Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 25 мај 2016 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Насоките за начинот на одмерувањето на глобата изречена согласно Законот за заштита на конкуренцијата, донесени од Комисијата за заштита на конкуренцијата во 2010 година.
2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот, означен во точката 1 од ова решение.
Подносителот на иницијативата, по цитирање на одредби од Законот за заштита на конкуренцијата, наведува дека со Законот била пропишана надлежноста на Комисијата за заштита од конкуренцијата, а биле утврдени и правилата и мерките за заштита на конкуренцијата и мерки за воспоставување на ефективна конкуренција како и донесување на статут и други општи акти со кои ги уредува прашањата за начинот на работата и организацијата. Меѓутоа, оспорените насоки не можело да се сметаат за подзаконски акти или други општи акти со кои се уредуваат прашања за начинот на работата и организацијата на Комисијата за заштита на конкуренцијата.
Во ситуација кога со Законот, веќе била пропишана регулативата за постапувањето на прекршочниот орган, излишно и непотребно било, дополнително да се пропишуваат насоки, кои на еден или друг начин, повторно би го регулирале постапувањето на прекршочниот орган кога тоа веќе било сторено со закон.
Со подзаконски акти, се вршело доразработка на проблематика кога тоа законот го дозволувал, а во конкретниот случај не било така бидејќи оспорените насоки немале своја основа да бидат донесени согласно членот 64 од Законот за заштита на конкуренцијата.
По цитирање на член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 став 1 од Уставот, подносителот бара оценување на уставност и законитост на оспорениот акт.
3. Судот, на седницата утврди дека со иницијативата се оспорува акт, означен како Насоки за начинот на одмерувањето на глобата изречена согласно Законот за заштита на конкуренцијата, кои Комисијата за заштита на конкуренцијата го донела во 2010 година.
Од увидот во содржината на оспорениот акт како и доставеното мислење од Комисијата за заштита од конкуренцијата, Судот, исто така утврди дека во конкретниот случај станува збор за интерен работен акт, односно за акт кој се однесува исклучиво на Комисијата за одлучување по прекршок, со цел да и послужат при одмерување на глобите за субјектите (претпријатието, односно здружението на претпријатија), изречени согласно Законот за заштита на конкуренцијата, раководејќи се воедно и од овластувањата кои произлегуваат од Законот за прекршоците.
4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Со иницијативата се оспорува акт, означен како Насоки за начинот на одмерувањето на глобата изречена согласно Законот за заштита на конкуренцијата, кои Комисијата за заштита на конкуренцијата го донела во 2010 година, како интерен работен акт, со цел да и послужат на Комисијата за одлучување по прекршок при одмерување на глобите изречени согласно Законот за заштита на конкуренцијата.
Од содржината на оспорените насоки, Судот утврди дека тие немаат нормативна содржина, односно нивната цел не е да се уредуваат некакви односи ниту да се утврдуваат нови обврски кои не се утврдени со закон, туку се со цел да се појасни начинот на примена на одредбите од Законот во делот кој се однесува на одмерувањето на глобата, поради што тие не можат да се третираат како пропис подобен за уставно-судска оценка.
5. Имајќи предвид дека во надлежност на Уставниот суд е оцена на општи прописи кои содржат општи норми на однесување, односно кои уредуваат односи на субјектите во правото на општ начин и кои утврдуваат права и обврски на неопределен број на субјекти во правото, а во конкретниот случај оспорениот акт не ги содржи правните елементи кои го определуваат прописот како подобен за уставно-судска оцена, Судот оцени дека настапени се условите од членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.
6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.53/2016
25 мај 2016 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева