54/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 мај 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 141 од Законот за минералните суровини (“Службен весник на Република Македонија” бр.18/99).

2. РИК – Силекс – АД Кратово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 141 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што оспорената одредба создавала обврски и ги ставала правните лица што вршеле геолошки истражувања и експлоатација на минерални суровини во понеповолна положба во однос на правните лица што во иднина ќе вршеле таква дејност. На овој начин, на тие правни лица, меѓу кои и РИК-Силекс АД Кратово кој досега вложил капитал во вкупен износ од 41.350.000 ДЕМ, не им се обезбедувала гаранција за нивните стекнати права врз основа на вложениот капитал, што не било во согласност со член 59 став 2 од Уставот.

Неуставноста на оспорената одредба, според подносителот на иницијативата, би можела да се отстрани со дополнување на одредбата со посебен став според кој договорот за концесија овие правни лица да го склучуваат на неопределено време и без надоместок.

3. Судот на седницата утврди дека според член 141 став 1 од Законот, правните лица што отпочнале со геолошки истражувања и експлоатација на минерални суровини пред влегување во сила на овој закон се должни своето работење да го усогласат со одредбите на овој закон во рок од една година од влегувањето во сила на овој закон, а според ставот 2 од овој член, правните лица од став 1 на овој член се должни во рок од една година од денот на влегувањето во сила на овој закон да склучат договор за концесија, за што се должни да достават одобрение за вршење на геолошки истражувања, односно за вршење на експлоатација на минерални суровини, елаборатот за постојните верифицирани рудни резерви и извештај за извршените работи и работите кои се во тек.

4. Според член 59 став 1 од Уставот, на странските вложувачи им се гарантира правото на слободно изнесување на вложениот капитал и добивката, а според ставот 2 на овој член од Уставот, правата стекнати врз основа на вложениот капитал не може да се намалуваат со закон или со друг пропис.

Со Законот за минералните суровини се уредуваат условите и начинот за вршење на геолошките истражувања и експлоатацијата на минералните суровини што се наоѓаат во земјата или на нејзината површина, на езерско или речно дно или под него, концесиите за геолошките истражувања и експлоатација на минералните суровини, изградбата, одржувањето и користењето на рударските објекти, постројки и уреди, мерките за заштита при работа, заштитата на животната средина и природата за време на истражувањето и експлоатацијата на зафатените површини и геолошките и рударските мерења и планови.

Овој закон влегол во сила на 8 април 1999 година и со него се уредени сите релевантни прашања за минералните суровини, кои пред тоа биле предмет на уредување со Законот за геолошки истражувања и експлоатација на минерални суровини и сојузните закони за основите на геолошката дејност од интерес за целата земја и за единствениот начин на утврдување, евидентирање и собирање податоци за резервите на минералните суровини и подземните води и билансот на тие резерви, кои престанале да важат.

Оспорената одредба од Законот е во главата на преодните и завршните одредби.

Тргнувајќи од содржината на оспорената одреба, според мислењето на Судот, јасно произлегува дека таа не може да се стави во корелација со член 59 од Уставот. Имено, оваа одредба од Уставот ги гарантира правата на странските вложувачи, при што утрдува дека правата стекнати врз основа на вложениот капитал на странскиот вложувач не може да се намалува со закон или со друг пропис. Очигледно дека оваа уставна одредба се однесува на странските, а не и на домашните правни лица и таа не може да биде потпора на барањето на подносителот на иницијативата за оценување на уставноста на оспорената одредба од аспект на причините за нејзиното оспорување.

Исто така, барањето за дополнување на оспорената одредба со посебен став според кој договорот за концесија правните лица што вршеле геолошки истражувања и експлоатација на минерални суровини да го склучуваат на неопределено време и без надоместок, не е во надлежност на Уставниот суд, туку на законодавниот орган.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.54/2000
10 мај 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков