Вовед
Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/92) на седницата одржана на 30 мај 2001 донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 72 став 2, 3 и 4 и на член 75 од Законот за банки (“Службен весник на Република Македонија” бр. 63/2000 и 103/2000).
2. Мирослав Трајановски, адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот за банки означени во точка 1 од ова решение, затоа што прво, се смета дека со оспорените ставови од член 72 се ограничувала слободата на пазарот и претприемништвото затоа што овластените ревизори можеле да вршат ограничен број ревизии во иста банка или во банки во текот на една деловна година.
Второ, член 75 се оспорува затоа што се смета дека со обврските за доставување извештаи од ревизорите до Народната банка се повредува деловната тајна. Со двата члена, пак, се воспоставува повратно дејство на законот врз договорите за ревизија што биле склучени пред неговото влегување во сила, а во кои биле договорени повеќе ревизии во кои се содржани податоци како деловна тајна.
3. На седницата Судот утврди дека според член 72 став 1 од Законот банката е должна да назначи овластен ревизор за што ја известува Народната банка.
Во оспорениот став 2 на овој член е предвидено дека ист овластен ревизор може да изврши најмногу три последователни ревизии во истата банка, а согласно став 3 ист овластен ревизор може да изврши најмногу пет ревизии на банки за една деловна година. Според став 4 на овој член, ревизијата на консолидираните финансиски извештаи (тие се прават кога банката во други правни лица поседува капитални делови од најмалку 20% од капиталот на тие лица – член 69 став 4 од Законот) и на финанскиските извештаи на правните лица опфатени во консолидираниот финансиски извештај ја извршува ист ревизор.
Според оспорениот член 75 од Законот доколку овластениот ревизор утврди дека банката не е способна да ги исполнува своите обврски или дека банката работела спротивно на важечките прописи, за тоа е должен веднаш писмено да го извести министерот за финансии и гувернерот на Народната банка(став1). Според став 2 овластениот ревизор истовремено го доставува својот извештај за извршените ревизии до Народната банка, до работоводниот орган на банката, до управниот одбор на банката и до Министерството за финансии.
4. Во член 55 став 1 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а според став 2 на овој член Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.
Согласно член 51 став 2 од Уставот секој е должен да ги почитува Уставот и законите, а според член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
5. Судот утврди дека одредбите од членовите 72 и 75 од Законот несомнено имаат определен ограничувачки карактер, но прашањето е дали тоа е несразмерно со целите на Законот во поглед на обезбедување на финансиската контрола и на законитост во работењето на банките.
Ревизијата, која во иницијативата воопшто не се оспорува како инструмент, сама по себе претставува ограничување на апсолутната слобода на банките во начинот на нивното финансиско работење. Модалитетите на нејзиното вршење, во границите на нејзината основна цел, можат да бидат различни во зависност од проценките за нивната ефикасност во согласност со определени, во случајов, стандарди на банкарското работење. Според мислењето на Судот, определувањето на бројот на последователните ревизии што ист ревизор може да ги изврши во иста банка, како и на бројот на ревизии на банки во една деловна година има несомено функција на обезбедување услови за непристрасни и квалитетни ревизии, било преку елиминирање на односите на трајна поврзаност на една банка со ист ревизор, било преку исклучување на прекумерен обем на ревизии на банки што може да ги извршува ист ревизор, во согласност со стручните барања и објективните услови за вршење на ревизија. Со тоа, според оценка на Судот, не се доведува во прашање слободата на банките во донесување на деловните одлуки и нивните интереси како субјект на пазарот, ниту слободата на ревизорите да склучуваат договори за ревизија, туку се обезбедува, според оценката на законодавецот, ефикасен начин на сметководна и финансиска контрола како инструмент за обезбедување законитост во работата на банките.
Во ист контекст Уставниот суд ја согледува и одредбата од член 72 став 4 од Законот што се однесува на условите за вршење ревизија на консолидираните извештаи, и оценува дека таа очигледно е насочена кон обезбедување интегралност на ревизи-јата, што како стручно барање од законот не може да се побива со било какво ограничување на пазарните субјекти. Поради тоа, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 72 став 2, 3 и 4 со член 55 и 51 од Уставот на Република Македонија.
6. Во поглед на член 75 од Законот, Судот смета дека обврската за ревизорот да ја извести Народната банка и Министерството за финансии, покрај органите на банката, за извршените ревизии и за евентуалните незаконитости во нејзината работа и неспособноста да ги извршува своите обврски, не засега во деловните тајни на банките, затоа што ревизијата не се ни извршува заради контрола на деловните одлуки на банките, туку за сметководствена и финансиска контрола на нивното работење. Тоа не само што е во функција на работење на банките во рамките на условите пропишани со законот и остварувањето на одговорноста на Народната банка на Република Македонија и Владата за стабилноста на монетарниот систем, туку и за заштитата на интересите на коминтентите на банките, меѓу кои и на граѓаните.
7. Судот го разгледа и прашањето за повратно дејство на оспорените одредби од Законот, но утврди дека тие немаат такво дејство, затоа што само утврдуваат законски режим за вршење на ревизија кон кој мора да се придржуваат сите субјекти и не ги поништуваат извршените права и обврски од договорите склучени пред влегувањето во сила на законот. Прашањето за ефектите од порано склучените договори кои што се уште не се извршени, а не се во рамките на новиот законски режим ќе се решаваат во крајна линија пред судовите според правилата на облигационото право за важење на договорите. Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби и со член 52 став 4 од Уставот.
8. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У. бр. 56/2001
30 мај 2001 година
С к о п ј е
сгј
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов