56/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 23 април 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 196 од Законот за насоченото образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.16/85, 2/86, 29/86, 7/88, 18/89, 29/89, 10/90, 12/90, 20/90, 11/91, 40/91 и 14/95).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на Дел В од Конкурсот за запишување студенти на прва година на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје во учебната 1996/97 година.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Јордан Алексоски од Тетово, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од актите означени во точките 1 и 2 од ова решение, затоа што со нив се воведувал модел на партиципација во финансирањето на студиите за еден дел студенти, а целосно финансирање од страна на државата за друг дел студенти, со што се вршела дискриминација на граѓаните во образованието, што не било во согласност со член 44 од Уставот на Република Македонија.

4. На седницата Судот утврди дека според оспорениот член 196 од Законот граѓаните можат своите лични потреби и интереси во областа на насоченото образование да ги задоволуваат во непосредни односи со организациите за насочено образование под услови што ги утврдува заедницата за насочено образование во која е здружена организацијата за насочено образование.

Според член 44 од Уставот на Република Македонија секој има право на образование што му е достапно секому под еднакви услови, а задолжително и бесплатно е само основното образование.

Согласно член 45 од Уставот граѓаните имаат право, под услови утврдени со закон, да основаат приватни образовни установи во сите степени на образованието, освен во основното образование.

Од изнесените уставни одредби, според мислењето на Судот, произлегува дека во уставниот поредок на Република Македонија се гарантира бесплатното школување само до нивото на основното образование, со што и се обезбедува неговата задолжителност, но не и на повисоките нивоа на средно и високо образование. Се разбира, овие уставни одредби не ја исклучуваат можноста државата, во согласност со своите интереси и финансиски можности, да го финансира бесплатното школување и во средното и високото образование, делумно или во целост, но не создаваат обврска за тоа. Затоа Судот смета дека Уставот не исклучува школувањето во средното и високото образование да се остварува и со плаќање на образовните услуги, при што, нормите што тоа би го уредувале би морале да ги почитуваат уставните принципи на еднаквост односно недискриминација.

Разгледувајќи ја оспорената законска одредба Судот утврди дека со неа само се предвидува можност граѓаните да ги задоволуваат своите образовни потреби во насоченото односно во средното и високото образование во непосредни односи со образовните институции што, бездруго, во себе го содржи односот на плаќање на образовните услуги и се пропишува дека условите за остварување на тие односи треба да бидат регулирани, но таа нив не ги регулира. Независно од тоа кој е субјектот што ги регулира условите за остварување на тие односи наместо поранешната Самоуправна интересна заедница за насочено образование, тие се предмет на други прописи чии критериуми на уставноста може да бидат достапноста на образованието под еднакви услови, еднаквоста итн. Оспорената законска одредба, пак, само утврдува дека тие непосредни односи се можни, поради што Судот оцени дека таа не е во несогласност со член 44 во врска со член 45 од Уставот на Република Македонија и одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. На седницата Судот утврди дека оспорениот Конкурс веќе бил предмет на оценување од страна на Судот, кој со решение У.бр.166/96 од 23 октомври 1996 година не повел постапка за оценување неговата уставност и законитост. Поради тоа, а со оглед дека не наоѓа причини за поинакво одлучување, Судот одлучи како во точката 2 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.56/97)