56/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 март 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 17 од Законот за адвокатурата (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/92).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Сашо Врбовски од Битола му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членот 17 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што според оваа одредба адвокатот уживал одделни имунитетски права со што се нарушувал принципот на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, а што не било во согласност со член 9 став 2 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 17 став 1 од Законот адвокатот не може да биде повикан на одговорност за искажано мислење во судењето, според ставот 2 од овој член, адвокатот не може да биде притворен за кривично дело сторено во давањето правна помош без претходна согласност од кривичниот совет на вишиот суд на подрачјето на основниот суд пред кого се води кривичната постапка и прибавено мислење од Адвокатската комора на Република Македонија, а според ставот 3 од овој член на Законот, претресување на адвокатската канцеларија може да се врши само во однос на писмената изречно содржани во одлуката на судот за претресување во присуство на претставник на Адвокатската комора на Република Македонија.

4. Според член 9 став 2 од Уставот граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со член 53 од Уставот се уредува дека адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Вклучувањето на адвокатурата со означеното семејство од член 53 од Уставот, во поглавјето за гаранции на основните слободи и права на Уставот е дозволен показ за значението на оваа јавна служба, како сериозна гаранција за зштитата на слободите и правата на човекот и граѓанинот.

Со Законот за адвокатурата, покрај организационите прашања на адвокатурата и основите за стекнување својство на адвокат, се утврдува содржината на самостојноста и независноста на адвокатурата и на правната помош. Така, е утврдено дека: слободното и независно вршење на адвокатската дејност е една од основните карактеристики на адвокатурата како јавна служба (член 3 од Законот); адвокатот е слободен, самостоен и независен во својата работа и во рамките на законот и овластувањето самостојно одлучува за начинот на застапување на правата и интересите на странките (член 12 од Законот); адвокатската дејност е неспојлива со вршењето на функции, работи и активности кои влијаат на независноста на адвокатите во давањето правна помош и го нарушуваат достоинството и угледот на адвокатурата (член 16 од Законот), и не се исклучува одговорноста на адвокатот за повреда на адвокатската должност и угледот на адвокатурата (член 24 од Законот).

Тргнувајќи од горенаведените својства на адвокатурата како јавна служба, а заради обезбедување слобода, самостојност и независност на адвокатот во неговата работа, според мислењето на Судот, со оспорената одредба на член 17 од законот се утврдува заштита на адвокатот во вршењето на адвокатската дејност, односно во давањето правна помош, која произлегува од посебното својство на адвокатурата утврдена со член 53 од уставот, поради што смета дека на овој начин не се нарушува принципот на еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, туку напротив се обезбедува сигурност во давањето на правна помош како една од реалните гаранции за остварувањето и заштитата на слободите и правата на човекот и граѓанинот. Со оглед на изнесеното Судот оценидека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот со одредбите на Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.56/96)