52/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 12 став 2 алинеја 1 и член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 7 октомври 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Правилникот за организација и работа на Републичката геодетска управа, донесен од директорот на управата на 28 јануари 1992 година.
2. СЕ ОТФРЛА барањето за оценување законитоста на член 5 од Правилникот за систематизација на работите и задачите во Републичката геодетска управа, донесен од директорот на управата на 28 јануари 1992 година.
3. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на актите означени во точките 1 и 2 од ова решение, затоа што со Правилникот за организација и работа на Управата нерамномерно биле застапени раководните работници во одделни општини, а со член 5 од Правилникот за систематизација на работите и задачите за раководните работни места како услов за работа се предвидувала пониска стручна подготовка во однос на работниците со кои тие раководеле, што не било во согласност со закон.
4. На седницата Судот утврди дека со Правилникот за организација и работа на Републичката геодетска управа се утврдува организацијата и работата на управата, како и организационите единици и нивниот делокруг, начинот на раководење и програмирање на задачите, како и овластувањето и одговорностите на работниците во вршење на задачите. Со членовите 5-30 од Правилникот се утврдени организационите единици и тоа: селектори, одделенија и отсеци кои имаат различен статус. Секторите се основни организациони единици во кои постојат одделенија и отсеци како внатрешни организациони единици, а во членовите 31 и 32 од Правилникот се определуваат раководните лица кои раководат со организационите единици.
5. Според член 109 од Законот за органите на управата (“Службен весник на СРМ” бр.40/90), општиот акт за организација на работните задачи на тој орган, мораат да бидат во согласност со делокругот на органот, како и со општите начела за внатрешната организација на органите на управата што ги утврдува Владата. Според ставовите 2 и 3 на овој член, општиот акт за организација и работа на управата и општиот акт за систематизација на работите и задачите во тој орган, ги донесува функционерот кој раководи со органот на управата во согласност со Владата на Република Македонија.
Со оглед на тоа што според означените законски одредби функционерот кој раководи со органот на управата е овластен да го донесе актот за организација и работа односно да ги утврди работите и задачите што одговараат на карактерот и специфичноста на работата што ја врши тој орган, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста за оспорениот акт со означените одредби од Законот. Дали, пак, решенијата содржани во Правилникот се рационални и целисходни, Судот, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, не е надлежен да одлучува.
6. На седницата Судот, исто така, утврди дека со Одлуката У.бр.46/92 од 30 септември 1992 година го укинал членот 5 од Правилникот за организација и систематизација на работите и работните задачи во Републичката геодетска управа, поради што оцени дека не постојат процесни претпоставки за одлучување.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.