55/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 април 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 6 став 7 од Законот за постапување со бесправно изградени објекти („Службен весник на Република Македонија“ бр.23/2011 и 54/2011).

2. Виолета Тимова од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорениот член 6 став 7 од Законот не бил во согласност со член 30 од Уставот, од причина што, во случајов се работело за сопствен, индивидуален дел (надградби и доградби) па предвиденото решение барањето за утврдување на правен статус за станбените згради за колективно делување, да го поднесува заедницата на станари или да е потпишано од повеќе од половина иматели на стан во зградата, не соодветствувал со приватниот интерес. Ова од причини што станувало збор за легализација на дополнително изградени тераси или надградби (поткровје), од индивидуални лица, па оттука, барањето треба да го поднесе лично лицето кој бесправно го изградил делот за кој се бара легализација.

3. Судот на седницата утврди дека според член 6 став 7 од Законот доколку е поднесено барање за утврдување на правен статус за станбени згради за колективно домување, потребно е барањето да е поднесено од заедницата на станари или да е потпишано од повеќе од половината иматели на стан во зградата при што покрај доказите од ставот 2 на овој член се доставува и список на станари, договори за купопродажба на становите во зградата, како и уверение за државјанство или копија од лична карта од сите иматели на стан во зградата.

За утврдување на правен статус на делови (доградби и надградби) на станбени згради кои се бесправно изградени, подносителот на барањето за утврдување на правен статус е имателот на делот кој е бесправно изграден.

4. Законот за постапување со бесправно изградени објекти е донесен на седница на Собранието на Република Македонија одржана на 22 февруари 2011 година, и истиот е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.23/2011 на 24 февруари 2011 година, и истиот согласно член 33 од Законот, влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“ – 2 март 2011 година и истиот важи шест години од денот на влегувањето во сила.

Во член 1 од овој закон е регулирано што е предмет на законот, односно дека со овој закон се уредуваат условите, начинот и постапката за евидентирање, утврдување на правен статус и санкционирање на бесправно изградените објекти.

Според член 2 од овој закон, под бесправно изградени објекти, во смисла на овој закон, се подразбираат објекти од значење за Републиката согласно со Законот за градење и друг закон, објекти од локално значење согласно со Законот за градење и објекти на здравствени установи за примарна, секундарна и терцијална здравствена заштита кои се изградени без одобрение за градење или спротивно на одобрението за градење, како и делови (доградби и надградби) на објектите од значење за Републиката и од локално значење и на објектите на здравствените установи за примарна, секундарна и терцијална здравствена заштита, кои се изградени без одобрение за градење или спротивно на одобрението за градење, во и надвор од плански опфат (во натамошниот текст: бесправни објекти).

Предмет на овој закон се бесправните објекти од ставот 1 на овој член на кои до денот на влегувањето во сила на овој закон се изведени градежните и инсталатерските работи во целост и истите претставуваат градежна и функционална целина.

Во член 3 од истиот закон, се предвидува дека под утврдување на правен статус на бесправен објект се подразбира запишување на бесправниот објект во јавната книга за запишување на правата на недвижности и вкопување на истиот во урбанистичко-планската документација, на начин и во постапка пределени со овој закон.

Според член 5 од овој закон, за утврдување на правен статус на бесправен објект се поднесува барање за утврдување на правен статус на бесправен објект од страна на имателот на бесправен објект до единицата на локалната самоуправа на чие подрачје е изграден бесправниот објект, односно органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот. Рокот за поднесување на барањето за утврдување на правен статус на бесправен објект од ставот 1 на овој член го пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот.

Оспорениот член 6 од Законот, ја регулира содржината на барањата за утврдување на правен статус на бесправни објекти.

Според член 6 став 1 од овој закон подносител на барање за утврдување на правен статус може да биде физичко лице – државјанин на Република Македонија, правно лице регистрирано во Централниот регистар на Република Македонија и институции кои се иматели на бесправните објекти.Странски правни и физички лица можат да бидат баратели, доколку ги исполнуваат условите за стекнување на право на сопственост утврдени со Законот за сопственост и други стварни права.

Според став 2 на овој член од Законот барателот е должен со барањето за утврдување на правен статус на бесправни објекти од значење за Републиката, објекти на здравствени установи за примарна, секундарна и терцијална здравствена заштита и објекти од локално значење освен електронски комуникациски мрежи и средства и линиски инфраструктурни објекти да достави:

– уверение за државјанство или копија од лична карта за домашно физичко лице, односно дозвола за постојан престој за странско физичко лице, а за домашно и странско правно лице, извод од Централниот регистар на Република Македонија, односно од соодветната институција во државата во која странското правно лице има седиште,
– доказ за приклучок на комунална инфраструктура и/или сметки за јавни услуги (струја, вода итн.), а доколку бесправниот објект нема инфраструктурни приклучоци, изјава заверена на нотар дадена под кривична и материјална одговорност со која барателот ќе потврди дека бесправниот објект е изграден пред влегувањето во сила на овој закон и
– геодетски елаборат за утврдување на фактичка состојба на бесправен објект со имотен лист за земјиштето на кое е изграден бесправниот објект.

Во ставот 3 на истиот член од Законот е предвидено дека доколку бесправниот објект е изграден на земјиште кое не е сопственост на барателот или на Република Македонија, односно земјиштето е сопственост на друго физичко или правно лице, барателот покрај доказите од ставот 2 на овој член е должен да достави и договор за долготраен закуп на семјиштето склучен со сопственикот на земјиштето.

Според став 4 на овој член од Законот доколку бесправниот објект е изграден на земјиште пренесено од поранешен сопственик врз основа на договор за купопродажба, на кое како корисник е евидентиран поранешниот сопственик, а барателот го користи земјиштето повеќе од 20 години од денот на склучувањето на договорот, барателот е должен покрај доказите од ставот 2 на овој член да достави и договор за купопродажба на земјиштето и изјава заверена на нотар, дадена под кривична и материјална одговорност со која барателот ќе потврди дека барателот или лицето чиј наследник е барателот го имаат купено земјиштето од поранешниот сопственик.

Според став 5 од член 6 на Законот доколку бесправниот објект е изграден на земјиште со незапишани права, надлежниот орган по службена должност доставува барање до Агенцијата за катастар на недвижности за спроведување на соодветна постапка за запишување на правта врз предметното земјиште, согласно со Законот за катастар на недвижности, која постапка Агенцијата за катастар на недвижности ја спроведува по службена должност.

Во став 6 од истиот член на Законот е предвидено дека доколку е поднесено барање за утврдување на правен статус на бесправен објект кој е изграден на земјиште со нерасчитени имотни односи, поради тоа што не е спроведена оставинска постапка, барателот е должен покрај доказите од ставот (2) на овој член да достави и известување од нотарот повереник на оставинскиот суд дека се води оставинска постапка за предметното земјиште.

Во оспорениот став 7 на членот 6 од Законот е предвидено дека доколку е поднесено барање за утврдување на правен статус за станбени згради за колективно домување, потребно е барањето да е поднесено од заедницата на станари или да е потпишано од повеќе од половината иматели на стан во зградата при што покрај доказите од ставот 2 на овој член се доставува и список на станари, договори за купопродажба на становите во зградата, како и уверение за државјанство или копија од лична карта од сите иматели на стан во зградата.

Подносителот на иницијативата го оспорува ставот 7 на член 6 од Законот, укажувајќи на фактот дека не може за надградба или доградба во станбена зграда, кои се однесуваат на тераси или поткровја, барањето да се поднесува во име на заедницата на станари или истото да биде потпишано од повеќе од половина иматели на стан во зградата.

Меѓутоа, токму во оваа насока, а по поднесување на иницијативата, Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 11 април 2011 година го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти кој е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.54/2011 од 14 април 2011 година со кој во член 1 од истиот, во членот 6 став 7 (оспорен со иницијативата) се додава нова реченица која гласи: „За утврдување на правен статус на делови (доградби и надградби) на станбени згради кои се бесправно изградени, подносител на барање за утврдување на правен статус е имателот на делот кој е бесправно изграден“.

Од анализата на измените и дополнувањата на ставот 7 од член 6 од Законот, Судот оцени дека токму укажувањата во иницијативата се вградени во овој член од Законот и според кој е дополнета содржина на барањето за утврдување на правен статус на бесправни објекти, така што имателот на делот кој е бесправно изграден може да го поднесе барањето лично за оној дел што самиот бесправно го изградил без собирање на потписи од повеќе од половината иматели на стан во зградата.

Од наведените причини Судот оцени дека во случајов не постојат процесни претпоставки за одлучување по иницијативата, во смисла на член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, поради што се исполнети условите за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.55/2011
27 април 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски