54/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 мај 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 13 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/92 и 30/95).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од законот означен во точката 1 од ова решение бидејќи одбраната на Република Македонија била право и должност на граѓаните државјани на Република Македонија, а не и на странците. Согласно член 29 став 1 од Уставот странците уживале само слободи и права и немале должност да извршуваат материјални обврски во одбраната. Поради тоа, оспорената одредба од Законот не била во согласност со членовите 28 и 29 став 1 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 12 од Законот за одбрана, во воена состојба за потребите на армијата и за спроведување на хуманитарните активности и задачи, граѓаните се должни по барање на Министерството за одбрана да му даваат превозни, приклучни, товарни и специјални возила и запрежен и товарен добиток. Условите за давање на возилата и добитокот од став 1 на овој член, видот и надоместокот за нивното користење, се уредуваат со уредба што ја донесува Владата.

Според член 13 од овој закон должност за давање средствата и добитокот од член 12 на овој закон имаат и странски државјани кои постојано живеат на територијата на Републиката.

4. Според член 28 од Уставот, одбраната на Република Македонија е право и должност на секој граѓанин. Остварувањето на ова право и должност на граѓаните се уредува со закон.

Согласно член 124 став 1 од Уставот, воена состојба настапува кога претстои непосредна воена опасност од напад врз Републиката или кога Републиката е нападната или и е објавена војна.

Членот 2 од Законот за движење и престој на странците, определува дека странец се смета лице кое не е државјанин на Република Македонија. За време на престојот во Република Македонија, странците се должни да се придржуваат кон Уставот на Република Македонија, законите, другите прописи и одлуките на државните органи, како и во согласност со обврските утврдени со меѓународни договори.

Според член 21 од овој закон, одобрение за престој се издава како одобрение за привремен престој и одобрение за постојан престој.

Членот 23 од овој закон утврдува дека на странец кој најмалку три години непрекинато легално престојува на територијата на Република Македонија, а ги исполнува законските услови кои го оправдуваат постојаниот престој, може да му се издаде одобрение за постојан престој.

Според правната теорија, воената состојба ја означува положбата на земјата кога и претстои непосредна воена опасност или кога со објавување на војна или без тоа стапила во непријателски односи со една или со повеќе држави. За време на воена состојба која може да се однесува на целата територија на државата или на одделни нејзини делови, целокупниот мирновременски живот се приспособува на воената состојба. Во услови на воена состојба, една од обврските на граѓаните е материјалната обврска која е востановена со закон и се состои во тоа што им се ставаат на располагање на државните власти определени материјални добра од интерес за одбраната. При тоа со закон е определена целта на материјалната обврска (за потребите на армијата и за спроведување на хуманитарни активности и задачи), субјектите кои подлежат на оваа обврска (граѓаните, државјани на Република Македонија и странците кои постојано живеат на територијата на Републиката), точно определени средства што можат да се одземат (превозни, приклучни, товарни и специјални возила и запрежен и товарен добиток), надлежноста на државните власти и системот на надомест.

Должноста која произлегува од членот 13 на Законот за одбрана, за странските државјани кои постојано живеат на територијата на Републиката, (значи не сите странци во Републиката) е единствена обврска од областа на одбраната која децидно се однесува и на странците.

Според Судот, ако одбраната се сфати како обезбедување на заедницата што несомнено е од интерес за сите нејзини жители без разлика дали се државјани или странци произлегува дека и странците кои имаат постојан престој во државата треба да подлежат на овој вид материјална обврска. При тоа треба да се има предвид дека според Уставот, странците во Република Македонија уживаат слободи и права гарантирани со Уставот, но под услови утврдени со закон и со меѓународни договори.

Оттука, странците во Република Македонија не уживаат само слободи и права туку соодветно на тие слободи и права имаат и должности. Во конкретниот случај, Законот за одбрана предвидел една единствена обврска од областа на одбраната која се однесува на странците, а тоа е материјалната обврска во услови на воена состојба. Тоа секако значи дека странците активно не учествуваат во одбраната на независноста и територијалниот интегритет на Република Македонија, меѓутоа за потребите на одбраната во услови на воена состојба се должни своите возила и добиток (значи материјални добра) да ги стават на располагање, со одреден надомест.

Во овој случај според мислењето на Судот повеќе станува збор за нарушување на правото на сопственост на странците, отколку на нивното учество во одбраната. Меѓутоа, во услови на воена состојба кога владеат други правила на однесување може да се подразбере дека и странците кои имаат постојан престој во Република Македонија ја делат судбината со граѓаните државјани на Република Македонија, особено што материјалната обврска се ефектуира исклучиво во воена состојба, а условите за давање на возилата и добитокот, видот и надоместокот за нивното користење се уредуваат со уредба што ја донесува Владата, со што се обезбедува правна заштита на граѓаните особено на нивната сопственост.

При тоа треба да се има предвид и членот 54 став 2 од Уставот според кого слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр. 54/99
12 мај 1999 година
С к о п ј е
ли.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков