Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 4 ноември 2009 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставоста на членот 42 став 3 од Законот за туристичката дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр.64/2004, 89/2008 и 12/2009).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 60 во делот: „од мал обем“ од Законот означен во точката 1 од ова решение.
3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Репу-блика Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 42 став 3 и дел од членот 60 од Законот за туристичката дејност означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата, оспорениот член 42 став 3 од Законот предвидувал висината на трошоците за полагање на стручен испит за туристички водич да ја определува Владата на Република Македонија на предлог на министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на туризмот, што како законско овластување значело навле-гување на извршната во законодавната власт, од каде одредбата била спротивна на член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51, член 68 став 1 алинеи 2 и 3 и член 91 алинеи 1 и 5 од Уставот. Ова од причини што во Законот за туристичката дејност немало критериуми и мерила за определување на висината на трошоците за полагање на стручниот испит, од каде таквото овластување не било во согласност со владе-ењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, како и со утврдените надлежности на Владата на Република Македонија.
Оспорениот дел: „од мал обем“ од членот 60 од Законот не можел да постои во правниот поредок на Република Македонија од причини што со членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за туристичката дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр.89/2008) било предвидено во членот 3 став 2 од основниот текст на Законот да се избришат зборовите „од мал обем“, како и да се избрише и ставот 3 од истиот член од Законот, според кој било предвидено Владата на Република Македонија на предлог на министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на туризмот да ги определи дејностите од мал обем во областа на туризмот. Со оглед на наведеното, подносителот на иницијативата смета дека оспорениот дел од членот 60 од Законот не бил во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека, според содржината на членот 42 од Законот за туристичката дејност, трошоците за полага-ње на стручен испит за туристички водич ги намирува кандидатот (став 1). Трошоците од ставот 1 на овој член, можат да ги надоместат правните и физичките лица кои се заинтересирани за услугите на туристичките водичи (став 2).
Според оспорениот став 3 од членот 42 од Законот, висината на трошоците од ставот 1 на овој член ја определува Владата на Република Македонија на предлог на министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на туризмот.
Според содржината на членот 60 од Законот, работите на инспекцискиот надзор на вршителите на туристичката дејност од мал обем регистрирани во регистарот што го води градоначалникот на општината, а во градот Скопје во регистарот што го води градона-чалникот на општината на подрачјето на градот Скопје, вршат овластени инспектори на општината, а во градот Скопје овластени инспектори на градот Скопје, како што се: исполнувањето на условите и начинот на вршењето на туристичката дејност на туристичкиот водич и туристичкиот придружник (точка 1), вршењето на работите од страна на туристичкото биро (точка 2) и исполнувањето на условите за селски и етно-туризам (точка 3). Одредбата се оспорува во делот: „од мал обем“.
5. Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија владе ењето на правото и поделбата на држа-вната власт на законодавна, извршна и судска се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 68 став 1 алинеи 2 и 3 од Уставот на Република Македонија, Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите и ги утврдува јавните давачки.
Според член 91 алинеи 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието е одговорно за нивното извршување и донесува уредби и други прописи за извршување на законите.
Во конкретниот случај, подносителот на иницијативата ја оспорува согласноста на членот 42 став 3 од Законот од причини што смета дека во Законот за туристичката дејност немало критериуми и мерила за определување на висината на трошоците за полагање на стручниот испит, од каде даденото овластување Владата на Репу-блика Македонија да ја определи висината на трошоците за полагање на испитот не било во согласност со владеењето на правото и поде-лбата на државната власт на законодавна, извршна и судска како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, како и со утврдените надлежности на Владата на Република Маке-донија.
Судот, во претходната постапка, направи анализа на одредбите од Законот за туристичката дејност, како целина, со цел да се утврди дали подносителот на иницијативата основано тврди дека во Законот не биле содржани потребните критериуми и мерила врз основа на кои Владата на Република Македонија ќе ја определи висината на трошоците за полагање на стручниот испит.
Согласно член 39 од Законот, туристички водич е лице кое на домашните и странските посетители во Република Македонија им ги презентира природните и антропогените туристички атрактивности, историјата на земјата и културно-историските споменици, уметнички дела, етнографски и други атрактивности, историски настани, легенди и личности за тие настани, општественото уредување на земјата и има комуникативни способности општи познавања од туризмот и психологијата на туризмот и го познава јазикот кој го користат странските туристи.
Според ставот 2 на истиот член од Законот, за туристички водич не се смета стручен работник кој ја врши дејноста водич на своето работно место кај правни лица во деловниот објект во кој работи (музеј, галерија, национален парк и слично), стручен работник на туристичката агенција кој придружува група туристи од место во место, водич во планина и пештера, водич на лов и риболов, како и водител или придружник на екскурзии и излети.
Согласно член 40 Од Законот, за давање услуга на туристички водич, туристичкиот водич мора да ги исполнува следниве услови:
1) да е државјанин на Република Македонија и
2) да има живеалиште на територијата на Република Македонија.
Туристичкиот водич мора да има најмалку средна стручна подготовка и положен стручен испит за туристички водич.
Согласно член 41 од Законот, стручен испит за туристички водич се полага пред испитна комисија.
Испитната комисија за полагање стручен испит за туристички водич, ја формира високообразовната установа за туризам и угостителство.
Стручниот испит за туристички водич се полага според утврдена програма.
Според ставот 4 од истиот член од Законот, програмата за полагање стручен испит за туристички водич ја донесува високо-образовната институција за туризам и угостителство по претходна согласност на органот на државната управа надлежен за работите од областа на образованието и науката, органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на животната средина и просторното планирање и органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на културата.
Програмата од ставот 4 на овој член се објавува во “Службен весник на Република Македонија”.
Според членот 42 став 1 од Законот, трошоците за полагање на стручен испит за туристички водич ги намирува кандидатот.
Според членот 43 став 1 од Законот, на кандидатот кој го положил стручниот испит, високообразовната институција му издава уверение.
Од анализата на изнесените законски одредби произле-гува дека законодавецот дефинирал кој може да се смета за туристички водич, како и тоа дека истиот треба да полага стручен испит како еден од условите за давање услуга на туристички водич. Потоа, законодавецот определил дека стучниот испит се полага пред испитна комисија, формирана од високообразовната установа за туризам и угостителство, врз основа на утврдена програма, донесена од високообразовната институција за туризам и угостителство врз основа на претходно добиена согласност од Министерството за образованието и наука, Министерството за животната средина и просторно планирање и Министерството за култура. Програмата се објавува во “Службен весник на Република Македонија”. Трошоците за полагање на стручен испит за туристички водич ги намирува кандидатот, а за положениот стручен испит на кандидатот му се издава уверение.
Судот, според тоа, оцени дека станува збор за реални трошоци што се должат на подготовката и спроведувањето на стручниот испит и издавање на уверение за положен стручен испит, за кои постои реална законска рамка во функција на операци-онализација на законските одредби, како што е определено во членот 91 алинеја 5 од Уставот. Оттаму, неосновани се наводите во иниција-тивата дека немало критериуми и мерила за определување на висината на трошоците за полагање на стручниот испит и даденото законско овластување на Владата на Република Македонија да ја определи висината на трошоците за полагање на испитот е во функција на операционализација на законот, во согласност со владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, како и со нејзините утврдени надлежности.
Врз основа на наведеното, Судот оцени дека оспорениот член 42 став 3 од Законот е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51, член 68 став 1 алинеи 2 и 3 и член 91 алинеи 1 и 5 од Уставот.
6. Според член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, помеѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иници-јативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
По однос на членот 60 во делот: „од мал обем“ од Законот за туристичката дејност, подносителот на иницијативата ја цитира целината на членот 60 и наведува дека оваа одредба не може да опстане во правниот поредок откако законодавецот со членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за туристичката дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр.89/2008) ги избришал зборовите: „од мал обем“ од членот 3 став 2 и членот 3 од основниот текст на Законот.
Според Судот неспорно е дека законодавецот не го отстранил оспорениот дел од правниот поредок, како што тоа го направил во друга одредба, но во иницијативата освен констатација за ваквиот факт недостасуваат причини зошто заради таквото пропуштање (случајно или намерно) да се интервенира во оспорениот дел е направена повреда на Уставот, кое нешто треба да биде елаборирано од подносителот на иницијативата на јасен и недвосмилен начин што би преставувало појдовна основа за впуштање во мериторна оцена на уставноста на тој дел. Оттаму, изнесените наводи, според оцена на Судот, не се доволни за покре-нување на прашање за уставно-судска оцена и во суштина се сведуваат на барање за меѓусебна оцена на одредбите од ист закон, што согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, не спаѓа во надлежност на Уставниот суд на Република Македонија. Поради тоа, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата во овој дел.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.5/2009
4 ноември 2009 година
С к о п ј е
м.л.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски