47/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 23 март 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за здравствено осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.25/2000, 34/2000, 96/2000, 50/2001, 11/2002 и 31/2003).

2. Симо Велиновски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата Законот бил несогласен со Уставот затоа што не содржел одредба со која би се предвидувало здравствената заштита на сите пензионери кои привремено престојуваат надвор од постојаното место на живеење, каде што користат и здравствени услуги, да не им се наплаќа за истите, независно што нивниот матичен лекар не се наоѓа во местото на нивното престојување.

3. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување.

Со оглед на тоа што подносителот на иницијативата го оспорува Законот затоа што не содржи одредба каква што тој смета дека треба да биде содржана, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.47/2005
23 март 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова