48/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 22 октомври 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката под бр.1794/17 за донесување на измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план на град Кичево, за Населба “Бала Маало” општина Кичево, донесена на седницата одржана на 27.12.2001 година на Советот на општина Кичево (“Службен гласник на општина Кичево” бр.9/2001).
2. Исламската заедница во Република Македонија – Муфтиство Кичево на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Подносителот на иницијативата смета дека при донесување на оспорената одлука не биле почитувани одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање затоа што не бил известен за одржување на јавната анкета поради што и не бил во можност да учествува во оваа фаза на постапката, иако се работело за национализиран имот поранешна сопственост на Исламската заедница, кој бил опфатен со оспорената одлука, и се предвидувал зелен пазар.
Понатаму, во иницијативата се наведува дека Исламската заедница за овој имот поднела барање за денационализација пред донесувањето на оспорената одлука, па затоа смета дека доносителот на планот не можел да го донесе овој план пред да се реши ова нејзино барање, односно пред да се расчистат имотно-правните односи согласно Законот за сопственичките односи, Законот за денационализација и Законот за експропријација.
Освен тоа, одлуката се оспорува и од причини што Исламската заедница не била консултирана ни во фазата на изработка на планот, а таквата консултација како обврска произлегувала исто така од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Поради наведеното, во иницијативта се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста (притоа не се наведува ниеден член од Уставот) и законитоста на оспорената одлука и истата да биде поништена.
3. Судот на седницата утврди дека во член 1 од оспорената одлука е утврдено дека со неа се донесуваат измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план за Населба “Бала Маало” – Општина Кичево, чиј предлог е изготвен од ” ИН-ПУМА” – Скопје, подизвршител – Проект Биро “Есперанца Дизајн” Д.О.О.Е.Л. Битола, со техн.бр.111/2001 од ноември 2001 година и е составен дел на оваа одлука.
Во член 2 од Одлуката е утврдено дека Планот кој се донесува со оваа одлука содржи: текстуално образложение, графички прилози, стручна ревизија на Нацртот на измените и дополнувањата на овој план, извештај по јавната анкета по Нацртот на планот и согласност на Предлогот за изменување и дополнување на овој план.
Според членот 3 од Одлуката, планот се заверува во рок од 8 дена од денот на донесувањето во 4 примероци, како и оригиналните графички прилози, со потпис и печат на доносителот на планот, а останатите примероци се доставуваат до Министерството за транспорт и врски – Подрачна единица во Кичево и еден примерок до Секторот за уредување на просторот во Скопје.
Во член 4 од Одлуката е утврдено дека овој план ќе го спроведува Министерството за транспорт и врски – Подрачна единица во Кичево.
Според членот 5, примерок од оваа одлука освен до Општина Кичево, се доставува и до Министерството за транспорт и врски – Секторот за уредување на просторот Скопје и Подрачната единица во Кичево.
Според член 6, оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на општина Кичево”.
4. Судот на седницата, врз основа на документацијата доставена од Советот на општината Кичево ја утврди следната фактичка состојба во однос на постапката во која е донесена оспорената одлука:
а) Измените и дополнувањата на овој Детален урбанистички план се вклопуваат во рамките на Програмата за изработка и донесување на урбанистички планови во општина Кичево во 2001 година;
б) По нарачка на Советот на општина Кичево Нацртот на измените и дополнувања на Деталниот урбанистички план “Бала Маало” Кичево го изработил Институтот за урбанизам, сообраќај и екологија “ИН-ПУМА” Д.О.О. Скопје, подизвршител Проектанско Биро “Експеранса – Дизајн” Д.О.О.Е.Л. Битола;
в) Пред спроведување на јавната анкета, на Нацртот за измени и дополнување на овој план е извршена стручна ревизија од Јавното претпријатие за просторни и урбанистички планови – Скопје, кое има овластување за вршење стручна ревизија издадено во 1998 година.
г) Соопштението за спроведување на јавната анкета издадено од градоначалникот на Општината Кичево е објавувано на програмата на Радио Кичево секој работен ден од 1 октомври до 5 октомври 2001 година;
Според ова соопштение, јавната анкета се спроведувала во зградата на општина Кичево и траела од 1 октомври до 11 октомври 2001 година;
д) За изготвување на извештај од јавната анкета градоначалникот на општината именувал трочлена комисија, која што по завршување на јавната анкета изготвила извештај под бр.08-1420/2-6 од 1.11.2001 година;
ѓ) Според Извештајот, во текот на јавната анкета по Нацртот на измените и дополнувањата на овој Детален урбанистички план биле поднесени четири анкетни листови по кои Комисијата се произнела со тоа што некои од барањата истакнати во анкетните листови биле прифатени, а некои не, за што е дадено и образложение ;
е) На Предлогот за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план, во кој претходно биле вградени сугестиите и забелешките од стручната ревизија, како и прифатените барања на граѓаните од јавната анкета, Министерството за транспорт и врски има издадено согласност под бр.13-13277 од 10 декември 2001 година.
ж) Ваквиот Предлог за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план на град Кичево за Населба “Бала Маало” бил разгледуван на седницата на Советот на општина Кичево одржана на 27.12.2001 година, кога е донесена и оспорената одлука под бр.07-1794/17;
5. Планирањето на просторот, видовите, содржината на плановите и изработувањето и постапката за донесување на плановите се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96, 28/97, 18/99, 53/2001 и 45/2002).
Според член 3 од Законот, изработувањето и донесувањето на просторните и урбанистичките планови се работи од јавен интерес.
Според член 11 од Законот, деталниот урбанистички план се донесува за одделни делови на населените места и други подрачја за кои е донесен генерален урбанистички план.Според ставот 3 на овој член деталниот урбанистички план содржи синтезен графички приказ на планските решенија во границата на урбаното подрачје со билансни показатели за урбаните модули и инфраструктурата. Синтезниот графички приказ, пак, содржи: граница на урбаното подрачје, намена на земјиштето на урбаните модули во градежни парцели, површини за изградба на објекти определени со градежни линии и максимална висина и др.
Во однос на постапката за донесување на деталните урбанистички планови, Законот пропишува неколку правила и тоа:
Во член 17 став 1 од Законот, утврдено е дека деталните урбанистички планови, како и сите други урбанистички планови, се изработуваат како нацрт и предлог на план.
По нацртот на деталниот урбанистички план се спроведува јавна анкета, за што согласно ставот 7 на член 17 од Законот одлука донесува градоначалникот на општината, по утврдувањето на нацртот на планот од страна на општинската администрација.
Според член 18 од Законот, јавната анкета се спроведува со излагање на планот на јавно место најдоцна 10 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје доставуваат писмени забелешки на анкетни листови, до организаторот на анкетата.
За времето и местото каде ќе биде изложен планот задолжително се објавува соопштение во јавните гласила.
За јавната анкета се изготвува извештај со образложение за неприфатените забелешки.
Пред организирање на јавна анкета, по нацртот на деталните урбанистички планови, согласно член 19 од Законот се врши стручна ревизија од страна на правно лице кое има добиено овластување, а кое ќе го определи градоначалникот на општината.
Според член 22 став 6, за разлика до измените на Законот извршени во 2001 година, деталните урбанистички планови се донесуваат по издавањето согласност на предлогот на планот од страна на министерството надлежно за работите на уредувањето на просторот.
И на крај, како битен член кој се имаше предвид при одлучувањето по иницијативата е членот 20 став 1 од Законот според кој измените и дополнувањата на урбанистичките планови се вршат по иста постапка пропишана за нивно донесување, доколку со овој закон не е поинаку уредено.
Од наведените законски одредби произлегува дека по нацртот на деталниот урбанистички план задолжително се спроведува јавна анкета и се врши стручна ревизија. Меѓутоа, од начинот и постапката на кои според Законот се спроведува јавната анкета не произлегува обврската за организаторот, посебно, односно поединечно да ги известува заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот, а во случајот и Исламската заедница во Република Македонија – Муфтиство Кичево, за местото и времето, односно рокот во кој што се организира јавната анкета.
Исто така, од Законот не произлегува можност во стручната ревизија на деталните урбанистички планови да учествуваат и други правни лица (освен правното лице кое има добиено овластување за тоа согласно овој закон), ниту, пак, произлегува обврската за планот посебно да се консултираат заинтересираните правни и физички лица од подрачјето опфатено со планот, како што смета подносителот на оваа иницијатива.
Имајќи го предвид наведеното, како и фактот дека по нацртот на оспорениот детален урбанистички план е спроведена јавна анкета и извршена стручна ревизија онака како што е предвидено во Законот, Судот утврди дека наводите во иницијативата според кои оспорената одлука не била во согласност со законот затоа што подносителот не бил посебно известен за јавната анкета и не бил консултиран во фазата на изработка на планот, се ирелевантни, односно не се од влијание за согласноста на оваа одлука со Законот.
Според мислењето на Судот враќањето на градежното неизградено земјиште во сопственост на поранешните сопственици во постапка согласно Законот за денационализација, како и другите евентуално спорни имотно-правни односи во врска со земјиштето опфатено со планот, не претставуваат пречка за урбанистичко планирање на тоа земјиште, а во таа смисла ниту за донесување или изменување и дополнување на детални урбанистички планови. Ова од причини што прво, изработувањето и донесувањето на просторните и урбанистички планови според членот 3 од Законот, се работи од јавен интерес, второ, што градежното земјиште во член 2 од Законот за градежното земјиште, а согласно член 56 од Уставот на Република Македонија, е определено како добро од општ интерес за Републиката и ужива посебна заштита на начин и услови утврдени со овој закон и дека уредувањето на ова земјиште е дејност од јавен интерес, и трето, што е уште позначајно, градежното земјиште, кое според член 6 од Законот за градежното земјиште може да биде во сопственост, освен на Република Македонија, и на домашни и правни лица, може да се експроприра на начин и под услови определени со прописите за експропријација (член 12 став 3).
Од наведените законски одредби произлегува дека во услови кога градежното земјиште може да биде во сопственост и на други правни и физички лица, освен во сопственост на Република Македонија, и кога е отворен процесот за денационализација со урбанистичките планови и актите што нив ги заменуваат се определува само начинот и намените за кои ќе се користи градежното земјиште што е опфатено со овие акти. Тоа, со други зборови значи дека со просторните и урбанистички планови донесени по влегувањето во сила на Законот за градежното земјиште, за разлика од порано, сопственосно-правниот режим врз градежното земјиште затечен пред влегувањето во сила на овој закон не се менува.
Со оглед на тоа што постапките за денационализација и за експропријација се сосема различни и независни од постапката за донесување и изменување и дополнување на урбанистичките планови, Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со Уставот и Законот за просторно и урбанистичко планирање ниту од аспект на наводите во иницијативата според кои оспорениот детален урбанистички план неможел да биде донесен пред да се заврши постапката за денационализација и другите евентуални сопственосни-правни спорови во врска со КП.бр.1319 и 1320.
6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Иџет Мемети, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.48/2003
22 октомври 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова