5/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 3 април 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 100 став 3 од Законот за персоналниот данок од доход (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 3/94 и 70/94), во делот “а најдоцна во рок од 15 дена по истекот на месецот”.

2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива, од адвокат Васил Наумов од Скопје, за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се определувало граѓаните кои остваруваат лични примања од вршење стопанска и професионална дејност да имаат обврска да плаќаат аконтација на данокот за тие примања најдоцна во рок од 15 дена од истекот на месецот, а не во зависност од остварувањето на личното примање како што е пропишано за граѓаните кои остваруваат лични примања по основ на работен однос, пензија и инвалиднина или по други основи, со што граѓаните-вршители на стопански и професионални дејности се ставале во нееднаква, понеповолна, положба од другите граѓани, а нивните правни субјекти во нееднаква, понеповолна, правна положба со другите субјекти на пазарот, поради што членот 100 став 3 од Законот не бил во согласност со член 9 став 2 и со член 55 став 2 од Уставот.

3. На седницата Судот утврди дека со оспорената законска одредба се определвуа даночниот обврзник на данокот од доход на лични примања од стопанска и професионална дејност, аконтацијата на данокот за секој изминат месец да ја пресметува и уплатува при исплатата на личните примања, а најдоцна во рок од 15 дена по истекот на месецот за што е должен на органот за јавни приходи да му поднесува месечна пресметка на данокот.

Судот, исто така, утврди дека плаќањето на аконтацијата на персоналниот данок од обавување на стопанска и професионална дејност ја врши самиот граѓанин врз основа на деловните книги кои се должни сами да ги водат (член 29 став 1, член 59 став 1, членовите 60 и 61 од Законот).

Понатаму, Судот утврди дека плаќање аконтација на персоналниот данок со Законот се определува и на други начини:

– за приходите од лични примања по основа работен однос, пензии и инвалиднини; од авторски права и права од индустриска сопственост (спаѓаат во групата – други видови приходи); од капитал (спаѓаат во групата – други видови приходи); од имот и имотни права; од игра на среќа (спаѓаат во групата-други видови приходи) – аконтацијата на персоналниот данок се плаќа при секоја поединечна исплата и тоа го врши исплатувачот, а Заводот за платен промет нема да дозволи исплата на наведените примања ако исплатувачот истовремено не поднесе налог за уплата на персоналниот данок (член 75, 76, 95 од Законот);

– за приходите: од земјоделска дејност; од капиталните добивки (спаѓаат во групата – други видови приходи); – аконтацијата на персоналниот данок се плаќа на 3 месеци односно во рок од 30 дена и тоа го врши самиот граѓанин – даночен обврзник според решение на органот за јавни приходи (член 82, 97, 99 од Законот).

Од изнесената фактичка состојба произлегува дека плаќањето на аконтацијата на персоналниот данок, според Законот, се врши на различни начини поради тоа што е различна правната положба на даночните обврзници.

4. Според член 9 став 2 од Уставот на Република Македонија граѓаните пред Уставот и законите се еднакви, а според член 55 став 2 од Уставот, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.

Тргнувајќи од тоа дека уставниот принцип на еднаквост помеѓу граѓаните односно помеѓу субјектите на пазарот значи тие претходно да се во еднаква правна положба, Судот смета дека, поради различната правна положба на граѓаните вршители на стопанска и професионална дејност во однос на вработените во претпријатијата и на правните лица, оспорената законска одредба не е во несогласност со наведените уставни одредби.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов (У.бр. 5/96).