56/2011-0-0

Вовед

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 7, член 14 став 2, член 38 став 2, член 46 став 5, член 71, член 105 ставови 1 и 3, член 111 ставови 1, 3 и 5, член 114, член 116, член 131 точка 6, член 144 став 3, член 145, член 149 став 3, член 154 став 2, член 178 став 6, член 198 и член 200 од Законот за авторското право и сродните права (“Службен весник на Република Македонија” број 115/2010, 140/10 и 51/11).

2. Славе Димитров од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорените одредби од членовите 7, 14 став 2, 38 став 2, 71, 154 став 2 и 178 став 6 од Законот, биле контрадикторни со Бернската конвенција за заштита на книжевните и уметничките дела, односно со нив се менувал овој ратификуван меѓународен договор бидејќи овие оспорени одредби ги содржеле зборовите “не влијае”, односно “не влијаат“ кои употребени зборови според подносителот на иницијативата сами по себе немале конкретно значење и нејасно било на какво влијание се мислело со тие оспорени одредби, па оттука тие можеле да се толкуваат на два дијаметрални по значење начини со оглед дека влијанието од една страна можело да биде штетно, а од друга страна корисно, за разлика од одредбите од член 2 став 3 и 5 и член 6-бис став 1 од Бернската конвенција каде со употребени зборовите: “но без штета на правата на авторот…” точно се знаело за какво влијание се мислело. Оттука, произлегувало дека оспорените одредби покрај тоа што биле контрадикторни самите на себе односно на самиот закон, тие биле спротивни и на наведените одредби од Бернската конвенција, а поради таквата двосмиленост на оспорените одредби, се доведувала во прашање нивната применливост во евентуалните судски постапки или финансиски извештаи и ревизии, како и прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот со членот 118 од Уставот бидејќи со нив се менувал меѓународен договор ратификуван во согласност со Уставот.

Понатаму, оспорените одредби од членовите 46 став 5, 105 став 3, 111 став 5, 114, 116, 144 став 3, 145 и 149 став 3 од Законот, според подносителот на иницијативата, така како што биле уредени биле контрадикторни со Директивата 2001/29/ЕЦ на Европскиот парламент и на Советот од 22 мај 2001 (Информатичка директива). Конкретно, во оспорените одредби биле употребени зборовите “единствениот надоместок”, односно “единствените надоместоци”, додека во членот 5 точка 2 од Директивата зборовите “праведен надоместок”. Исто така, оспорените одредби од членовите 105 став 1, 111 ставови 1 и 3, 131 точка 6, 144 став 3, 145 и 149 од Законот, во кои се содржани зборовите “единствениот надоместок”, односно “единствените надоместоци”, биле спротивни и на одредбите од членовите 12 (1) од Римската конвенција и на членот 15 (2) од СОИС-договорот за изведба на фонограмите, во кои членови биле содржани зборовите “еднократен правичен надоместок”, а не правото на единстевен надоместок како што погрешно го определил законодавецот со наведените оспорени одредби од Законот за авторското право и сродните права. Оттука, според подносителот на иницијативата неосновано употребените зборови во оспорените одредби од Законот се поистоветувале со зборовите “праведен надоместок” содржани во членот од Директивата, Римската конвенција и СОИС-договорот, а оттука и се поставувало прашањето за согласноста на овие оспорени одредби од Законот со членот 118 од Уставот бидејќи со нив се менувале меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Според наводите од иницијативата, оспорениот член 198 од Законот бил спротивен на Уставот, бидејќи причините содржани во оспорениот член за поништување на издадените дозволи за работа, како и за прекинувањето на постапките за издавање на согласност на општите акти кои не биле издадени до влегувањето во сила на новиот закон, биле спротивни на фактичката состојба во врска со водени управни постапки поради молчење на администрацијата, а со тоа и спротивни на уставното начело на владеењето на правото и на правната заштита на сопственоста. Ова, бидејќи со пресуди на Управниот суд од 2011 година, биле решавани претходни прашања од заклучоци на Министерството за култура во врска со согласности за општи акти, а со оспорената одредба од член 198 од Законот кој стапил во сила во 2010 година, веќе се поништувале издадените дозволи за работа, конкретно на здружението КОМИП, без притоа да се сочека решавањето на претходното прашање утврдено во заклучокот на Министерството за култура.

Според наводите од иницијативата оспорениот член 200 од Законот кој уредува дека одредени законски одредби кои се однесуваат на надоместок од умножување за приватно копирање и за право на надоместок од јавна послуга ќе се применуваат по една година од денот на влегувањето во сила на овој закон, бил неуставен бидејќи законодавецот неосновано ги ограничил на одреден период правата кои произлегувале од одредбите од Законот чија примена се одложувала, особено што тие права веќе еднаш им биле овозможени на носителите на тие права уредени со Законот за авторското право и сродните права од 1996, чија важност престанала со донесувањето на новиот закон.
3. Судот на седницата утврди дека со оспорените членови од Законот се уредува следното:

Одвоеност на пренесувањето
Член 7

(1) Пренесувањето материјални права на авторот на делото не влијае на сопственичкото право на предметот во кој е содржано авторско дело, доколку со закон или со договор поинаку не е определено.
(2) Пренесувањето на сопственичкото право од ставот (1) на овој член не влијае на пренесувањето на материјалните права на авторот на делото, доколку со закон или со договор поинаку не е определено.

Збирки на авторски дела
Член 14

(2) Авторското право над авторското дело од ставот (1) на овој член на кој било начин не се однесува на неговата содржина и не влијае на правата над делото што е составен дел на збирката.

Преработување
Член 38

(2) Правата над авторското дело создадено со преработување не влијаат на кој било начин на правата над делото што е преработено.

Право на надоместок
Член 46

(5) Авторот има право на дел од единствениот надоместок од ставот (1) на овој член за умножувањето фонограми и видеограми и од фотокопирањето на неговото дело кое се врши за приватно користење.

Правило на одвоено пренесување
Член 71

Пренесување одделно материјално право не влијае на пренесувањето на другите материјални права, доколку со овој закон или со договор поинаку не е определено.

Други права на изведувачот
Член 105

(1) Изведувачот има право на дел од единствениот надоместок за секое јавно соопштување на фонограм со негова изведба, издаден за комерцијална цел, доколку со овој закон поинаку не е определено.

(3) Изведувачот има право на дел од единствениот надоместок за умножување за приватно користење, согласно со членот 46 од овој закон.

Други права на произведувачот на фонограми
Член 111

(1) Произведувачот на фонограми има право на дел од единствениот надоместок од јавно соопштување на неговиот фонограм издаден за комерцијална цел.

(3) Произведувачот на фонограми и изведувачот на изведбата вградена во фонограмот имаат право на подеднаков дел од единствениот надоместок од ставот (1) на овој член, доколку со договор поинаку не е определено.

(5) Произведувачот на фонограми има право на дел од единствениот надоместок за умножување за приватно користење, согласно со членот 46 од овој закон.

Друго право на филмскиот продуцент
Член 114

Филмскиот продуцент има право на дел од единствениот надоместок за умножување за приватно користење, согласно со членот 46 од овој закон.

Право на издавач на надоместок од умножување
за приватно користење
Член 116

Правно или физичко лице што согласно со закон ќе издаде авторско дело во книжен облик (издавач) има право на дел од единствениот надоместок за умножување за приватно користење, согласно со членот 46 од овој закон.

Права што колективно се управуваат
Член 131

Права што може колективно да се управуваат особено се:

6) право на надоместок на изведувач и на произведувач на фонограми од единствениот надоместок од јавно соопштување на фонограми со изведби издадени за комерцијална цел;

Општ акт за распределба
Член 144

(3) За покривање на вкупните трошоците за работа на организацијата може да се користат средства од прибраните надоместоци во износ определен во статутот, односно во договорот за основање во износ до 20 %, а во случај на колективно управување со единствениот надоместок, определен со овој закон, не повеќе од 30%
….

Посебни случаи за распределба на надоместокот
Член 145

Меѓусебната распределба на единствените надоместоци определени со членовите 46, 105, 111, 114 и 116 од овој закон се врши во следниов сооднос:

1) од надоместоците прибрани за умножување за приватно користење на фонограми, односно видеограми согласно со овој закон, авторите примаат 40%, изведувачите 30%, а произведувачите на фонограми, односно видеограми (филмските продуценти) 30 %;

2) надоместоците прибрани за умножување за приватно користење на хартија или сличен носач согласно со овој закон, се распределуваат меѓу авторите и издавачите во сооднос од по 50% и
3) надоместокот прибран од јавно соопштување на фонограм издаден за
комерцијална цел, вклучително и радиодифузно емитување, согласно со овој закон, се распределува меѓу изведувачите и произведувачите на фонограми во сооднос од по 50%.

Постапување по барање
Член 149

(3) Во случај на единствен надоместок, определен во членовите 46, 105, 111, 114 и 116 од овој закон, дозвола се издава на организација овластена од соодветните организации односно основана од соодветните носители на правата меѓу кои се врши распределбата на единствениот надоместок.

ОДДЕЛ 1. Контрола од органи на организацијата
Член 154

(2) Одредбите од ставот (1) на овој член не влијаат на обврските на организацијата спрема други финансиски извештаи и ревизии преземени врз основа на другите прописи.

Доставување податоци
Член 178

(6) Одредбите од овој член не влијаат на прописите за начинот на користење на доверливи информации во граѓанска, прекршочна или кривична постапка, на прописите со кои се уредува одговорност за злоупотреба на правата за добивање податоци, како и на прописите со кои се уредува обработката и заштитата на личните податоци.

Прекин на постапки за поништување дозволи
Член 198

(1) На здруженијата за колективно оставрување на авторското право и сродните права на кои до денот на влегувањето во сила на овој закон им се издадени дозволи за работа, а не им се издадени согласности на општите акти (за надоместоци за користење авторско право и сродни права и за распределба на надоместоците), па поради тоа и не започнале со работа, постапките се прекинуваат, а издадените дозволи се поништуваат.

(2) Здруженијата од ставот (1) на овој член имаат право да поднесат барање за добивање дозвола за колективно управување според одредбите од овој закон.

Одложна примена
Член 200

Одредбите за право на надоместок од умножување за приватно копирање од членовите 46, 47, 48 и 131 точки 7, 8 и 9 на овој закон и за право на надоместок од јавна послуга од членовите 50 и 131 точка 3 на овој закон ќе се применуваат по една година од денот на влегувањето во сила на овој закон.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Со членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, е определено дека Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето, а според алинејата 3 од Деловникот и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Според изнесените наводи во иницијативата, оспорените членови 7, 14 став 2, 38 став 2, 46 став 5, 71, 105 ставови 1 и 3, 111 ставови 1, 3 и 5, 114, 116, 131 точка 6, 144 став 3, 145, 149 став 3, 154 став 2 и 178 став 6 од Законот, биле неконкретни и нејасни, односно содржеле двосмислени зборови со што била доведена во прашање и нивната применливост во евентуалните судски постапки или финансиски извештаи и ревизии за разлика од одредбите од директивите и меѓународните конвенции кои се однесуваат на авторското право и сродните права, кои одредби биле појасни и точно се знаело што тие значат. Подносителот на иницијативата, преку компарација на одделни зборови од оспорените одредби од Законот со одделни зборови на одредби од ратификувани меѓународни договори, извлекува заклучок дека со оспорените законски одредби се менувале ратификувани меѓународни договори, спротивно на членот 118 од Уставот, според кој меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот поредок и не можат да се менуваат со закон.

Со иницијативата овие одредби од Законот се оспоруваат од аспект на нивна нејасност, неконкретност и двосмисленост, од аспект на нивната примена од страна на судските и други органи, како и од аспект на нивна спротивност, односно неусогласеност со меѓународни ратификувани договори во правниот поредок на Република Македонија, кои не се причини за уставно проблематизирање на оспорените законски одредби. Наведеното од причини што овој суд не е надлежен да одлучува за меѓусебната согласност на законите во правниот поредок, односно за меѓусебната согласност на законите и законите со кои се ратификувани меѓународните конвенции. Воедно, тука воопшто не станува збор за закон со кој се менуваат одредби од ратификувани меѓународни договори, туку за закон од правниот поредок на Република Македонија кој уредува прашања за материја од областа на авторското право и сродните права. Прашањето за ратификација на меѓународните договори, како и прашањето за ратификација на измената и дополнувањето на ратификувани договори се прашања од друга надлежност и постапки. Уставната одредба од членот 118 од Уставот на Република Македонија, уредува дека меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот поредок и не можат да се менуваат со закон, што укажува на тоа дека одредбите од тие договори се применуваат во внатрешниот поредок, онака како што се уредени и прифатени од земјата која ги ратификувала, следствено на што оваа уставна одредба уредува дека тие и не можат да се менуваат со закон од националното законодавство, бидејќи евентуалните измени на меѓународните конвеции можат да бидат само прифатени со закон за ратификација на измените на одредена конвенција. Оттука, погрешно со иницијативата е повикувањето на членот 118 од Уставот, како и наводите од иницијативата дека со Законот, односно со оспорените одредби од тој закон, се менувале меѓународни ратификувани договори, па имајќи ги предвид уставните надлежности на овој суд во кои не спаѓа одлучувањето за меѓусебната согласност на законите во правниот поредок вклучително и меѓусебната согласност на законите и законите со кои се ратификувани меѓународни конвеции, а и во отсуство на аргументи од кои би можело да произлезе основ за уставно проблематизирање на овие оспорени законски одредбеи, Судот оцени дека во конкретниот случај не се исполнети процесните претпоставки за впуштање на овој суд во мериторно одлучување по иницијативата.

Понатаму, со иницијативата се оспорува членот 198 од Законот, кој уредува поништување на издадени дозволи за работа на здруженијата за колективно управување и прекинување на постапки ако до денот на влегување во сила на Законот не им биле издадни согласностите за општите акти, од аспект на тоа дека оспореното законско решение доведувало до фактичко поништување на издадени дозволи, без да се сочека решавање на претходни прашања од надлежни органи, што значи дека ова оспорено законско решение фактички се оспорува од аспект на неусогласеност и несинхронизираност на надлежни управни и судски органи во нивното постапување и примената на законите, па оттука со иницијативата се извлекува заклучок дека со оспореното законско решение се повредувало уставното начело на владеењето на правото и правната заштита на сопственоста која произлегувала од научното уметничко или друг вид на интелектуално творештво. Меѓутоа, со оглед дека Уставниот суд е надлежен да ја оценува согласноста на законите со Уставот, а не да ги цени последиците од примената на законите од страна на управните и судски органи односно нивната синхронизираност во таа примена, како и со оглед дека иницијативата не содржи издржани и образложени причини за спротивноста на оспорениот член од Законот со одредбите од Уставот, Судот оцени дека и во овој случај, не може да се впушти во уставно проблематизирање на овој оспорен член од Законот.

Со оспорениот член 200 од Законот е уредена одложна примена на одредени законски одредби по една година од влегувањето во сила на Законот. Според наводите од иницијативата одложната примена на одредбите наведени во оспорениот член 200 од Законот, било неуставно бидејќи законодавецот неосновано ги ограничил на одреден период правата кои произлегувале од одредбите од Законот чија примена се одложувала, особено што тие права веќе еднаш им биле овозможени на носителите на тие права уредени со Законот за авторското право и сродните права од 1996, чија важност престанала со донесувањето на новиот закон. Во конкретниот случај, оспорената законска одредба се оспорува затоа што одредбите чија примена се одлага со овој оспорен член од Законот, веќе биле уредени со претходниот закон кој престанал да важи, па според подносителот на иницијативата тоа претставувало неосновано уставно ограничување и одложување на примена на правата уредени со одредбите од Законот, без аргументи за спротивноста на ова законско решение со одредбите од Уставот, од кои причини и во овој случај, Судот оцени дека не може да се впушти во уставносудска анализа за согласноста на овој оспорен член од Законот со Уставот. Воедно, рокот во кој беше одложена примената на одредбите наведени во оспорениот член 200 од Законот, е поминат и тие одредби веќе се влезени во примена.

5. Тргнувајќи од наведеното, со оглед дека со иницијативата се бара постапување на овој суд за прашања за кој не е надлежен, како и во отсуство на аргументи за уставно проблематизирање на оспорените одредби од Законот, Судот оцени дека во конкретниот случај, настапени се условите од член 28 алинеите 1 и 3 за отфрлање на иницијативата во целост.

6. Поради гореизнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Лилјана Ингилизова-Ристова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 56/2011
15 февруари 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски