како и кривичните дела фалсификување исправа, посебни случаи на фалсификување исправи, компјутерски фалсификат, употреба на исправа со невистинита содржина и надриписарство од Кривичниот законик.“

4. Според членот 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Уставниот суд на Република Македонија, со Одлука У.бр.209/2011 (“Службен весник на Република Македонија” бр.50/2012 од 17.04.2012 година), го укинал членот 27 став 1 точката 3 од Законот за ревизија (“Службен весник на Република Македонија” бр.158/2010 и 135/2011).

Со членот 26 од Законот за изменување и дополнување на Законот за ревизија (“Службен весник на Република Македонија” бр.138/2014), во членот 27 став 1 од Законот за ревизија, точката 3 се менува и гласи: „3) да не е осудуван со правосилна судска пресуда на безусловна казна затвор над шест месеци, се додека траат правните последици од пресудата во врска со работењето и тоа за кривичните дела против имотот, кривичните дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството, кривичните дела против службената должност, како и кривичните дела фалсификување исправа, посебни случаи на фалсификување исправи, компјутерски фалсификат, употреба на исправа со невистинита содржина и надриписарство од Кривичниот законик.“

Тоа значи дека законодавецот ја изменил точката 3 на членот 27 став 1 од Законот, иако претходно истата одредба била укината со Одлука на Уставниот суд на Република Македонија, со што била отстранета од правниот поредок. Оттука, произлегува дека всушност законодавецот изменил непостоечка одредба и токму таквата номотехничка постапка на законодавецот е основа на доставеното барање за оценување на уставноста на одредбата.

Владата на Република Македонија, во доставеното мислење по однос на наводите во иницијативата (акт бр. 42/3214/1 од 26.04.2016 година), го известува Уставниот суд дека при носење на оспорената законска измена е направен превид, кога наместо зборовите:„по точката 2) се додава нова точка 3)“ се употребени зборовите:„точката 3) се менува и гласи:“, поради што се укажува дека оваа номотехничка грешка ќе биде исправена со измени на Законот за ревизија кои ќе бидат веднаш предложени до Собранието на Република Македонија.

Имајќи ги предвид надлежностите на Уставниот суд, утврдени со член 110 од Уставот, а во ситуација кога со иницијативата уставноста на одредбата од измените на Законот не се оспорува од аспект на нејзината содржина, туку единствено од аспект на номотехничкото уредување на Законот, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот, суд за отфрлање на иницијативата. Ова од причина што наводите во иницијативата се сведуваат на барање кое е во надлежност на законодавецот, кој ги креира прописите, ги менува и дополнува и врши технички исправки и корекции на истите, а не е во надлежност на Уставниот суд.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова и Сали Мурати.

У.бр.57/2016
07 јули 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева