57/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 14 мај 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 63 и член 64 став 1 под А и Б од Колективниот договор за средно образование во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.65/95).

2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива од Ратко Димовски од Скопје за поведување постапка за оценување уставноста на членовите од Колективниот договор означени во точката 1 од ова решение. Како причина за оспорување во иницијативата се наведува дека оспорените членови, со кои се уредени критериуми и мерила за утврдување на технолошки вишок, би требало да се дополнат и со некои други критериуми со кои поадекватно би се определувал технолошкиот вишок во училиштата. Уставноста на предвидените критериуми и мерила, пак, не се доведува во прашање.

3. Со оглед на тоа што со иницијативата не се оспорува уставноста на означените членови од колективниот договор, туку се бара оцена дека тие би требало да се дополнат со некои нови одредби за да се подобрат нивните ефекти, Судот оцени дека таа не се однесува на прашања од надлежноста на Судот и дека затоа постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата во смисла на член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.57/97)