52/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 октомври 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 26 став 2 и член 28 од Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2007 и 86/2008).

2. Кирил Георгиевски адвокат од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на наведените членови од Законот за нотаријатот. Според наводите на подносителот на иницијативата оспорените членови не биле во согласност со член 15 од Уставот на Република Македонија со кој се гарантирало правото на жалба против поединечните акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или друга институција што врши јавни овластувања. Ова затоа што кога нотарот е должен да одбие службено дејствие не е предвидена можност против таквата одлука странката да има право на жалба од што произлегувало дека нотарот одлучувал во прв и последен степен без притоа да донесе писмен акт.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 26 став 2 од Законот за нотаријатот „Нотарот е должен да одбие службено дејствите кое е спротивно на Уставот и законот, ратификуваните меѓународни договори, јавниот ред и мир и кодексот на професионалната етика и морал“.

Според оспорениот член 28 од Законот, „нотарот не смее без оправдани причини да одбие преземање на службени дејствија“ (став 1).

„Нотарот не смее да презема никакви службени дејствија со лице за кое знае или мора да знае дека постои законска причина поради која лицето е неспособно да презема или да склучи определена правна работа“ (став 2).

„Нотарот ќе одбие преземање на службено дејствие, доколку странките немаат уредно овластување во согласност со прописите со кои е уредено преземањето на таквото дејствие“. (став 3)

4. Според Амандман XXI со кој е заменет член 15 од Уставот на Република Македонија, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд.

Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и други органи што вршат јавни овластувања се уредува со закон.

Со Законот за нотаријатот (член 1) се уредуваат постапката за именување и разрешување на нотарите, нивниот делокруг на работа и овластувања, составување на нотарски исправи и постапувањето со нив по упразнување на нотарското место, организацијата на нотаријатот и неговите органи, нотарите како повереници на судовите и другите органи, надзорот врз работењето на нотарите и дисциплинската одговорност.

Според член 2 од овој закон нотаријатот е самостојна, независна јавна служба во која се вршат работи од видот на јавни овластувања врз основа на закон по барање на граѓаните, државните органи, правните лица и други заинтересирани институции. Нотарот ја врши својата служба како основно занимање за времето за кое е именуван.

Според член 3 од Законот, нотарот нотарските работи ги врши слободно, независно, самостојно, стручно и непристрасно врз основа на Уставот, закон, ратификувани меѓународни договори и други прописи и општи акти засновани врз закон.

Според член 5 од Законот, нотарските работи се вршат со примена на начелата на гарантирање на законито вршење на работите, одговорност за причинета штета во вршењето на нотарските работи, диспозиција и неспорност на правниот однос, надзор над законитоста во вршење на нотарски работи и надоместок за извршена работа.

Во делот III од Законот „Општи одредби за работењето на нотарот“ се уредени, покрај друго, и прашањата кои се однесуваат на именување на нотарот, службената должност на нотарот и непреземање на службени дејствија.

Тргнувајќи од член 15 на кој се повикува подносителот на иницијативата, а кој со Амандман XXI е заменет, произлегува дека гаранцијата на правото на жалба се однесува само на одлука во прв степен пред суд, а правото на жалба против поединечни правни акти донесени во постапка пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања ,на определен начин е релативизирана, односно не е веќе уставна гаранција како што беше порано, туку тоа е препуштено да се уреди со закон. Оттука, Судот смета дека оспорените одредби не можат да бидат доведени под сомнение во однос на член 15 од Уставот на кој се повикува подносителот на иницијативата.

Според Судот, во конкретниов случај, станува збор за генерална определба на законодавцот според кој нотарот не смее да постапува на начин со кој би се довеле во прашање, Уставот на Република Македонија, законите, ратификуваните меѓународни договори, јавниот ред и мир, како и кодексот на професионалната етика и моралот, или поточно речено, оспорените одредби имаат општ појаснувачки и насочувачки карактер со кои не се уредуваат односи, односно не се решава за права и обврски на странки, поради што и не може да се очекува дека треба да се предвиди и правото на жалба. Ова дотолку повеќе што оспорените одредби не се основ за мериторно постапување на нотарот за што се носи посебен акт против кој евентуално би можело да биде предвидено правото на жалба, туку тие се во функција на законито вршење на нотарската служба како самостојна, независна јавна служба во која се вршат работи од видот на јавни овластувања.

Со оглед на наведеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 26 став 2 и член 28 од Законот со одредбите од Уставот на кој се повикува подносителот на иницијативата.

5. Со оглед на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.52/2010
27 октомври 2010 година
С к о п ј е
лк/сд

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски