56/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 мај 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за утврдување надоместок за употреба на градежното земјиште на општина Битола бр.07-340/20, донесена на 30.04.1999 година од Советот на општина Битола.

2. Симовски Јоше од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, од причини што истата не била во согласност со членот 9 став 2 и членот 33 од Уставот на Република Македонија. Не наведувајќи со кои законски одредби оспорената одлука не е во согласност, подносителот на иницијативата смета дека со истата се воведува двојно оптоварување на граѓаните за исто земјиште и тоа преку данокот на имот и надоместокот за употреба на градежно земјиште.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука се врши изменување и дополнување на дел од Одлуката за утврдување надоместок за употреба на градежното земјиште на општина Битола бр.07-559/1, донесена од Советот на општина Битола и тоа членовите 12 и 13 од одлуката.

Имено, во членот 1 од оспорената одлука се врши измена во дел од членот 12 од Одлуката предвидувајќи обврска за секој обрзник на надоместокот на овластеното лице, наместо од страна на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на РМ – ПЕ Битола, од страна на Советот на Општина Битола да му овозможи непречена контрола заради утврдување на околностите за правилно одредување на основицата за определување на надоместокот и пресметување на висината на истиот.

Со членот 2 се утврдува надлежност на ЈКП “Водовод” Битола да врши евиденција и пресметување на надоместокот со доставување на заедничка сметка со износот за потрошената вода.

Притоа, остварените средства е предвидено да се уплаќаат на посебна сметка на Општината – Програма за уредување на комунални објекти и инсталации.

4. Од анализата на содржината на оспорената одлука, произлегува дека во членот 1 од истата само се врши измена на субјектот кој може да овласти лице да изврши контрола заради утврдување на околностите кои влијаат врз правилното одредување на основицата за определување на надоместокот и пресметување на неговата висина. Наместо тоа да го прави Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија, со оспорената одлука се утврдува дека такво овластување се дава на Советот на општина Битола.

Исто така, со членот 2 од одлуката се врши измена на субјектот кој е надлежен да ја врши евиденцијата и пресметувањето на надоместокот – наместо тоа да го врши Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија, со одлуката се овластува ЈКП “Водовод” – Битола. Покрај тоа, се менува и начинот на кој ќе се врши наплатата- наместо со доставување тромесечни сметки, со заедничка сметка со износот за потрошената вода.

Оттука, оспорената одлука воопшто не ја утврдува обврската за плаќање на надоместокот, ниту неговата висина – тоа е сторено со одлуката чија измена и дополнување се врши. Таа само го специфицира начинот на наплата на надоместокот и субјектот кој ќе ја спроведува наплатата. Ваквото право на општината произлегува непосредно од Законот за градежното земјиште.

Врз основа на изнесеното произлегува дека во иницијативата, подносителот дава сосема поинаква интерпретација на содржината на актот, оспорувајќи го од причини кои воопшто не кореспондираат со предметот на регулирање на оваа одлука.

Согласно член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата. Со оглед на тоа што со оспорената одлука се утврдува начинот на наплата на надоместокот за употреба на градежното земјиште, а не самиот надоместок, како обврска (јавна давачка) на граѓаните, Судот оцени дека истата не може да се доведе во врска со членовите 9 став 2 и 33 од Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.56/2000
24 мај 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Милан Недков