48/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 71 и 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (Службен весник на Република Македонија бр.70/92), на седницата одржана на 2 април 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Решението за формирање постојани одбори на Советот на Општина Делчево, донесена од Советот на Општина Делчево на 30 декември 1996 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија Илчо Илиев од Делчево му поднесе барање за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што во него е утврдено дека лицето Мирко Иванов е претседател на Одборот за јавни и комунални дејности и претседател на Одборот за одбележување на празници, манифестации и доделување на награди, а истовремено тоа лице било и пратеник во Собранието на Република Македонија што било во спротивност со член 5 од Законот за локални избори, односно постоела неспоивост на функцијата член на Советот на локалната самоуправа и пратеник во Собранието на Република Македонија.

3. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и одлучува за согласноста на прописите и колективните договори со Уставот и закон.

Со оглед на тоа што во конкретниов случај со оспореното решение не се регулираат односи туку со него поименично се утврдуваат лицата кои се членови и претседатели на одделни одбори формирани во Советот на Општината, Судот оцени дека Уставниот суд не е надлежен да го оценува оспореното решение и одлучи како во точкат 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.48/97)