48/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 8 и 9 мај 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 46 став 2 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005).

2. Марија Котева од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 46 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорената одредба не била во согласност со Уставот на Република Македонија, затоа што со неа се создава нееднаквост меѓу работниците кои засновале работен однос на определено време.

Имено со предвидувањето на трансфгормација на работниот однос од определено во работен однос на неопределено време која се однесува само на работници кои засновале работен однос по влегувањето во сила на законот и кои законот ги затекнал во таков работен однос се повредува уставното начело на еднаквоста. Ова затоа што годините поминати во работен однос на определено време кои во некои случаи се повеќе од шест па и осум години според оспорената одредба не се земаат предвид за трансформација на работниот однос од определен во работен однос на неопределено време.

3. Судот на седницата утврди дека според член 46 од Законот за работни односи кој е поместен во делот „Договор за вработување на определено време“ е предвидено дека договор за вработување може да се склучи на определено време за вршење на работи кои по својата природа траат определено време, со прекин или без прекин до четири години.

Во оспорениот став 2 на наведениот член е предвидено дека работниот однос заснован со договор за вработување на определено време, се трансформира во работен однос на неопределено време, ако работникот продолжи да работи по истекот на рокот од ставот (1) на овој член, под услови и на начин утврдени со закон.

4. Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествена положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 32 став 1 од Уставот, секој има право на рабаота, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност. Според ставот 2 на овој член секому под еднакви услови му е достапно секое работно место.

Според став 5 на член 32 од Уставот остварувањето на правото на вработување и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Со Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005) се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување (член 1 став 1).

Работниот однос се заснова за време чие траење не е однапред определено (работен однос на неопределено време). Но, работниот однос може да се заснова и за време чие траење е однапред определено (работен однос на определено време).

Според став 1 на член 46 од Законот за работните односи, договор за вработување може да се склучи на определено време за вршење на работи кои по својата природа траат определено време, со прекин или без прекин до четири години.

Според став 2 на наведениот член, работниот однос заснован со договор за вработување на определено време, се трансформира во работен однос на неопределено време, ако работникот продолжи да работи по истекот на рокот од ставот (1) на овој член, под услови и на начин утврдени со закон.

Постапката на трансформација на работниот однос од определено време во неопределено време била уредена и со Законот за работни односи кој важел до влегување во сила на сега важечкиот закон при што во претходниот закон биле определени случаите во кои можело да се заснова работен однос на определено време, а било определено и времетраењето на работниот однос на определено време за секој случај посебно.

Имено, според став 2 на член 23 од овој закон работен однос можел да се заснова за време чие траење е однапред определено особено за: 1) сезонски работи најдолго девет месеци во текот на една календарска година; 2) зголемен обем на работата најдолго шест месеци во текот на една календарска година; 3) замена на отсутен работник додека трае отсуството од работа; 4) работа на определен проект, до завршување на проектот.

Со член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи е извршена измена на член 23 од Законот на начин што е напуштено набројувањето на случаите за кои можело да се заснова работен однос на определено време, при што работниот однос можело да се заснова за вршење на работи кои по својата природа траеле определено време со прекин или без прекин до три години.

Согласно став 4 на изменетиот член 23 работниот однос заснован на определено време станува работен однос на неопределено време ако работникот продолжи да работи најмалку пет работни дена и по истекот на периодот од три години.

Од анализата на членот 23 од Законот за работни односи кој важел до влегување во сила на постојниот Закон за работни односи, како и оспорениот член 46 на сега важечкиот закон произлегува дека прашањето за трансформација на работниот однос од определено на неопределено време по сила на законот е регулирано скоро на идентичен начин или поточно речено трансформацијата на работниот однос од определено на неопределено време настапувал по сила на законот кога биле исполенти условите предвидени во законот, односно по истекот на рокот од три години и уште пет работни дена, односно по истекот на рокот од четири години по засновање на работниот однос.
Оттука, имајќи го предвид наведеното Судот смета дека законодавецот третирајќи го работниот однос како континуиран процес во кој работникот ги извршува работните задачи за однапред определено време и негово понатамошно ангажирање што по истекот на договорениот рок доведува по сила на законот до трансформација на тој работен однос од определено на неопределено време, има за цел од една страна на работодавачите да им создаде пофлексибилни можности за засновање на работен однос на определено време без да ги врзува за определени случаи утрдени со закон, а од друга страна да ги заштити работниците од самоволно однесување на работодавачите и да не допушти работниот однос на определено време да трае неоправдано долго.

Во смисла на наведеното Судот смета дека покачувањето на границата од три на четири години како услов за трансформација на работниот однос не треба да претставува пречка, односно неможност работникот кој засновал работен однос на определено време по претходниот закон кога како услов бил предвиден рок од три години, неговиот работен однос да се трансформира од определено во неопределено време по протек на четири години од моментот на засновање на работниот однос, а не од моментот на влегување во сила на постојниот закон.

Оттука, според мислењето на Судот оспорената одредба од член 46 став 2 од Законот треба да се толкува во насока што во предвидениот услов односно рок од четири години треба да го опфати и претходно поминатиот период што работникот го поминал на работно место за кој засновал работен однос на определено време. Поинаквото толкување и пресметување на рокот од четири години би ги довело во прашање легитимните очекувања на работникот односно правата кои ги имал до моментот на влегување во сила на новиот закон што практично би претставувало повреда на правната сигурност на граѓаните како елемент на владеење на правото.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека оспорената одредба од член 46 став 2 од Законот не може да биде доведена под сомнение во однос на одредбата од Уставот на која се повикува подносителот на иницијативата. Ова затоа што, период од четири години, како услов за трансформација на работниот однос, се однесува на случаите на засновање на работен однос на определено време и негова трансформација во неопределено време од моментот на засновање на работниот однос, а не од моментот на влегување во сила на овој закон.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.48/2007
8 и 9 мај 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи