47/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 септември 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 137 став 5 од Законот за високото образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.64/2000).

2. Таип Јакупи, од с.Никиштани на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членот 137 став 5 од законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијатива, со оспорената одредба од Законот, на лицата избрани во соработнички звања помлад асистент и помлад лектор во високообразовните установи им се ограничувале уставно загарантираното право на работа, како и правата на социјална сигурност и социјално осигурување поради што овие лица биле ставени во нерамноправна положба во однос на другите лица кои, исто така, имале завршено високо образование, а се вклучени во извршување на работни задачи од други области и дејности кај други работодавачи било според Законот за работните односи или другите закони кои предвидувале посебни услови за засновање на работен однос во тие области односно дејности.

Поради наведеното подносителот смета дека оспорената одредба од Законот не била во согласност со членовите 9, 32 и 34 од Уставот на Република Македонија и предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на нејзината согланост со овие членови од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 137 од Законот, за помлад асистент може да биде избрано лице кое има завршено соодветно високо образование со просечна оценка од најмалку 8,00 (осум), кое се служи со еден од светските јазици и покажува способност за наставно-научна, наставно-стручна, односно наставно-уметничка работа (став 1).

По исклучок од ставот 1 на овој член за помлад асистент на високообразовна уставноа може да биде избрано лице со просечна оценка од најмалку 8,00 (осум), на предметите на кои се избира ако, покрај другите услови утврдени со овој закон, е натпросечно талентирано во областа на културата и уметноста и има психофизички способности кои се неопходен услов за вршење на соработничката дејност (став 2).

За помлад лектор може да биде избрано лице кое има завршено соодветно високо образование со просечна оценка од најмалку 8,00 (осум), кое во потполност владее со странскиот јазик и покажува способност за наставна работа (став 3).

Правата и обврските на помладиот асистент, односно помладиот лектор се утврдуваат со статутот на високообразовната уставнова (став 4).

Лицето од ставовите 1, 2 и 3 на овој член не стекнува работен однос, но има право на запишување на последипломските студии без надоместок, право на здравствено осигурување и право на паричен надоместок. Помладиот асистент односно лектор има обврска да се запиште на последипломски студии најдоцна во наредната учебна година по изборот (став 5 кој е оспорен).

Високообразовната установа и помладиот асистент, односно помладиот лектор склучуваат договор со кој ги уредуваат меѓусебните права и обврски (став 6).

4. Според член 9 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Според ставот 2 на овој член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност. Според став 2 на овој член, секому под еднакви услови му е достапно секое работно место, а спроед ставот 3 и 4, секој вработен има право на соодветна заработувачка, на платен дневен, неделен и годишен одбор и од овие права вработените не можат да се откажат.

Според ставот 5 на истиот овој член од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и колективни договори.

Според член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и колективен договор.

Од наведените уставни одредби јасно произлегува дека правото на работа, како едно од основните економски права на човекот, во прв ред се остварува во облици и со извршување одделни видови работа под услови утврдени со закон и колективни договори со кои се уредува остварувањето на правата на вработените и нивната положба. Предмет на уредување на овие акти, според Уставот се и правата на социјална сигурност и социјалното осигурување.

Согласно уставното овластување од членот 32 став 5 од Уставот законодавецот одделни прашања кои се во функција на остварување на правата и положбата на вработените во областа на високото образование ги уредил на посебен начин во Законот за високото образование наспроти општите правила и норми утврдени во Законот за работните односи. Впрочем, и во членот 2 на овој Закон е утврдено дека работниот однос освен со овој се уредува и со друг закон и колективен договор.

Како особено значајни одредби во напред наведената смисла се решенијата утврдени во членовите 129, 130, 133, 137, 141, 142, 144 и 146 од Законот за високото образование.

Така, во членот 129 од Законот се определува кои лица можат да ја вршат високообразовната дејност на факултетите и високите стручни школи, а тоа по правило е само лице избрано во наставно-научно, односно наставно звање за времето за кое е избрано, а по исклучок, високообразовната дејност за последипломски студии и докторски студии може да врши и лице избрано во научно, односно соработничко звање согласно со одредбите на Законот за наставно-истражувачката дејност, според еквивалентноста на звањата утврдени во Законот за високото образование.

Во членот 130, пак, од Законот, освен што се утврдени соработничките звања (помлад асистент, асистент, помлад лектор и уметнички соработник) утврдено е дека соработниците учествуваат во наставно-образовниот процес во обем определен со статутот на високообразовната установа и тие не можат самостојно да држат предавања и да спроведуваат испити.

Понатаму, во членовите од 133 до 138 од Законот се утврдени условите, односно според Законот – критериумите за избор во одделни наставно-научни звања (член 138), во лекторски звања (член 134), посебните критериуми за избор во звања по стручно-уметнички предмети (член 135), критериуми за избор во звања на висока стручна школа (член 136) и критериуми за избор во соработнички звања (член 137 и 138 од Законот).

Анализата на наведените одредби од Законот упатуваат на заклучок дека скоро за сите наставно-научни и лекторски звања на факултетите и за наставните звања на високо-стручните школи се утврдени посебни услови, со тоа што со исклучокот од член 135 за избор на овие звања, покрај другите критериуми, како најнизок степен на образование се предвидува лицето да има завршено последипломски студии. Овој услов е предвиден на пример за избор во наставно-стручното звање лектор и виш лектор, како и за наставните звања на високите стручни школи – предавач и виш предавач. За сите други наставни звања утврдени во Законот е предвиден научен степен – доктор на науки од научната област во која се избира.

За разлика од ваквото решение во поглед на степенот на образование, за избор во соработничките звања помлад асистент и помлад лектор, Законот во членот 137 предвидува лицето да има завршено соодветно високо образование со просечна оценка од најмалку 8,00 (осум).

При оценување на уставноста на оспорениот став 5 на членот 137, Судот го имаше предвид и членот 141 од Законот. Според овој член, лицата избрани во наставно-научно, научно и наставно звање, односно во соработничко звање асистент засноваат работен однос и остваруваат права и обврски од работен однос во согласност со овој и друг закон и колективен договор. Со извршнениот избор во наведените звања избраното лице заснова работен однос за времето на кое е избрано.

Освен од оспорената одредба, и од формулацијата на член 141 од Законот може да се констатира дека статусот на вработен во високообразовна установа е резервиран само за лице избрано во наставно-научно, научно и наставно звање, како и во соработничкото звање асистент, а не и за лицата избрани во соработничките звања помлад асистент и помлад лектор.

Определувањето дека овие лица не стекнуваат работен однос, но имаат само право на запишување на последипломски студии без надоместок, право на здравствено осигурување, право на паричен надоместок, како и обврска да се запишат на последипломски студии најдоцна во наредна учебна година, според мислењето на Судот произлегува од самиот карактер и особеностите на високообразовната дејност и е во зависност од процесот, начинот и условите за вршење на работите од оваа дејност утврдени во Законот за високото образование.

Или, поконкретно и со други зборови кажано, токму утврдените услови што треба да ги исполнуваат лицата кои ја вршат високообразовната дејност, а тоа според Законот се само лицата избрани во наставно-научно, односно наставно звање, а не и соработниците, кои спроед член 130 од Законот само учествуваат во наставно-образовниот процес, преставуваат доволна основа и аргументи за оправданост на решението според кое, лицата избрани во звањето помлад асистент и помлад лектор не стекнуваат, односно не засноваат работен однос во високообразовната установа. Но, тоа истовремено не значи дека со ова решение овие лица се ставени во нееднаква положба во однос на другите лица со високо образование кои што засновале работен однос според Законот за работните односи или другите закони во кои за вршење на работи од определени области и дејности високото образование е предвидено како посебен услов, што не е случај во Законот за високото образование.

Поаѓајќи од тоа, Судот смета дека лицата избрани во звањето помлад асистент и помлад лектор на високообразовна установа не можат да се изедначуваат со вработен работник во други области и дејности на начин и под услови предвидени во други закони, само заради тоа што и едните и другите имаат високо образование, бидејќи посебните услови за вршење на високообразованта дејност се различни и тие се применуваат еднакво за сите лица кои што се определиле за вршење на работи од оваа дејност.

Поради сите напред наведени причини, Судот оцени дека со оспорената одредба од Законот не се повредува принципот на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, ниту, пак, се ограничува уставното право на достапност на секое работно место на секому под еднакви услови, поради што и не може да се постави прашањето за нејзината согласност со членот 9 и членот 32 од Уставот.

Исто така, Судот оцени дека со оспорената одредба не се ограничуваат ниту правата на социјална сигурност и социјално осигурување, бидејќи утврденото право на паричен надоместок и здравствено осигурување се во функција на остварување токму на овие уставно загарантирани права, поради што не го постави прашањето за согласност на ставот 5 на член 137 од Законот ниту со член 34 од Уставот од чиј аспект, исто така, се оспорува неговата уставност.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.47/2002
18 септември 2002 год.
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов