47/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 11 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 март 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Правилникот за висината на надоместокот на трошоците за закоп (“Службен весник на Република Македонија” бр.3/92).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што оспорениот правилник бил донесен врз основа на законска одредба што Уставниот суд на Република Македонија ја укинал, поради што не можело во правниот поредок да опстојува подзаконски пропис кој ја изгубил својата законска основа.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот правилник е донесен од Министерството за здравство врз основа на член 194 став 1 од Законот за здравствената заштита и со него се уредува висината на надоместокот на трошоците за закоп на осигурениците на здравствената заштита и на членовите на нивните семејства.

4. Уставниот суд на Република Македонија, постапувајќи по предметот У.бр.137/99, на 26 јануари 2000 година донел Одлука со која го укинал член 194 од Законот за здравствената заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/91, 46/93 и 55/95), во делот што гласи: “односно со општ акт на Министерството за здравство”. Притоа, Судот, со оглед на тоа што членот 194 од Законот за здравствената заштита го утврдил само правото на надоместокот на трошоците за закоп кој се исплатува од Фондот за здравствено осигурување, при што Законот не утврдил ниту основи за уредување на ова право, ниту ги утврдил рамките на овластувањето на органот на државната управа, туку упатил дека таа ќе се уреди со правилник на Министерството за здравство, оценил дека оспорениот дел од оваа одредба што гласи: “односно со правилник на Министерството за здравство” не е во согласност со Уставот.

Според член 194 од Законот за здравствената заштита до уредувањето на правото на надоместок на плата за време на отсутниот од работа поради бременост и породување и надоместок на трошоците на закоп со друг закон, правото на овие надоместоци ќе се остварува од Фондот за здравствено осигурување во висина од 100% од основицата утврдена според член 20 од овој закон.

Во согласност со член 160 од Законот за органите на управата, функционерите кои раководат со органите на управата донесуваат правилници, наредби и упатства за извршување на законите и на другите прописи и општи акти на Собранието на Републиката, кога за тоа се овластени со тие закони.

Тргнувајќи од наведеното, јасно произлегува дека основот врз кој е донесен оспорениот правилник е укинат и непостои друг законски основ за негово донесување, поради што, пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот правилник со одредбите на Уставот, член 194 од Законот за здравствената заштита и член 160 од Законот за органите на управата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.47/2000
29 март 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков