49/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 мај 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за преземање на водоводот од МЗ Љубаништа, број 07-561/25 од 31.03.2006 година, донесена од Советот на Општина Охрид („Службен гласник“ бр. 3 од 04.04.2006 година).

2. Месната заедница Љубаништа од село Љубаништа, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесe иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, со оспорената одлука се вршела промена на титуларот на сопственоста и водоводот го преземала општината Охрид во своја сопственост и потоа како таков го пренесувала на користење, стопанисување и управување на МЈП “Проаква” – Струга. Ваквото одземање на сопственоста според подносителот на иницијативата, не било во согласност со член 30 од Уставот и било во спротивност со член 32 од Законот за снабдување со вода за пиење, според која одредба, отстапувањето на водоснабдителен систем се вршело со договор за отстапување на управувањето.

Со оспорената одлука се утврдувала обврска на „Проаква“ да го преземе водоводот и со него да снабдува со вода за пиење неопределен број субјекти, согласно законот, поради што таквата одлука немала и не можело да има дејство „inter partes“ што регулира права и обврски помеѓу Општина Охрид и МЈП „Проаква“, туку претставувала акт што регулира односи помеѓу „Проаква“ и сегашните и идните корисници на водоводот, од една страна и односи помеѓу „Проаква“ и Месната заедница с. Љубаништа кои произлегувале од примопредавањето на управувањето со водоводот, како готов систем за водоснабдување, изграден со средства на месното население на с. Љубаништа, од друга страна, што требало да се регулира со договор за отстапување во смисла на член 32 од Законот за снабдување со вода за пиење.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука и истата да ја укине.

3. Судот на седницата утврди дека според член 1 од Одлуката за преземање на водоводот од МЗ Љубаништа, со оваа одлука Општина Охрид го презема водоводот од МЗ Љубаништа.

Според член 2 на истата одлука, водоводот во с. Љубаништа се пренесува на користење, стопанисување и управување на МЈП „Проаква“ – Струга.

Согласно член 3 на Одлуката, оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе биде објавена во „Службен гласник на општина Охрид“.

4. Според членот 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У. бр, 197/2007 од 9 јануари 2008 година, ја отфрлил иницијативата поднесена од здружението на граѓани „Љубители на Љубаничкиот крај“, за поведување постапка за оценување на уставноста на Одлуката за преземање на водоводот од МЗ Љубаништа, број 07-561/25 од 31.03.2006 година, донесена од Советот на Општина Охрид („Службен гласник“ бр. 3 од 04 април 2006 година), затоа што констатирал дека оспорената одлука нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, бидејќи не уредува односи на општ начин и за неопределени субјекти, туку напротив претставува правен однос со кој се регулираат права и обврски на две страни, во случајов на општина Охрид и МЈП „Проаква“ – Струга, односно е акт кој има дејство inter partes и претставува конкретно насочување на една активност и истата нема нормативен карактер, односно не регулира односи од општ карактер, поради што Судот не е надлежен за оценување на нејзината согласност со Уставот и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.

Со новодоставената иницијатива, подносителот на иницијативата бара од Уставниот суд да се впушти во оцена на уставноста и законитоста на истата одлука, оспорувајќи ја уставноста на Одлуката од истите причини како во претходната иницијатива, односно поради извршената промена на титуларот на сопственоста спротивно на одредбата од член 30 од Уставот, но и укажувајќи на несогласноста на Одлуката со член 32 од Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води, според која одредба водоснабдителен или канализационен систем изграден со средства на граѓани, домашни и странски донатори или други корисници, со договор се отстапувал на управување на давателот на услугата и претставувал целина на единствениот водоснабдителен или канализационен систем, а не со одлука, како што е сторено во конкретниот случај.

Со оглед дека Уставниот суд веќе еднаш ја разгледувал оспорената одлука и оценил дека истата не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот, поради што овој суд не е надлежен за оценување на нејзината уставност и законитост, Судот оцени дека не постојат основи за поинакво одлучување и по оваа иницијатива и дека според тоа, се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.49/2009
27 мај 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски