У.бр.54/2010

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 20 април 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 29 став 1 од Законот за Стопанската комора на Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.89/2004).

2. Сојузот на стопански комори на Македонија од Скопје, застапуван од полномошникот Валерјан Моневски-адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, оспорената законска одредба не била во согласност со уставно загарантираното право на сопственост определено во член 30 од Уставот и со Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи. Имено, Стопанската комора на Македонија организирана согласно Законот за Стопанската комора на Македонија („Службен весник на СРМ“ бр.38/90) престанала да постои со донесувањето на Законот за стопанските комори („Службен весник на Република Македонија“ бр.54/2002), а имотот што го стекнала бил имот на стопанските субјекти зачленети во таа комора со оглед дека тие субјекти плаќале коморски придонес и дека Комората била правно лице кое функционирало врз принципите на самоорганизирање и саморегулирање, поради што со престанокот на Комората имотот требало да им припадне на нејзините членки. На вакво стојалиште застанал и Уставниот суд со својата Одлука У бр.131/2002 од 2 април 2003 година.
Наместо тоа, со оспорениот член 29 од Законот законодавецот наметнувал режим и создавал правна основа за стекнување право на сопственост врз имот кој де факто претставувал приватна сопственост, а тоа не било во склад со Уставот на Република Македонија и се косело со основните принципи и законските определби за стекнување и располагање со правото на сопственост бидејќи предметниот имот ниту бил државна сопственост, ниту државата на било кој начин учествувала во неговото создавање. Законодавецот немал право, ниту правен основ, на ваков начин да ја уредува правната судбина на имотот на Стопанска комора на Македонија („Службен весник на СРМ“ бр.38/90), бидејќи во правниот поредок на Република Македонија биле вградени правни правила кои регулираат постапка и услови за решавање на прашањата по однос на имотот на правно лице при негов престанок. Во таа смисла, Законот за трговски друштва определувал дека во случај на престанок на правно лице со ликвидација, преостанатиот имот односно ликвидационата маса требало да им припадне на основачите на правното лице, па со инкорпорирањето на оспорената законска одредба во правниот поредок законодавецот направил повреда на уставните принципи и начела за владеење на правото како темелна вредност, на членот 51 од Уставот и на членот 30 од Уставот според кој „никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.“ На тој начин, на подносителот на иницијативата и на други правни субјекти им се одземале и ограничувале правата кои произлегуваат од сопственоста бидејќи им било одземено правото да учествуваат во распределбата на ликвидационата маса на Стопанската комора на Македонија („Службен весник на СРМ“ бр.38/90), а особено со оглед дека во конкретниот случај не се работело за јавен интерес утврден со закон.
Иницијаторот понатаму смета дека со оспорената законска одредба законодавецот сторил повреда и на член 1 од Протоколот кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи според кој „секое физичко или правно лице има право на непречено уживање на својата сопственост. Никој нема да биде лишен од својата сопственост освен кога е тоа во јавен интерес и под услови определени со закон и општите принципи на меѓународното право.“ Членот 29 од Законот го повредувал ова универзално право, затоа што со него лицата кои учествувале во создавањето на сопственоста и биле единствени нејзини сопственици биле лишувани од својата сопственост. На ваквата констатација упатувал и фактот дека членките на Стопанската комора на Македонија („Службен весник на СРМ“ бр.38/90) кои учествувале во создавањето на нејзиниот имот, имале право да избираат во која комора ќе членуваат и таквиот избор не можел да ги лиши од нивните сопственички права, но оспорениот член 29 од Законот ги принудувал да членуваат во новата Стопанска комора на Македонија доколку сакале да го уживаат своето право на сопственост, а во спротивно тоа право ќе го користеле новите членки кои и не придонеле за создавање на коморскиот имот (евидентно било дека во новата Стопанска комора на Македонија основана со Законот од 2004 година членувале и членки кои за време на постоењето на старата Стопанска комора на Македонија воопшто не ни постоеле како правни лица).
Според тоа, очигледно било дека оспорената одредба предизвикувала правни последици кои во основа биле апсурдни бидејќи субјект кој создавал имот бил лишен од своето сопственичко право само поради неговата определба да членува во друга асоцијација, додека на субјект кој со ништо не допринел во создавањето на имот, како што тоа биле новите членки на Стопанската комора на Македонија, им се овозможувало да стекнат сопственост без никаков правен основ односно основот за стекнување на сопственоста да биде интервенцијата на законодавецот и државата, впуштајќи се во распределба на имот во приватна сопственост.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената законска одредба определува дека: „Со денот на влегувањето во сила на овој закон, врз Стопанската комора на Македонија основана согласно со одредбите на овој закон преминуваат имотот, средствата, правата и обврските на Стопанската комора на Македонија организирана според Законот за Стопанската комора на Македонија („Службен весник на СРМ“ бр.38/90).“
Судот, исто така, утврди дека со член 41 од Законот за стопанските комори („Службен весник на Република Македонија“ бр.17/2011 од 11 февруари 2011 година) се определува дека: „Со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за Стопанската комора на Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.89/2004) и Законот за стопанските комори („Службен весник на Република Македонија“ бр.54/2002 и 84/2005).“

Според член 44 од означениот закон, „Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.“

4. Според член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што оспорениот член 29 став 1 од Законот за Стопанската комора на Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.89/2004) престанал да важи осмиот ден од денот на објавувањето на Законот за стопанските комори („Службен весник на Република Македонија“ бр.17/2011) односно на 19 февруари 2011 година, Судот утврди дека нема процесни претпоставки за одлучување по иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У бр.54/2010
20 април 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски