57/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 2 април 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законистоста на Решението за формирање на комисија за работа на утврдување на пазарната вредност на недвижен имот вo општина Кратово, бр. 12-1732 од 19.10.2006 година, донесено од градоначалникот на општина Кратово.

2. Миле Бошковски од Кратово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законистоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, овој акт бил незаконит. Имено, подносителот на иницијативата наведува дека Решението бр. 12-1732 од 19.10.2006 година било донесено од ненадлежен орган, што било спротивно на член 63 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија број 5/2002) на кој се повикувал доносителот на Решението, бидејќи Градоначалникот немал законска надлежност да носи вакво решение бидејќи за вакви решенија бил надлежен советот на општината. Според тоа, дури и советот на општината да донел вакво решение, бил должен да ги наведе изворите и висината на средствата за извршување.

Подносителот на иницијативата исто така тврди дека Решението не било објавено во Службен гласник на општина Кратово и истото не можело да произведува правно дејство. Понатаму, комисијата била составена од четири члена (парен број) каде истата не можело да одлучува во случај на надгласување, што било спротивно на позитивните закони во земјата, дека во точката 4 на Решението било наведено комисјата да почне со работа од 01-10-2006 година или 19 дена пред донесувањето на Решението, што било уште еден абсурд и дека паричниот надоместок на членовите на Комисијата бил незаконит од причина што истите биле вработени во истиот орган за што земале плата како државни службеници.

Поради наведените причини сo иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на законитоста на оспореното решение и истото биде поништено.

3. Судот на седницата утврди дека со оспореното решение за формирање на комисија за работа на утврдување на пазарната вредност на недвижен имот вo општина Кратово, бр. 12-1732 од 19.10.2006 година, донесено од градоначалникот на општина Кратово, се утврдува пазарната вредност на недвижен имот.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од називот и содржината на оспореното решение неспорно произлегува дека е поединечен акт со кој се формира комисија за работа на утврдување на пазарната вредност на недвижен имот во општина Кратово, а не пропис со кој на општ начин се уредуваат определени односи, односно прашања на неопределен број на субјекти во правото, што е карактеристично за секој вид на пропис.

Со оглед на тоа што оспореното решение не е пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, туку е поединечен, односно конкретен акт, Судот согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија ја отфрли иницијативата поради тоа што не е надлежен да одлучува за барањето во иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова – Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.57/2008
2 април 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски