47/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 17 април 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 30 од Законот за персоналниот данок од доходт (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 3/94 и 70/94), во делот “а кое по правило не може да биде пониско од просечната плата остварена во Републиката”.

2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива, од Томе Бошевски од Битола, за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение, затоа што предвидувањето вршителите на стопанска и професионална дејност кои се должни да водат деловни книги, да плаќаат персонален данок на основане пониска од остварената просечна плата во Републиката, значело дека тие субјекти се ставени во нееднаква, понеповолна положба на пазарот во однос на другите правни лица, како и во однос на вршителите на стопанска и професионална дејност кои плаќаат данок на паушално утврден приход кој данок не може да биде повисок од остварената просечна нето плата во Републиката, поради што наведениот дел од член 30 на Законот не бил во согласност со член 55 став 2 од Уставот на Република Македонија.

3. На седницата Судот утврди дека, според член 30 од Законот, основа на данокот од доход на личните примања од стопанска и професионална дејност претставува личното примање кое даночниот обврзник го утврдува во даночниот биланс согласно со одредбите од Законот за данокот од добивка, а кое по правило не може да биде пониско од просечната плата остварена во Републиката.

Судот, исто така, утврди дека, според член 31 од Законот, за вршители на стопанска и професионална дејност кои данокот го плаќаат според паушално утврден приход, основата за оданочување изнесува до висината на просечната нето плата остварена во Републиката.

Од изнесените законски одредби произлегува дека вршителот на стопанска и професионална дејност кој е должен да води деловни книги данокот го плаќа според реалните примања, што значи исто како и другите даночни обврзници, доколку билансот на приходите и расходите го утврдува согласно одредбите од Законот за данокот од добивка.

4. Според член 55 став 2 од Уставот на Република Македонија, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.

Имајќи предвид дека оспорената законска одредба обезбедува истоветна даночна основа за вршителите на стопанска и професионална дејност кои се должни да водат деловни книги со другите правни субјекти и со вршителите на таквите дејности кои данокот го плаќаат паушално, доколку во деловните книги даночниот биланс го утврдуваат согласно Законот, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 30 од Законот со наведената уставна одредба, поради што одлучи како во точкат 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов (У.бр.47/96).