57/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 29 јуни 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 161 став 2 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри (“Службен весник на Република Македонија“ бр. 24/2011 и 51/2011).

2. ПЛЕЈ-ИН Д.О.О.Е.Л-Кочани, застапувано од управи-телот Златко Шалев од Кочани на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поврдување на постапка за оценување на уставноста на членот 161 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата поради повра-тното важење на Законот им била нанесена финансиска штета бидејќи законодавецот не ги зел превид останатите околности поврзани околу работата со игрите на среќа како што биле: однапред платените закупнини за деловните простории, инвестирањето во деловните простории и нивното адаптирање, вложувањата во инвентарот и опремувањето и склучените договори за АДСЛ линии. Ваквата скапа инвестиција ја направиле со намера да работат следните 3 години, колку што била трајноста на лиценцата добиена под други услови, а која пак, се потпирала врз други одредби, за кои со самото подесување на барањето барателот се согласил и му одговарале условите предвидени со тој закон.

Со новиот закон се наметнувале други непредвидени трошоци со што работењето со таа лиценца можело да донесе големи финансиски загуби и ќе била финансиски неисплатлива поради големите суми што не биле земени предвид и можноста да се работи со негатива што финансиски ја исцрпувало фирмата, а без разлика на тоа новиот закон предвидувал дека морало да се уплати износ од 100.000,оо денари месечно. Подносителот на иницијативата ги исполнил сите услови за добивање на лиценца, поднел банкарска гаранција во вредност од 300,000,оо евра и уште по 50,000,оо евра за секои нови 25 уплатни места, за кои на банките им била плаќања провизија за целиот период од поднесување на барањето за добивање на лиценцата па се до нејзиното добивање.

Надлежните органи им издале лиценца и не водејќи сметка за последиците што ќе ги предизвика оспорената одредба од новиот закон предвиделе надоместок од 100,000,оо денари за секое уплатно-исплатно место во корист на Министерството за финансии, која сума била нереална и премногу висока. Притоа, компјутерскиот систем не бил воведен, што укажувало на неподготвеноста на Управата за јавни приходи да се услогласи со оспорената одредба, а на штета на спортските обложувалници.

Според тоа, повратното дејство на оспорената одредба од Законот доведувало до повреда на уставно загарантираното право од членот 52 од Уставот на Република Македонија, од кои причини се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот член 161 став 2 од Законот и воедно да донесе решение согласно членот 27 од Деловникот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 161 став 2 од Законот, приредувачите на игрите на среќа во обложувалница кои во периодот од денот на започнувањето на примената на овој закон до денот на започнувањето на примената на членот 75 на овој закон не обезбедиле компјутерски систем од ставот 1 на овој член и негово поврзување со соодветен компјутерски систем на Управата за јавни приходи, не ја плаќаат посебната давачка утврдена со членот 79 на овој закон, а плаќаат посебна давачка од 100.000 денари месечно, за секое уплатно-исплатно место.

4. Согласно член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Согласно член 52 од Уставот на Република Македонија законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила (став 1). Законите и другите прописи се објавуват во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување (став 2). Законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок што го утврдува Собранието со денот на објавувањето (став 3). Законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните (став 4).

Согласно член 2 точка 22 од Законот, под поимот: „Игри на среќа во обложувалница“ се подразбираат игри на среќа во кои учесникот во согласност со правилата на игра се натпреварува за резултатите на различни спортски и други настани:
– обложување за резултатите на поединечни или групни спортски натпреварувања, трки и слично,
– обложување за танцови, пеачки, музички и слични натпреварувања и
– други натпреварувања.

Според член 4 став 3 точка 2 од Законот игри на среќа во обложувалница се посебни игри на среќа.

Во Главата V од Законот со наслов: „Посебни игри на среќа“, дел 2-Игри на среќа во обложувалница“ во точката 2.1.- Лиценци за приредување на игри на среќа во обложувалница, членови 73 до 77 се уредени законските услови за добивање на лиценца за обложувалница.

Според наведените одредби, меѓу другото, за добивање на лиценца за обложувалница потребно е: уплатена основна главнина која не може да биде помала од 500.000 евра во денарска против-вредност (член 73 став 2), доказ за исполнување на просторните и техничко-технолошките услови за приредување на игри на среќа (член 73 став 3), надоместок за лиценцата во износ од 105.000 евра во денарска противвредност (член 74 став 2) и банкарска гаранција во износ од 300.000 евра во денарска противвредност (член 76 став 1).

Согласно членот 76 став 2 од Законот, со издавањето на лиценцата и уплатата на депозитот, односно банкарската гаранција приредувачот на игри на среќа во обложувалница има право да приредува игри на среќа во обложувалница во најмногу 25 уплатно-исплатни места. Согласно ставот 3 од истиот член од Законот, доколку сака да го зголеми бројот на уплатно-исплатните места приредувачот на ваков вид игри на среќа за секои следни десет уплатно-исплатни места е должен да достави доказ за уплатен депозит, односно да приложи банкарска гаранција, во износ од 50.000 евра во денарска противвредност.

Посебен услов за добивање на лиценца е предвиден во членот 75 од Законот, според кој, барателот за издавање на лиценца за приредување на игри на среќа во обложувалница е должен да има обезбедено компјутерски систем во кој се поврзани сите компјутери преку кои ќе се врши евидентирање на уплатата и исплатата од сите свои уплатнo-исплатни места, така што системот обезбедува податоци за уплатата и исплатата на секој од компјутерите кои може да се прикажуваат во секое време и таквиот систем мора да овозможува негово поврзување со соодветен компјутерски систем на Управата за јавни приходи.

Во истата глава и дел од Законот во точката 2.2-Правила на игрите на среќа во обложувалница е позициониран членот 79 од Законот, според кој, за приредување на игрите на среќа во обложувалница, приредувачот на игри на среќа во обложувалница плаќа посебна давачка во висина од 20% која се пресметува на разликата меѓу уплатениот износ од сите компјутери во сите уплатно-исплатни места на тој приредувач и исплатениот износ од сите компјутери во сите уплатно-исплатни места, на месечна основа (став 1). Посебната давачка од ставот 1 на овој член се плаќа до 15 во месецот, за претходниот месец (став 2). Доказот за уплатата на посе-бната давачка од ставот 1 на овој член приредувачот на игри на среќа во обложувалница е должен да го достави до Министерството за финансии најдоцна до 15 во месецот, за претходниот месец (став 3).

Во членот 168 од основниот текст на Законот, што сега е во сила, е предвидено дека овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македо-нија“, а ќе започне да се применува по истекот на шест месеци од денот на неговото влегување во сила, освен неколку одредби (5 на број), меѓу кои и оспорениот член 161 став 2 од овој закон кои ќе започнат да се применуваат од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Според тоа, станува збор за Закон кој е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ на 25 февруари 2011 година, влегол во сила на 5 март 2011 година, од кога е во примена и оспорениот член 161 став 2, а поголемиот дел од законските одредби ќе бидат во примена сметано од 5 септември 2011 година. Само пет од законските одредби имаат примена сметано од 1 јануари 2012 година (член 166).

Заради расчистување на прашањето дали со оспорената одредба се предвидува ретроактивно-понеповолно дејство за граѓа-ните, како што тврди подносителот на иницијативата, Судот најде дека е неопходно да се направи анализа на содржината на членовите 159, 161, 164, 166 и 167 (преоден и завршен режим) од Законот што сега е во сила.

Од анализата на членот 167 од Законот, произлегува дека со денот на започнувањето на примената на новиот закон (5 септември 2011 година) престанува да важи Законот за игрите на среќа и за забавните игри („Службен весник на Република Македонија” број 10/97, 54/97, 13/2001, 2/2002 и 54/2007), освен одредбите на членот 78-а, како и членот 79-a во делот со кој е уредена посебната давачка која ја плаќаат приредувачите на играта на среќа обложување на спортски натпревари, кои престануваат да важат со денот на влегувањето во сила на овој закон (5 март 2011 година).

Според тоа, сметано од 5 март 2011 година, приреду-вачите на играта на среќа обложување повеќе не се во обврска да плаќаат посебна давачка од 4% на вкупно остварените уплати, како што предвидуваше членот 79-а од Законот што престана да важи, туку ќе имаат обврска да плаќаат посебна давачка во висина од 20% која се пресметува на разликата меѓу уплатениот износ од сите компјутери во сите уплатно-исплатни места на тој приредувач и исплатениот износ од сите компјутери во сите уплатно-исплатни места, на месечна основа, согласно членот 79 од Законот, што сега е во сила.

Притоа, членот 79, но и членот 75 од Законот, кој ја пропишува обврската за поврзананост на компјутерите на прире-довачот на овој вид посебни игри на среќа со соодветен компјутерски систем на Управата за јавни приходи, меѓу другите наведени одредби, согласно член 166 од Законот ќе започнат да се применуваат од 1 јануари 2012 година.

Која посебна давачка и на кој начин ќе се плаќа во периодот 5 март 2011 година (влегување во сила на Законот) до 1 јануари 2012 година (одложена примена, меѓу другите, на членовите 75 и 79) е уредено и со членовите 159 и 161 од Законот.

Имено, според членот 159 од Законот, од денот на запо-чнувањето на примената на овој закон (5 септември 2011) до денот на започнувањето на примената на, меѓу другите, членовите 75 и 79 од овој закон (1 јануари 2012 год) приредувачите на игрите на среќа во обложувалница имаат можност да обезбедат компјутерски систем во кој се поврзани сите компјутери, односно автомати на приредувачите на игрите на среќа, преку кој се врши евидентирање на уплатата и исплатата и негово поврзување со соодветен компјутерски систем на Управата за јавни приходи или да ги плаќаат надоместоците, односно давачките утврдени во членот 161 став 2 на овој закон.

Според членот, 161 став 1 од истиот Закон, приреду-вачите на игрите на среќа во обложувалница кои во периодот од денот на започнувањето на примената на овој закон (5 септември 2011) до денот на започнувањето на примената од членот 75 на овој закон (1 јануари 2012 год) одлучиле да обезбедат компјутерски систем во кој се поврзани сите компјутери на приредувачите на игрите на среќа преку кој се врши евидентирање на уплатата и исплатата и негово поврзување со соодветен компјутерски систем на Управата за јавни приходи, се должни да ја плаќаат посебната давачка утврдена со членот 79 на овој закон.

Од анализата на наведените одредби од преодниот режим на Законот, произлегува дека неговите одредби генерално имаат одложно дејство заклучно со 5 септември 2011 година, но дел од одредбите имаат уште подолго одложно дејство, како што се членовите 75 и 79 од Законот и тие целосна примена ќе имаат сметано од 1 јануари 2012 година, од кога секој приредувач на игрите на среќа со обложување задолжително мора да биде поврзан со компрјутерскиот систем на Управата за јавни приходи и ќе плаќа посебна давачка од 20% на разликата од уплатени и исплатени средства.

Во меѓувреме во периодот од 5 март 2011 година до 5 септември 2011 година (6 месеци) тие имаат обврска за плаќање на давачка, согласно оспорениот член 161 став 2 од Законот (100.000,оо денари).

Во периодот 5 септември 2011 до 1 јануари 2012 година, согласно членот 159 од Законот, истите имаат можност да обезбедат компјутерски систем во кој се поврзани сите компјутери, односно автомати на приредувачите на игрите на среќа, преку кој се врши евидентирање на уплатата и исплатата и негово поврзување со соодветен компјутерски систем на Управата за јавни приходи или да ги плаќаат надоместоците, односно давачките утврдени во оспорениот членот 161 став 2 на овој закон. Во тој период на усогласување тие плаќаат посебна давачка од 100.000,оо денари месечно, за секое уплатно-исплатно место и тоа се до нивното поврзување со ситемот на Управата, но не подоцна од 1 јануари 2012, кога членот 79 од Законот (20% од разликата меѓу уплатени и исплатени средства) целосно ќе се применува.

Дека е тоа така, произлегува и од содржината на членот 161 став 1 од Законот, кој предвидува должност за плаќање на посебна давачка согласно членот 79 од Законот за оние кои во периодот 5 септември 2011 година до 1 јануари 2012 година, одлучиле да обезбедат компјутерски систем во кој се поврзани сите компјутери на приредувачите на игрите на среќа преку кој се врши евидентирање на уплатата и исплатата и негово поврзување со соодветен компјутерски систем на Управата за јавни приходи.

Според тоа, произлегува дека законодаваецот по престанокот на обврската за плаќање на 4% по стариот закон, определил период од 6 месеци за плаќање според оспорениот член 161 став 2 од Законот, потоа следува период од 3 месеци во кој им се дава можност на приредувачите на овој вид посебни игри на среќа да избираат или да плаќаат 100.000,оо денари месечно, за секое уплатно-исплатно место до моментот на поврзувањето или да се поврзат и да плаќаат согласно членот 79 од Законот, 20% од разликата на уплатени и исплатени средства. Од тука произлегува дека поврзувањето со системот во што пократок рок доведува до тоа да се плаќа давачка согласно членот 79 од Законот. По 1 јануари 2012 секој од нив задолжително и без право на избор ќе плаќа посебна давачка согласно членот 79 од Законот.

Врз основа на сето наведено произлегува дека Законот, по однос на обврската за плаќање на посебната давачка предвидува неколку периоди со соодветни начини на плаќање и тоа:

– до 5 март 2011 година (влегување во сила на новиот Закон) се плаќала посебна давачка од 4% на вкупно остварените уплати, според член 79-а од стариот закон.

– од 5 март до 5 септември 2011 година (6 месеци) се плаќаат 100.000,оо денари по уплатно-исплатно место, според оспорениот член 161 став 2 од Законот.

– од 5 септември до 1 јануари 2012 година (скоро 3 месеци) за оние што не се поврзани со системот на УЈП се плаќа посебна давачка од 100.000,оо денари по уплатно-исплатно место, според оспорениот член 161 став 2 од Законот или за оние што се поврзале со ситемот на УЈП се плаќа посебна давачка од 20% од разликата помеѓу уплатата и исплатата, согласно член 79 од Законот.

– од 1 јануари 2012 година и натаму сите задолжително се поврзани на ситемот со УЈП и плаќаат посебна давачка од 20% од разликата помеѓу уплатата и исплатата, согласно член 75 и 79 од Законот.

Од друга страна, доколку не би постоела обврската за плаќање на посебната давачка од оспорениот член 161 став 2 од Законот, во периодот на усогласување, а при состојба кога давачката од членот 79-а од Законот, што престана да важи повеќе не може да се наплатува, согласно членот 167 од новиот Закон, произлегува дека приредувачите на игрите на среќа со обложување воопшто не би требале да плаќаат посебни давачки во период од 6 месеци, што не е цел на законодавацот.

Според тоа, имајќи ги предвид наводите за оспорувањето на членот 161 став 2 од Законот произлегува дека подносителот на иницијативата има за цел преку покренување на прашањето за неуставност на оспорената одредба да издејствува во овој период од 6 месеци да не се плаќа посебната давачка.

Што се однесува пак до наводот за неподготвеноста на Управата за јавни приходи да се услогласи со оспорената одредба, а на штета на спортскиоте обложувалници Судот оцени дека е неоснован од причина што, согласно наведените законски одредби поврзувањето ќе следи сметано од 5 септември 2011 година.

По однос на лицените добиени според правилата на Законот што престана да важи Судот укажува на содржината на членот 164 од новиот закон, според кој, постапките започнати до денот на започнувањето на примената на овој закон ќе продолжат согласно со прописите кои важеле до денот на започнувањето на примената на овој закон (став 1). Приредувачите на игри на среќа и забавни игри кои на денот на започнувањето со примената на овој закон имаат добиено лиценци или одобренија согласно со прописите кои важеле до денот на започнувањето на примената на овој закон, се должни своето работење да го усогласат со одредбите на овој закон во рок од шест месеци од денот на започнувањето на примената на овој закон (став 2). Лиценците и одобренијата издадени согласно со Законот за игрите на среќа и за забавните игри (стар закон) продолжуваат да важат за периодот за кој се издадени (став 3). Изменувањата на лиценците и одобренијата издадени согласно со Законот за игрите на среќа и за забавните игри (стар закон) ќе се вршат согласно со одредбите на овој закон.
Од анализата на оваа одредба произлегува дека со оспорената одредба, но и со целината на Законот не се задира во претходно добиените лиценци и правото на вршење на дејноста, бидејќи истите имаат важност за периодот за кој се издадени. Новиот лиценцен систем ќе се воведува постепено, сметано од влегувањето во сила на Законот.

Со оглед дека со оспорената одредба не се предвидува повратно дејство на Законот, ниту пак Законот воопшто има повратно дејство, според Судот, ваквата регулатива значи легитимно и дозволиво право на државата да уреди идни, новонастанати ситуации, преку предвидување на поинаков начин на пресметување и плаќање на посебни давачки и тоа по влегување во сила на Законот.

Според оцена на Судот законодавецот согласно член 68 од Уставот има легитимно право да ги утврди условите и начинот на кој приредувачите на игрите на среќа во обложувалница, но и другите приредувачи на игрите на среќа ќе ги плаќаат посебните давачки, кои впрочем согласно членот 33 од Уставот секој граѓанин е должен да ги плаќа и да учествува во нивното намирување на начин утврден со закон. Тоа, истовремено, значи и овластување на законодавецот да цени и по потреба да ги менува, дополнува или укинува ваков вид на давачки, со цел допрецизирање на одредбите и нивно усогласување со актуелните состојби во сверата на приредување на игрите на среќа.

Ценејќи ја оспорената одредба во корелација со цитираните одредби од Законот, а од аспект на можна ретроактивна, понеповолна примена Судот оцени дека нема повреда на членот 52 став 4 од Уставот, затоа што одредбата е проектирана да дејствуваат сметано од влегување во сила на Законот, па во иднина. Покрај тоа, оспорениот член 161 став 2 има времен, темпорален карактер. Поточно оваа одредба има задолжителна примена во периодот 5 март 2011 до 5 септември 2011 (6 месеци), односно диспозитивна примена во периодот 5 септември 2011 до 1 јануари 2012 (уште три месеци), кога престанува да важи.

Со оглед на тоа што членот 168 од Законот, само е наведен како оспорен во воведот на иницијативата и за него не се наведени причини за оспорување, ниту пак одредби од Уставот кои би биле со него повредени, односно не се оспорува предвидениот преоден режим и влегувањето во сила на целината на Законот, постојат процесни пречки за впуштање во анализа на оваа одредба од Законот. Притоа, според Судот, оваа одредба се наведува како оспорена само од причина што во неа е содржано повикување на оспорениот член 161 став 2 од Законот.

При донесување на ова решение се имаше предвид дека по поднесувањето на иницијативата е донесен Закон за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри (“Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2011), но се утврди дека настанатите измени и дополнување не се од влијание за исходот на постапката пред Судот.

Имајќи го предвид сето наведено произлегува дека не се исполнети процесните претпоставки за донесување на решение согласно членот 27 од Деловникот.

Тргнувајќи од наведеното Судот оцени дека оспорениот член 161 став 2 од Законот е во согласност со членот 52 став 4 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.57/2011
29 јуни 2011 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски