54/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 јуни 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 21 став 1 алинеја 10 во делот „потесно“ од Општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.10/2008).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 21 став 1 алинеја 10 во делот „потесно„ од Општиот колективен договор означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со членот 21 став 1 алинеја 10 од Општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија било предвидено дека работникот имал право на надомест на трошоците поврзани со работа утврдени со закон и тоа во случај на смрт на член на потесно семејство на работникот.

Со иницијативата, исто така се наведува дека според членот 113 став 1 точка 7 од Законот за работните односи работникот има право на надомест на трошоци поврзани со работа за смрт на работникот или член на неговото семејство, а согласно ставот 3 од овој член, висината, основицата и рокот за пресметување и исплата на надомесокот на овие трошоци се уредува со колективен договор. Дефиниција за семејство била утврдена во членот 2 став 1 од Законот за семејство, според која семејство е животна заедница на родители и деца и други роднини, ако живеат во заедничко домаќинство.

Врз основа на оваа законска регулатива, неосновано било определено во оспорената одредба од Општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија, дека правото на надомест на трошоците поврзани со работа утврдени со закон се однесувале во случај на смрт на член само на потесното семејство на работникот, поради што во оспорениотт дел „потесно“ одредбата не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 32 став 5 и член 51 од Уставот на Република Македонија, како и со член 12 став 2 и член 113 став 1 точка 7 од Законот за работните односи и членот 2 став 1 од Законот за семејството.

3. Судот на седницата утврди дека Општиот колективен договор за јавниот сектор во Република Македонија во делот „Надоместување на трошоци поврзани со работа“, во членот 21 став 1 алинеја 10 предвидел дека работникот има право на трошоците поврзани со работа утврдени со закон и тоа во случај на смрт на член на потесно семејство на работникот.

4. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

Според членот 12 став 2 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005), со договорот за вработување, односно со колективен договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако содржат такви одредби, се сметаат за ништавни и се применуваат соодветни одредби од закон.

Со членот 113 став 1 точка 7 од овој закон, е уредено дека работникот има право на надомест на трошоци поврзани со работата за смрт на работникот или член на неговото семејство.

Според членот 2 став 1 од Законот за семејството („Службен весник на Република Македонија“ број 80/1992, 9/1996, 38/2004, и 33/2006), семејство е животна заедница на родители и деца и други роднини, ако живеат во заедничко домаќинство.

Со наведените закони, кои „lex generalis“ ги уредуваат односите во правото, се определени правото од работен однос за надомест на трошоци поврзани со работата а се однесуваат за смрт на работникот или член на неговото семејство, и е дефинирано семејството како заедничко домаќинство на родители, деца и други роднини кои се во животна заедница.

Поаѓајќи од наведените права и односи кои се со закон уредени, а со колективен договор не можат да се уредуваат помали права од законски утврдениот правен систем, произлегува дека за оспорениот дел од членот 21 став 1 алинеја 10 од Општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија основано може да се постави прашањето на уставноста и законитоста. Ова поради тоа што со оспорената одредба на Општиот колективен договор се уредува право кое не ги опфаќа сите членови на семејството на работникот туку на дел од нив како членови на „потесно“ семејство, со што се стеснува кругот на лица на кои им припаѓа правото кое е утврдено со закон, и кое се однесува во целост на членовите на семејството, а не на дел од него.

Тргнувајќи од напред наведеното за членот 21 став 1 алинеја 10 во делот „потесно“ од Општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија Судот оцени дека основано може да се постави прашањето на согласноста со членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 32 став 5 од Уставот, со членот 12 став 2 и членот 113 став 1 точка 7 од Законот за работните односи и со членот 2 став 1 од Законот за семејство.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски и Игор Спировски.

У.бр.54/2008
18 јуни 2008 година
С к о п ј е
лк/сд

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски