47/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 1 ноември 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 281 од Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија“ бр.28/2004 и 84/2005).

2. Иљо Масинов од Струмица на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената законска одредба не била во согласност со повеќе други членови од Законот за трговските друштва и Уставот на Република Македонија.

Имено, подносителот на иницијативата смета дека со оспорената законска одредба директно се кршел членот 30 од Уставот на Република Македонија бидејќи според содржината на оспорената одредба некој друг, а не сопственикот, одлучува за неговата сопственост. Покрај тоа, ваквата одредба, според наводите во иницијативата била спротивна и на член 321 став 2 од Законот за трговските друштва, од причина што со донесената одлука на сопствениците на две третини од претставните акции на Собранието се повредувале правата и интересите на другите сопственици на акции што не биле присутни на Собранието и не гласале за измената на статутот на начин што нивната сопственост, без нивна изрично изразена воља, ќе се подари на друг.

Оспорениот член, исто така, не бил во согласност ниту со членот 238 ставовите 1, 2 и 3 од Законот за трговските друштва, бидејќи со истиот било предвидено стекнувањето со акциите да се одвива по Програма што ја носи собранието, односно стекнувањето на акциите од вработените да се одвива во одреден временски интервал. Имено, од содржината на оспорениот член не можело точно да се заклучи на кој вработен се мисли кога им се дава можност да се стекнат со бесплатни акции или акции по повластена цена, односно дали со тоа лицето кој во моментот на донесување на одлуката за основање на фонд од кој би се стекнале со акции, се вработени во друштвото, или лицата кој биле порано вработени во друштвото, а сега од различни причини не се вработени или лицата кои допрва ќе се вработат во друштвото?

Во ставот 2 од оспорениот член било предвидено дека критериумите за распределба на бесплатните акции ги донесува собранието, што значи дека законски не е дефиниран уделот во делбата на бесплатните акции и акциите со повластена цена, што според иницијативата, се оставало можност едно вработено лице да се стекне со различен број акции од друго вработено лице.

Од овие причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на член 281 од Законот за трговските друштва.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 281 од Законот за трговските друштва е предвидено дека со статутот може да се определи основање фонд од кој што вработените можат да стекнат акции на друштвото бесплатно или по повластена цена. Акциите кои што вработените можат да ги стекнат од фондот, можат да изнесуваат најмногу до една десеттина од основната главнина.

Со статутот се уредува организацијата и управувањето со акциите на фондот, како и користењето и начинот на распределбата на средствата наменети за акции за вработените. Ако се основа фондот од ставот 1 на овој член, собранието донесува програма според која вработените ќе можат да стекнуваат акции. Одлука за издавање акции наменети за фондот од ставот 1 на овој член, како и за критериумите за нивната распределба донесува собранието.

Акциите од ставот 1 на овој член, фондот може да ги стекнува од сопствените акции што во согласност со овој закон ги стекнало друштвото или од акциите издадени од имотот на друштвото што ја надминува основната главнина, од резервите и акумулираната добивка со истовремено зголемување на номиналниот износ на основната главнина.

4. Согласно член 30 од Уставот на Република Македонија се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Според ставот 3 на овој член од Уставот никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон, а во ставот 4 на овој член е предвидено дека во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Во членот 3 став 1 точка 3 од Законот за трговските друштва е предвидено дека акција е хартија од вредност, во која што е претставен дел од основната главнина и во која се отелотворуваат правата на акционерот кој, како сопственик на акцијата не е доверител на друштвото ниту сопственик на еден дел од имотот на друштвото.
Оспорениот член 281 од Законот е поместен во Глава IV со наслов „Акционерско друштво“ во Оддел 2 – со поднаслов „Акции“.

Според член 270 од Законот акционерското друштво е трговско друштво во кое акционерите учествуваат со влогови во основната главнина, која што е поделена на акции. Според ставот 2 од истиот член, акционерите не одговараат за обврските на акционерското друштво. Во ставот 3 од овој член од Законот, е предвидено дека од одредбите од овој закон, со кои што се уредува акционерското друштво, може да се отстапува на начин и според условите пропишани со овој закон и со други закони.

Според член 274 од Законот, акциите се издаваат, се пренесуваат и се водат во форма на електронски запис во Централниот депозитар за хартии од вредност на Република Македонија, во согласност со закон. Согласно ставот 2 на овој член од Законот, акциите спрема друштвото се неделиви.

Од анализата на наведените законски одредби произлегува дека акцијата е долгорочна хартија од вредност и е дел од основната главнина на друштвото. Акцијата претставува збир на правата и обврските и не толку цврсто врзани за акционерскиот статус на акционерот во друштвото, туку од поседувањето на акцијата, односно од правата кои произлегуваат од нејзиниот имотен карактер за акционерот, кои главно се состојат во тоа дека акционерот има право на учество во распределбата на добивката на друштвото, право на остатокот кој ќе преостане по ликвидацијата или стечајот на друштвото, право на купување нови акции, доколку друштвото издаде нови акции и право на плаќање на надоместок за намирување на дополнителните обврски.

Имено, акцијата, како хартија од вредност, означува инструмент, договор, чија цел е остварување добивка врз основа на претпримачкиот и менаџерскиот труд на други. Акцијата се издава, пренесува и води како електронски запис во Централниот депозитар на хартии од вредност и таа претставува сопственичка хартија од вредност која претставува доказ за сопственост на идеален дел од основната главнина на акционерското друштво.

Акциите се стекнуваат со уплата при првото издавање, купување, наследување, подарување, компензација, залог и на други начини утврдени со Законот за хартии од ввредност („Службен весник на Република Македонија“ бр.63/2000).

Според член 277 став 1 од Законот, друштвото издава обични акции, а може да издава и други акции со различни права. Според ставот 2 на овој член, акциите што даваат исти права сочинуват ист род акции. Според правата акциите можат да бидат обични и приоритетни.

Според член 278 став 1 од Законот, обичните акции се акции кои им даваат на нивните сопственици право на глас во собранието на друштвото, право на исплата на дел од добивката (дивиденда) и право на исплата на дел од остатокот од ликвидационата, односно стечајната маса на друштовото.

Во ставот 2 од членот 278 од истиот Закон, се предвидува дека приоритетните акции покрај правата од ставот 1 на овој член даваат и други повластени права, како што се правото на дивиденда во однапред утврден паричен износ, или во процент од номиналниот износ на акцијата, право на првенство при исплата на дивиденда, правото на исплата на остаток од ликвидациона, односно стечајна маса и други права определени во статутот и во одлуката за издавање акции, во согласност со закон.

Бесплатните акции или акциите по повластена цена кои се предвидени со оспорената одредба, се посебен род, односно класа на акции кои се разликуваат од обичните (редовните) акции. Имено, обичните (редовните) акции се акции кои на сопственикот на акциите му даваат право на глас во собранието, исплата на дел од дивидендата (добивката) и исплата од остатокот на ликвидационата, односно стечајната маса на друштвото. За разлика од нив, бесплатните акции или акциите по повластена цена на сопственикот на акциите му даваат некои повластени права (на пример правото на превенствено купување на акциите во случај на смрт или престанок на работниот однос на вработен, освен во случај на пензионирање). Акциите од овој род можат да се издаваат само од имотот на друштвото и, притоа, кој ја надминува основната главнина, и тоа најмногу до една десетина од основната главнина.

Оттука, според Судот, со оспорената одредба на вработените во друштвото, под определени услови со основање на посебен фонд им се дава можност да стекнат акции на друштвото бесплатно или по повластена цена. Имено, од содржината на оспорената законска одредба неспорно произлегува дека во конкретниов случај станува збор за средства односно акции кои се во сопственост на друштвото, а со кои вработените во друштвото можат да ги стекнат од фондот на начин, организација и управување регулирано со статутот на друштвото. Исто така, во случај на основање на овој фонд, собранието на друштвото донесува посебна Програма според која вработените ќе можат да стекнуваат акции.

Определената законска можност, со сега оспорената одредба, вработените да стекнуваат акции од ваков род и вид, според Судот не е во спротивност со член 30 од Уставот на Република Македонија, на што се повикува иницијативата, од причина што со давањето на ваквата можност на вработените воопшто не се задира во правата на акционерите кои им произлегуваат од акциите во зависност од родот на акциите (право на глас во собранието на друштвото, право на исплата на дел од добивката и право на исплата на дел од остатокот од ликвидационата, односно стечајна маса на друштовото).

Имено, од анализата на оспорениот член од Законот произлегува дека бесплатните акции, акциите по повластена цена, фондот може да ги стекнува од сопствените акции на друштвото стекнати во согласност со закон (што значи не се акции на акционерите, туку на друштвото) или пак од акциите издадени од имотот на друштвото што ја надминува основната главнина, кој имот е сопственост на друштвото, како и од резервите и од акумулираната добивка со истовремено зголемување на номиналниот износ на основната главнина.

Оттука, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека акциите кои што можат вработените да ги стекнат бесплатно или по повластена цена се одземаат од акционерите, со што се повредувало правото на сопственост на акционерите. Ова од причина што со овој вид, односно род на акции вработените се стекнуваат, односно издаваат само од имотот на друштвото кој ја надминува основната главнина најмногу до една десеттина од основната главнина.

Во членот 3 став 1 точка 21 од Законот за трговските друштва децидно е определено значењето на изразот „имот на друштвото“, кое подразбира севкупност на правата, сопственички и други стварни права што друштвото ги стекнува на добрата (парите, стварите и правата) што содружниците, односно акционерите ги вложиле или кои што друштвото ги стекнало со своето работење.

Имајќи го во вид значењето на изразот, според Судот со стекнувањето на бесплатните акции и акциите со повластена цена не се задира во сопственоста на акционерите, и нема повреда на член 30 од Уставот, бидејќи во конкретниов случај станува збор за имот на друштвото, а не на акционерите. Со тоа, не може да се прифати дека со оспорената законска одредба на акционерите им се одзема односно ограничува сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, бидејќи истите такво право и немаат.

Што се однесува до наводот во иницијативата дека оспорената законска одредба не била во согласност со членовите 283 и 321 од Законот за трговските друштва, Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да ја оценува меѓусебната согласност на одредбите од Законот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.47/2006
1 ноември 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи